САД го поддржувата дијалогот за името меѓу Македонија и Грција во ОН

Соединетите Држави го поддржуваат дијалогот меѓу Македонија и Грција за името што се води со посредство на Обединетите Нации и ќе го употребуваат она име што ќе го договорат двете страни. Ова на вчерашната прес конференција го изјави портпаролот на Стејт Департментот Ричард Баучер. Тој, во однос на демаркацијата на македонската граница кон Косово изјави дека Вашингтон соработува со Обединетите Нации околу вакви прашања.
На вчерашната редовна прес конференција во американскиот Стејт Департмент, портпаролот Ричард Баучер, меѓу другото, беше запрашан за тоа која е американската позиција во врска со демаракцијата на делот од македонската граница со Косово.

„Не ја знам точната позиција околу демаркацијата на границите, но ако тоа е работа што се решава со Обединетите Нации, тогаш ние ја поддржуваме. Ние поддржуваме се што е во домен на Обединетите Нации и тесно соработуваме со нив околу вакви работи.“

Прашањето за демаракцијата дојде по официјалното соопштение на Обединетите Нации за разговорите на шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева со генералниот секретар Кофи Анан на кои станало збор и за дијалогот меѓу Македонија и Грција за името. Во однос на ова, портпаролот Ричард Баучер повтори:

„Мислам дека ние бевме многу јасни оти ќе го употребуваме името Македонија, Република Македонија. Но, ние исто така многу цврсто ги поддржуваме напорите што се прават со посредство на Обединетите Нации да се изнајде меѓународно прифатливо име. Какво и да биде името што ќе произлезе од оваа дискусија ние ќе го употребуваме. Го поздравуваме продолжувањето на разговорот, како и напорите на страните и на Обединетите Нации да дојдат до меѓународно прифатливо име.“

Изјави портпаролот на Стејт Департментот Ричард Баучер на редовниот брифинг во Вашингтон.