Атина: 121 лица загинаа во авионска несреќа под нејасни околности

Патнички авион од типот Боинг 737 на кипарската компанијата Хелиос ерлајнс со 121 патник и членови на екипажот денеска напладне се урна во месноста Маратон во Грција. Сите луѓе во авионот кој падна точно во 12 часот и 20 минути на 60 километри северно од Атина се државјани на Кипарската република, јавија грчките гласила. Според очевидци авионот неконтролирано со голема брзина удрил на земја, се распаднал и се запалил . Голем број спасувачки екипи се наоѓаат на местото на несреќата, а многубројните пожарникари се обидуваат да го изгаснат огнот, кој гори со пречник од околу 300 метри. Авионот летал на чартер линија Ларнака-Атина-Прага. Воздухопловот најверојатно се урнал поради киднапирање, јавија грчките гласила, повикувајќи се на извори во министерството за одбрана на Грција, кое се уште ништо официјално не соопштило. Пред уривањето патничкиот авион бил следен од два грчки борбени авиони од типот Ф-16, бидејќи ја менувал насоката и немал врска со контролата на летањето на атинскиот аеродром. Екипажот на воениот авион видел како еден од пилотите лежи над седиштето, додека вториот пиолот не бил таму, јави радиото. Премиерот Костас Kараманлис и останатите министри го прекинале одморот и итно се враќаат во Атина.