Лондон: Велика Британија е неподготвена за терористички напад

Евентуален терористички напад, како што беше оној во Мадрид, би ги ставил локалните власти во Велика Британија во состојба да не може да се справат со ситуацијата и со последиците, изјави Патрик Канингам, шеф на Службата за вонредни состојби. Британските медиуми кои ја пренесуваат изјавата велат дека тој рекол оти тоа е „просто неверојатно“, но дека земјата не е подготвена за терористички напад како оној во шпанскиот главен град, од пред десет дена. Локалните планери во службите за вонредни состојби може да понудат само поддршка по сторената катастрофа, па затоа Асоцијацијата на локалните власти бара од Владата во Лондон повеќе средства. Тревога во земјата беше подигната откако беше откриена електронска порака на терористичката мрежа на Ал Каеда дека повеќе земји, меѓу кои и Британија, се наоѓаат на нивната листа за напад. Шефот на метрополитен полицијата Џон Стивенс по тој повод изјави дека „напад врз Лондон е неизбежен" и таквото јавно предупредуванје тој го оправдува со позицијата на која се наоѓа, а каде пристигнуваат сознанија што не може да го остават мирен. Полицијата воведе нови дополнителни мерки на заштита на железницата и на лондонското метро, како и на јавните објекти и на туристичките локалитети. Вчерашниот инцидент со „освојувањето" на Биг Бен од страна на активисти-алпинисти на Гринпис ја посрамоти лондонската полиција. Британските медиуми велат дека само може да се претпостави што се можеше да се случи ако „некој друг“ се искачеше на најпознатата кула часовник што е споена со зградата на британскиот Парламент.