Арбен Џафери, Лидер на Демократската Партија на Албанците. За ДПА е поважен мирот во државата, отколку успех на изборите преку насилства

Во пресрет на локалните избори, какви се очекувањата во однос на бројот на општините, во кои се надевате на освојување на локалната власт?

Со оглед на досегашното искуство на ДПА, праведно би било доколку добиеме голем број на општини, околу 70%, но дали тоа ќе се случи, зависи и од други фактори, а не само од успехот на една партија. Тоа зависи, од кампањата, од влијанието на меѓународната заедница, од самите кандидати, односно како ќе се престават и дали ќе успеат да воспостават емотивен контакт во електорат.

Кога рековте дека успехот на локалните избори го доведувате и во врска со влијанието на меѓународниот фактор, во која смисла го кажавте тоа?

Па, веќе долго време тие се тука и со своето присуство и со разни ,,намигнувања,, тие успеваат да испраќаат пораки до електоратот. Понекогаш тоа е болно, бидејќи ние не ги разбираме нивните мотиви, но тие влијаат врз електоратот. Нивното присуство е добро за Македонија или за другите земји во транзиција, но понекогаш има и неправедност, поради погрешни информации, поради погрешни оценки на состојбите.

Велите дека понекогаш има и неправилности поради погрешни информации, на тој начин вашата партија го коментираше и последниот случај со црната листа на ЕУ, во кој се најдоа имиња на членови од вашата партија?

Пред се бараме логичности, помеѓу констатацијата и актот. Во констатацијата се вели дека, тие во долг период ја спречуваат имплиментација на Охридскиот Договор. Тоа е нон сенс, ДПА беше учесник во Охридските преговори и по Охридскиот договор, ние инсистиравме да се сочува тој ,,ритам,, на имплементација на Охридскиот договор, но другите фактори беа одговорни зошто го немавме тој ,,тајминг,, тој ,,ритам,, во имплементација на Охридскиот договр. Сега добиваме сосема контрадикторна констатација, дека одреден чинител, внатре од структурите на ДПА, ја спречувал имплементацијата.

Постојат укажувања дека во позадина на случајот Кондово, стои вашата партија?

Токму случајот Кондово, зборува за парадоксалноста на таквите констатации. Таму каде што сме најаки, таму добиваме ,,голем удар,, посебно сега пред локалните избори, дека случајот Кондово бил организиран од ДПА, што е нон сенс, што е злонамерност на одредени структури внатре во државата, кои шират лаги и лажни информации.

Кои се тие структури г-дине Џафери?

Па, сега незнам кои се тие репортери кои даваат изјави на одредени структури на меѓународниот фактор, но секако постои одредена коренсподенција меѓу службите на Македонија и Европската Унија.

Да се вратиме на прашањата за локалните избори. Во почетокот излеговте со став дека партиите од албанскиот блок на изборите треба да излезат самостојно, но подоцна коалициравте со ПДП. Зошто се предомиливте?

Сметам дека политичката прагментаризација во Македонија, нема основа во структурата на општеството. Не постои универзална политичка партија која може се и сешто. По ова размислување, ние сметавме дека нема простор за многу политички опции, туку опциите се мошне стеснети и дека политичките партии треба да се макроструктурираат, и да ги здружат своите потенцијали кои ги имаат во општеството. Затоа пристапивме во коалиција со ПДП, бидејќи сметавме дека една обединета опозиција, може ,,посилно,, да ја предизвика позицијата, која ја има целосната подршка од институциите на системот.

Како ја оценувате соработката со вашиот поранешен партнер, ВМРО ДПМНЕ, односно Народна. Имаше ли иницијативи за коалицирање и зошто не дојде до тоа?

Ние како политичка партија, се обидувавме да имаме искрена и отворена комуникација со ВМРО ДПМНЕ и ,,фер,, коалицирање, во минатиот период... Но, по најновите настани, ние сметаме дека таквите процеси внатре во македонскиот опозиционен блок, се против интересите на тој блок, и за демократијата и за самата опозиција е подобро да се најде заеднички јазик и заеднички да ги застапуваат интересите не само за политичките партии, туку и за народот. Доколку се постигне тоа единство меѓу опозиционите политички партии, сметаме дека ќе порасне можноста да се добијат изборите. За мене е апсурдно ,,јака,, политичка опозициона партија да нема свој преставник за градоначалник на Скопје, тоа е апсурд! И од тој апсурд се добива заклучокот, дека сета таа фрагментализација е апсурдна. Ние се обидувавме преку нашите можности да влијаеме на обединување македонската политичка опозиција, на таков начин како што ние се обединуваме, во албанскиот болк. Но, суетите очигледно се појаки од политичките интереси и визии. Секако дека ги имаме нашите симпатии, или пак некое наше позитивно искуство од поранешното коалицирање, но тоа се повеќе вредности од личен аспект на гледање на состојбите.

Со партијата во власта ДУИ, потпишавте декларација за фер избори. Според ваша оценка, може ли сепак да се очекува насилство на локалните избори?

Мислам дека по оваа декларација, во огромен дел таквите можности се елиминирани, но доколку ги има ние ќе се обидеме да ги спречиме таквите настани. За нас е побитно да се сочува мирот во општеството, меѓу самите граѓани, отколку да ги добиеме изборите. Не сакаме ,,добивки,, врз насилства и недемократски дејства.

Кога станува збор за партиите од албанскиот политички блок, тие секогаш се концентрираа најмногу на прашања од меѓуетничка природа... но, што со прашањата од областа на економијата?

Мислам дека приоритет во овој период, доби меѓуетничкиот пристап, бидејќи постоеа закани за меѓуетничкиот проблем или интерес. Се додека не се реши овој интерес, сметам дека ќе биде логично одредени политички партии да го отворат ова прашање и да се обидуваат да биде решен во полза на тој електорат кој го преставуваат. Но, веќе имате една нова тенденција од страна на ДУИ, која како нова партија некритички се обидува да ја афирмира идејата на интегрирање на албанците во македонското општество. Јас, секако немам ништо против тоа, но сметам дека секое интегрирање има две страни, да се сочува идентитетот или да се изгуби идентитетот! Секогаш кога бараш да се интегрираш во еден систем треба да ги почитуваш вредностите и стандардите на тој систем. Сега Македонија се обидува да се вклучи во ЕУ и мора да го пополни прашалникот, каде се потврдува дали сме во состојба да ги исполниме тие стандарди и вредности. Но, кога се работи за мултиетнички општества, како Македонија, тогаш треба да се отвори прашањето, што значи интегрирањето? Дали тоа значи некритичко прифаќање на моноетничките вредности на таквата држава, или се работи за еден процес каде внатре во системот и една друга етничка заедница ќе добие можност да ги афирмира своите вредности.