Мадрид: Серија експлозии, над сто загинати

Најмалку 120 лица загинаа во четири експлозии што се случија денеска на железнички станици во Мадрид, соопштија денеска претставници на градската власт. Според извештаите на локалните медиуми, се стравува дека околу 300 лица се повредени. Мадридската Влада ги повика жителите на државата да даруваат крв. Градските болници се преполни со ранети лица. Шпанската Влада соопшти дека денешните атентати во Мадрид се дело на баскиската сепаратистичка организација ЕТА која ја нарече „банда престапници и убијци". Најмалку 20 лица загинаа на железничката станица Ел Позо дел Тио Раимундо, што се наоѓа во близина на главниот шпански град, јавуваат локални медиуми. На станицата Аточа во Мадрид и на Санта Еугенија што се наоѓа во близина на Мадрид, загинаа најмалку 10 други лица. Експлозиите се случиле една по друга. Сите експлозии се случиле на колосеците по кои се движат возовите од Мадрид кон Гвадалахара.
Голем број лица се повредени во возот кој влегувал на станицата Аточа од едно источно предградие на Мадрид. Два вагона се целосно уништени. На таа станица експлодирал и еден празен вагон. Експлозитте предизвикаа масовна паника. Полицијата во прво време ги користеше таксистите за да ги пренесе повредените во болница поради немање доволно амбулантни возила. Сите политички партии ги откажаа денешните собири.