Скопје: Почна новогодишната програма на Плоштадот Македонија

Со традиционалното пристигнување на Дедо Мраз со златна кочија и настапот на децата од хорот Златно славејче, денеска точно на пладне на Плоштадот Македонија почна Новогодишната програма организирана од Градот Скопје за дочек на Новата 2006 година. Во рамките на програмата за најмладите ќе настапат и жонглери и акробати, ѕвездите на М 2 и Адријан Гаџа. Вечерва во 20:30 часот на плоштадот ќе настапат Сецешн џез бендот, Александра Пилева, Бени Шаќири, "Синтезис", Есма, и групата "Блејзери". Точно на полноќ ќе настапат оперските ѕезди Ана Дурловска и Цветан Стојановски по што ќе следи едночасовниот шоу на Тоше Проески, спонзорирано од „Космофон". Во раните утрински часови скопјани ќе ги забавува Ди-џеј Никифор. Точно на полноќ небото над Скопје ќе биде осветлено од спектакуларен огномет, донација на "Македонски телекомуникации". Градските власти поучени од немилите настани од минатогодишниот дочек на Новата Година, кога од залутан куршум загина 19-годишната Наташа Кметовска, заедно со МВР најавија дека ќе направат план за начинот на кој ќе се обезбедува Плоштадот за време на новогодишната ноќ, со цел да се спречи појавата на инциденти од поголем карактер.