Скопје: Прослава и протести

Приврзаниците на претседателскиот кандидат на СДСМ Бранко Црвенковски доцна синоќа со огномет во центарот на Скопје ја одбележаа победата на својот кандидат, а во исто време приврзаници на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев се собраа пред македонскиот Парламент на протести. Тие реагираат на наводниот изборен фалсификат. На почетокот од собирот, беше запалено партиското знаме на СДСМ и беше искршен еден билборд на кандидатот Црвенковски. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓи Оровчанец пред насобраните граѓани изјави дека одѕивот на гласачите не го поминал прагот од 50 отсто плус еден глас, потребни за избор на претседател. Пред седиштето на СДСМ продолжува прославата на изборната победа на Бранко Црвенковски, откако неговиот Изборен штаб соопшти дека тој добил 526.380 гласа од гласовите на 878.000 граѓани кои го оствариле своето избирачко право.