Ситуацијата денеска, мирна

Ситуација денеска во Струга е мирна и засега нема најави за собирања и протести. Забележително е присуството на полициски сили низ струшките улици, кои се расчистуваат од последиците од синоќешните немири. Според информациите наводно имало приведено во полициските станици во Охрид и Струга. По околу 7 часа опсада на зградата во центарот на Струга, во која се просториите на општинската СДСМ, каде синоќа на разговори за децентрализацијата со локалните сопартијци беа, Министерот за одбрана и потпретседател на СДСМ Владо Бучковски и генералниот секретар Никола Ќурчиев. Состојбата ескалира околу 2 часот по полноќ кога со единици на специјалците на МВР од зградата беа извлечени Бучковски и Ќурчиев, што беше проследено со силни експлозии на чадни бомби, рафални истрели, пукање со гумени куршуми и фрлање солзавци. Тоа предизвика паника меѓу насобраните граѓани кои незнаејќи што се случува, во страв се разбегаа низ градот. Во судирот со специјалците од МВР имаше и повредени. 17 лица синоќа побарале медицинска помош во струшката болница, од нив 7 биле полицајци:

„Се работи за рани, посекотини, огреботини по кожата.“

вели Александар Богдановски, дежурен хирург во болницата во Струга, според кого повредените биле со лесни телесни повреди и не се задржани на болничко лекување.

„Повреден сум, тепан доста, изгорен на раката најверојатно со електрична палица.“

ни изјави еден од повредените во синоќешните немири. Демонстрантите целосно ги искришија сите прозорци на зградата на СДСМ во која имаше и краткотрајни пожари, предизвикани најверојатно од молотови коктели, а целосно беа демолирани трите службени возила со кои допатува делегацијата на Бучковски. Од МВР се дознава дека повредени биле 30 лица од кои повеќето специјалци, оштетени биле две возила на Проксима, три автомобили на МВР, а повреден бил и еден европолицаец.

„Секакви времиња минувале, но ваков судар досега и вакви лоши работи, немало и не би сакал додека сум жив уште еднаш да се случи нешто вакво.“

вели еден постар стружанец, кој ни рече дека стравува од масовни иселувања од градот во кој досега коректно живееа граѓани од различни етнички заедници.