Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На локалните избори почеток на нов политички момент во Македонија

Тактизиравте до последен момент, господине Груевски, на крај, сепак, ја поддржавте кандидатурата на господинот Костовски. На што се должи таквиот потег на вашата партија?

Па, тоа воопшто не беше тактизирање. Се работеше за една подлабинска анализа внатре во партијата и консултации внатре во партијата и со коалиционите партии. Сепак, оваа одлука е една од поголемите одлуки што ги носи партијата, една од покрупните одлуки, а јас секогаш во животот практикувам, кога носам крупни одлуки, тоа да го направам без брзање и пообмислено. И конечно, знаете како е во животот, брзи одговори давате кога немате избор, кога имате избор, тогаш размислувате, ставате на кантар, што е подобро, што е полошо, што во една, што во друга ситуација и го носите решението што цените дека е најдобро и за државата и за партијата. Во овој случај, ние на крајот сепак многу повеќе се определивме за општите интереси на граѓаните отколку за интересира на партијата и прифативме единствен кандидат на опозицијата, не кандидирајќи наш кандидат. Кандидат за којшто сигурно веруваме дека ќе победи, особено по оваа наша поддршка и кандидат којшто дават отворена поддршка на евро атлантските процеси на Република Македонија што не охрабри дополнително да размислуваме во таа насока. Инаку, во претходниот период, што вие го нарекувате тактизирање, а ние ви укажуваме, дека во тој период размислувавме, споделувавме мислења, дискутиравме, анализиравме итн. имаше повеќе опоции. Имаше една струја во партијата што инсистираше сепак да одиме со свој кандидат, имаше опција да го поддржиме кандидатот на коалициониот партнет и опција којашто сметаше дека треба да се оди со единствен кандидат на опозицијата и по бројни анализи, ние во законскиот рок што ни беше оставен, си донесовме одлука зад која застана целата партија. Јас сум поддржувач на такви процеси, да има внимателни анализи, консултации и внимателно носење на оценките. Тоа не значи, дека човек пак не може да згреши во животот, меѓутоа, барем си го поминал оној процес и конечно партијата има внатрешна демократија, и редно е да се прашаат повеќе структури, да се прашаат базата, раководството, коалиционите партии, да се споделат мислењата, да се преспијат неколку вечери со тоа и да се донесе конечна одлука.

Му наштетивте ли на господинот Костовски со ваквото тактизирање? Така гласеше изјавата на лидерот на СДСМ Бучковски.

Па, добро, ние кажавме дека господинот Бучковски е малку оптеретен со анкетите како експерт за анкети и дека не се сомневаме дека тој добро барата со анкети и логично е дека во периодото кога тој правел анкети, поддршката за господинот Костовски не беше толку колку што веројатно се посакувало. Но, по официјализирањето на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, согласно на тоа и поддршката на господинот Трифун Костовски значајно порасна и би сакал да ги слушнам мислењата на нашиот познат експерт за анкети како се сега, во однос на анкетите. Него го знаеме уште од перидот на летните одмори кога со неговата анкета на емисијата „Чуму“ на А1 телевизија, којашто беше објаснета со тоа што лице во текот на ноќните часови влегло во Министерството за одбрана и неколку илјади пати свртело телефон во корист на господин Бучковски и владата, така што, како докажан експерт, еве сега, нека каже како стојат работите. Ова малку на шала го кажувам нели, можеби некој период нашето размислување и анализирање отвораше некои размислувања во однос на господинот Костовски, ако најголемата опозициона партија се мисли и се колеба, барем така изгледаше од надвор, веројатно има нешто. И нормално и кај многу други граѓани се јавува скептицизам. Но, мислам дека по обемната анализа и по објавувањето на нашата одлука, драстично порасна поддршката на господинот Трифун Костовски и дека веќе е сосема извесно кој ќе биде градоначалник на Скопје – тоа е господинот Трифун Костовски.

Господине Груевски, кој е вашиот противник на овие избори, СДСМ или пак, како што се говори во јавноста вашите довчерашни сопартијци?

Сосема е јасно дека наш противник е СДСМ. Политички противник се разбира. И тоа е тоа, се друго се помали партии коишто од позадина, од страна, се обидуваат нешто да направат и тоа е легитимно од нивна страна. Тоа ќе се види сега во текот на кампањата, дали сме насочени кон другите партии или кон СДСМ. Во Република Македонија има по две големи партии во македонскиот и албанскиот блок. Во македонскиот, тоа се, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и во албанскиот ДПА и ДУИ.

Во евентуалниот втор круг во Скопје, планирате ли да соработувате со некои од албанските политички партии?

Па, во овој момент сите опции се на маса по тоа прашање. Така што, доколку Ристо Пенов се извлече во првиот круг и не загуби, тогаш ќе ги видиме состојбите и сите опции се на маса. Ниту потврдувам, ниту исклучувам, се е во игра.

Како гледате на идејата за регионализација која ја заговараат ДПА и ПДП?

Моето мислење е дека еден ваков систем на локална самоуправа би можел да биде воведен во некоја подоцнежна фаза од развојот на Македонија, во моментите, пред или околу влегувањето во ЕУ. Меѓутоа, после неуспешниот референдум, нормално е одредени структури да бараат чекор натаму, така што, за мене, ова барање не е изненадување и најверојатно некогаш ќе го добијат. Работата е, за да не се создаваат меѓуетнички тензии, да не биде тоа сега, туку да биде во периодот пред или по влегувањето во ЕУ. Овој систем има и свои предности и слаби страни, така што експертите во оваа област ќе се изјаснат по стручна гледна точка. Од политичка гледна точка и од она што го познавам од експертите, мислам дека генерално можно е дури и ова да ни биде поставено како барање од ЕУ за влез во Унијата. Во овој период, еве, сеуште не сме го вкусиле новиот закон којшто помина. За којшто ние немаме добро мислење. Логично е, ако тој закон се донел пред неколку месеци, прво да се спроведе, да се видат ефектите од тој закон, слабите и добрите страни, па во иднина ќе се размислува дали треба или не треба негова промена.

Вашите очекувања од овие локални избори?

Јас на овие избори очекувам успех, очекувам победа на ВМРО-ДПМНЕ и на нашите градоначалници во голем број општини и на некој начин ова ќе биде и започнување на нов политички момент во Република Македонија, односно почеток на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе бидат ли мирни овие избори, или пак очекувате насилство?

Па, да, ако ме прашате мене, јас не видов дека нешто се променило од претседателските избори до сега. Се е обезбедено од страна на власта. Значи, претседателот на ДИК Стево Пендаровски којшто треба да легализира насилство е тука, на истата позиција, веројатно дополнително охрабрен, затоа што, немаше никакви санкции врз него за фалсификатот на локалните избори. Тука е и неговиот тим. Не видов некои сериозни размислувања и акти на владата да го спречат тоа насилство што беше на претседателските избори, така што, ако ме прашувате мене, мислам дека на некој начин пак ќе имаме избори кои ќе бидат полни со насилство. Тоа се моите очекувања. Меѓутоа, овој пат ние ќе направиме се што е во наша моќ да го спречиме тоа.

И за крај, в понеделник, владина делегација со претставник на опозициските партии во Брисел ги предава одговорите на прашалникот. Оптимист ли сте за започнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ?

Па, навистина е тешко да се говори за ова прашање зашто доаѓаат контрадикторни информации. Ние слушавме дека до крајот на 2005 ќе започнат преговоите за полноправно членство, подоцна, пред половина година, веќе почнаа во една изјава да велат дека во 2005 година ќе почнат, а во друга, во 2006. За сега, веќе се почесто да се зборува дека преговорите ќе започнат во 2006. А, последната изјава на претседателот на комисијата за надворешни работи на Европската комисија е дека нема да започнат ниту во 2006. Ако е тоа така, тоа е многу загрижувачки, тоа значи дека губиме многу време. И дека ако ЕУ го одложува започнувањето на преговорите со Република Македонија, таа ги препознава слабостите на Република Македонија во овој период. Одлагањето на реформите, неспроведувањето на реформите, лошата бизнис клима во Република Македонија, растечката невработеност, растечката сиромаштија и сето она што се нарекува демократски амбиент во Република Македонија. И ова прашање најмногу треба да ја загрижи владата, и политичките партии, а и воопшто граѓаните.