До крајот на месецов готови одговорите на прашалникот од ЕУ

До крајот на овој месец ке заврши процесот на одговарање на сите прашања што се доставени од Европската унија, велат надлежните од владата. Датумот на предавање пак на одговорите во Брисел дополнително ќе биде прецизиран:

„Сите активности се одвиваат според утврдената динамика и сите наши предвидувања и во однос на затворањето на сите одговори и во однос на преводот на одговорите, ќе бидат завршени во предвидениот рок. 31 јануари е рокот којшто владата ни го зададе како краен датум, а досега нема никакви сигнали дека било што може да се искомплицира дополнително. Значи, сите активности и од стручен, технички и од политички карактер се одвиваат според предвидената динамика. За датумот на предавање на одговорите и на целиот пакет анекси, којшто треба да биде во Брисел во предвидениот рок, дополнително ќе се договори со Брисел, ама ние нема да се водиме од датумот на предавање на одговорите, туку ќе се водиме од оној краен датум 31 јануари, којшто самите си го зададовме,“

изјави Драган Тилев раководител на секторот за ероинтеграции при Владата.

Досега се одговорени сите прашања или околу две илјади прашања и околу илјада потпрашања, а во тек е фазата на превод. За дел од прашањата од различни области поради незадоволството од дадените одговори од администрацијата беа ангажирани експерти - универзитетски професори и практичари кои меѓудругото укажуваа на поставување на потребна стратегија во пооделни области, бидејќи во дел ниту регулативата не е комплетирана, велат надлежните. Така на пример се укажува дека Македонија, треба да ја ратификува Повелбата за регионални и малцински јазици, а токму таа е од особено значење поради мултиетничкото општество кое се развива во земјава, а во неа има норми кои кај нас се веќе надминати. Токму предложените визии за развој во некои области пак ќе бидат важни кога ќе почнат преговорите со Брисел бидејќи ќе бидат репер за исполнувањето на обврските. И во делот на преводите кои што се во тек, поради усогласување на терминолијата, во план е да бидат ангажирани лица кои имааат познавање на стручните термини од различни области. Станува збор за превод на околу 10 илјади страници, од кои што околу 3 илјади се одговори на прашањата, а останатите документи како закони, правилници и слично.