Москва: Руската Дума усвои нов закон за анти тероризам

Руската Дума го прифати денеска третото, завршно читање на Законот за борба со тероризмот. Тој беше поддржан од 423 пратеници, еден гласаше против, а осум гласаа воздржано. Усвоениот текст ќе го замени актуелниот федерален закон за борба со тероризмот од 1998 година. Новиот закон попрецизно ги формулира принципите, поимите и организациските механизми за активности против терористички закани. Тој предвидува два режима на дејствување - вонредна состојба и антитерористичка операција. Специјалните служби можат да прислушуваат телефонски разговори и да ги контролираат електронските врски во областите каде што е во тек контратерористичка операција. На противвоздушната одбрана и е дозволено да соборува авиони, грабнати од терористи. Законот одредува и правни механизми кои дозволуваат при антитерористичка операција да биде користено оружје и боева техника.