Скопје: Изборите фалсификат, оцени Кедев

„Претседателските избори во Македонија беа најгруб фалсификат во историјата на земјава, сведоци сме на најгрубо кршење на демократијата во Македонија и на политички пазар меѓу коалиционите партнери,“

изјави претседателскиот кандидат на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев, додавајќи дека цената на овој политички фалсификат и договори ќе ја плаќаат сите граѓани на државата.

„Непостоечките гласови му дадоа победа на Црвенковски“,

рече Кедев, и додаде дека партијата ќе понуди:

„цврсти докази за кршење на демократијата од страна на СДСМ и ДУИ".

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека претставници на партијата, вечерва, разговарале со неколку европарламентарци, а за изборите биле известени и неколку членови на американскиот Конгрес.

„Нема да го признаеме таканаречениот самопрогласен претседател на Македонија. Тој никогаш нема да биде претседател, ниту ќе има легитимитет на македонски претседател",

рече Кедев заблагодарувајќи им се на сите граѓани кои излегоа на гласање и ја дадоа нивната поддршка на претседателските избори.