Индија: Предупредувања на опасност од нови цунами

Индиските власти денеска предупредија на опасност од можни нови цунами поради земјотресите што и натаму го потресуваат дното на Индискиот Океан. Меѓутоа, светските сеизмолошки станици соопштија дека тие во изминативе десетина часа не забележале потрес доволно силен да произведе цунами како оној во неделата во кој, според последните информации, загинале над осумдесет илјади луѓе. Спасувачките екипи предупредија дека доколку потребната помош во вода за пиење, храна и лекови не пристигне набргу, тогаш ситуацијата во погодените подрачја, поради појавата на заразни болести, би можело да стане уште полоша. Обединетите Нации потврдија дека земјите во светот досега издвоиле вкупно двесте и дваесет милиони долари. Американскиот претседател Џорџ Буш, по повод трагедијата во јужна Азија, изјави дека меѓународната заедница треба да се обедини во помошта за преживеаните. Тој најави дека Соединетите Држави, Јапонија, Индија и Австралија ќе ги предводат напорите за доставување на помошта во погодените земји.