Охридскиот договор почнува да се применува и на Косово, изјави Тачи

Косово веќе почна да применува делови од Охридскиот Договор, посебно моделот за децентрализација кој беше применет во Македонија, изјави во Скопје лидерот на Демократската Партија на Косово и шеф на делегацијата на Косово во преговорите со Србија Хашим Тачи, по средбата со македонскиот премиер Владо Бучковски:

„Сакам да ја искоритам оваа пригода и да изјавам дека елементите од Охридскиот договор веќе почнаа да се применуваат и во Косово и мислам дека тоа е една позитивна вест.“

„Можам да го изразам задоволството што нашето искуство во имплементацијата на Рамковниот договор посебно децентрализацијата,наидува на посебен интерес токму сега кога на 20-ти февруари се очекува да започнат разговорите за евентуалниот финален статус на Косово. Македонија не претендира и понатаму да има готови решенија за ова прашање, туку претендира да биде конструктивна и да промовира неутралност, но од друга страна и прагматичност и реалистичност.“


изјавија Хашим Тачи и премиерот Владо Бучковски. Гостинот од Косово повтори оти верува дека во 2006-та ќе се затвори косовското прашање и дека верува во европската иднина на Македонија:

„Јас верувам во нашата соработка, во иднината и перспективата на двете земји. Се разбира верувам и во независно Косово и европска Македонија.“

Премиерот Бучковски најави дека до крајот на месецов ќе оствари средби со лидерите на регионов со кои ќе разговара за косовското прашање, почнувајќи со српскиот претседател Борис Тадич, црногорскиот премиер Мило Ѓуканович и албанскиот Сали Бериша. Што се однесува до официјалниот став на македонската Влада по однос на косовското прашање тој се разликува со тој на претседателот Бранко Црвенковски кој инсистира на почитување на секое решение кое ќе произлезе од преговорите меѓу Приштина и Белград со посредство на меѓународната заедница. Владата пак, како што вели Бучковски ќе има реален и прагматичен пристап кон ова прашање.