Македонските институции остануваат затворени за јавноста

Транспарентноста како политика во Македонија сеуште претставува нова работа, иако нашата земја, како демократско општество се гради десетина години. Поголема промена не се чувствува и покрај тоа што во последно време новинари стануваат портпароли. Тој тренд, според луѓето кои имаат искуство во работата во медиумите и портпаролството, главно се објаснува како последица на природата на носителот на главната функција во една институција и тоа претставува главниот проблем. Со други зборови, работата на една институција се сведува на личниот печат на нејзиниот шеф:

„Од него конкретно зависи и колку неговите потчинети можат да излегуваат пред јавност. Дури и портпаролите во некои министерства и институции се спречуваат од своите надлежни да не излегуваат во јавноста и да не кажуваат ништо без нивна дозвола. Таа фрустрација кај многу од портпаролите влијае и тоа е една од пречките за една ненормална комуникација на државните органи со јавноста и мислам дека е тоа објективен проблем,“

вели Зоран Иванов, директор на новинската агенција МИА и поранешен портпарол на владата. Со неговата забелешка, дека нетранспарентноста на институциите во голем дел зависи од природата на носителот на главната функција, се согласуваат и директорот на агенцијата за информации Веле Митановски и Гоце Пачемски, кој има искуство на портпарол. Но, тие наведуват и други фактори од кои зависи транспарентноста на институциите:

„Сеуште нема професионални норми, за луѓето во овој бизнис на односи со јавност. Така што, веројатно и тие не знаат како да се однесуваат. Тоа го кажувам за индивидуални случаи, тоа не е правило во Македонија,“

вели Пачемски. Митановски пак, додава:

„Секако дека има личен печат, на чело на институциите се личности со сите слабости и доблести. Но, друго е прашањето колку медиумите подлегнуваат на политичко бизнис впреги итн.“

Иванов има поинакво гледиште:

„Дури и граѓаните и јавноста знаат, дека од надлежниот зависи колку институцијата е отворена или затворена. По мене се две работи, прво, страв од јавноста, а стравот доаѓа од непознавање на сопствените обврски или страв од потезите што се влечат, кои можеби не се во согласност со прописите и законите.“