Предлогот не го оправдуваат останатите партии

Шефот на државата не треба да се избира на општи и непосредни избори, туку за него треба да гласа Парламентот. Ова е најновиот предлог на Демократската унија за интеграција. Ваквото барање на партијата што повлекува уставна измена, ќе биде во интерес на граѓаните, посочуваат од ДУИ:

„Мислиме дека со бирање на ваков начин ќе се избегнат нерегуларностите и ќе се намалат трошоците“

изјавува потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити. Тој истакнува дека претседателот би се избирал според Бадинтеровото мнозинство, што значи за него да гласаат повеќе од половина од припадниците на заедниците.
Според либералот Стојан Андов изборот на председател од страна на Парламентот е добра идеја, но доколку се исклучи ваквиот избор да се прави со Бадинтерово мнозинство:

„Ние мислиме дека ако се воведе Бадинтерово мнозинство, може да настапи блокада во изборот и да биде оневозможен изборот на претседател во зависност од моменталниот распоред на силите на албанците во Парламентот.“

Според пратеничката Славица Грковска од СДСМ, досегашниот начин на избор на председател треба да остане, но таа не ја исклучува можноста да се разгледаат другите опции.

„За мене лично е поприфатливо граѓаните на Македонија да го избираат Претседателот, но мислам дека намалувањето на цензусот може да биде решение на тие прашања.„

И за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, предложениот модел на избор на председател не е добра идеја, оти на тој начин ингеренциите на шефот на државата би се намалиле, а тој би ја загубил својата независност.

„Скоро никакви ингеренции нема да има. Човек што се наметнува преку Парламентот, односно Владата на тој начин ќе се наметнува, барем според сегашните услови во Македонија.“

Според уставот на Република Македонија, претседателот се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години.