Скопје: Владата ги утврди измените и дополнувањата на законот за претседател

Владата на Република Македонија на денешната вонредна седница го утврди текстот на Предлогот-законот за изменување и дополнување на Законот за избор на претседател, со Предлог на закон, што треба да биде донесен по итна постапка.

Министерот за правда на Република Македонија Иџет Мемети по седницата изјави дека Предлог - законот најверојатно уште во текот на денов ќе биде доставен до претседателот на Собранието на Република Македонија Љупчо Јордановски.

„Можно е Собранието да го донесе законот и во текот на утрешниот ден, но тоа зависи од претседателот на Собранието“, изјави Мемети.

Мемети соопшти дека Предлог-законот содржи нови решенија што се однесуваат на пополнување на испразнетите места во изборните тела, нова глава поради престанок на мандатот на претседателот во врска со роковите на изборните дејствија, како и ново поглавје за заштита на избирачкото право.

Изборите ќе ги спроведува Државната изборна комисија (ДИК) и 34 Општински изборни комисии (ОИК) со избирачките одбори, што ќе бидат формирани од ОИК за секое избирачко место.

„Предлагаме пополнување на испразнетите места во ДИК и ОИК доколку од времето кога биле формирани, пред две години, по кој било основ на одредени членови им престанал мандатот. Создаваме можност Собранието или претседателот на државата да именува членови на ДИК. Кај ОИК, да може ДИК да ги пополни испразнети места со нови членови", појасни Мемети.

Во предложената нова глава во Законот за избор на претседател Република Македонија, поради престанок на мандатот се содржани одредби за роковите на изборните дејствија. Мемети додаде дека овие рокови се предлагаат за да се направи усогласување со уставното решение.

"Од денот на распишување на изборите му се дава рок од пет дена на органот надлежен за водење на избирачките списоци да ги направи сите подготвителни активности за да им се овозможи на граѓаните да предложат кандидат за претседател, како група граѓани. Во рок од десет дена ќе може да се соберат потписите од граѓаните во подрачните единици на Министерството за правда", изјави министерот за правда.

Тој посочи дека исто така се скратуваат роковите за изборната кампања за сметка на правото на граѓаните за собирање потписи.

"Кампањата ќе трае 10 до 12 дена. Тоа зависи од терминот во кој претседателот на Собранието ќе ги закаже изборите", рече Мемети.

Мемети потенцира дека вториот круг на изборите ќе се одржи по 14 дена од првиот, онака како што е предвидено и со Законот за избор на пратеници.

Новата глава за заштита на избирачкото право исто така се однесува на роковите, додаде тој, "имајќи го предвид уставниот рок за спроведување на избори на претседател во овие околности".

"Во оваа глава превземени се одредбите од Законот за избор на пратеници во однос на правата за заштита било да е при предлагање на листа на кандидати или сумирање или утврдување на резултатите од изборите", истакна министерот за правда.

Мемети истакна дека предвидено е право на жалба и приговори. "Роковите во Законот за избор на пратеници се покомотни од одредбата на Уставот, граѓаните да можат да го остварат правото на жалба и приговор односно предлагачите, а од друга страна да се запазат роковите во Уставот. Значи во рок 40 дена да се изведат изборите", посочи Мемети.

Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за избор на претседател исто така предложена е и преодна одредба во однос на пополнувањето на испразнатите места во ДИК и ОИК, соопшти тој.

За време на претседателските избори ќе се користат средствата за заштита на гласачите, како спрејови и уве - ламби, кои беа користени на парламентарните избори.

"Во членот 2 од Законот за избор на претседател, што не се менува, стои децидна одредба дека за она што со овој закон не е уредено се применуваат одредбите од Законот за избор на пратеници. Според тој член ќе се применуваат сите заштитни средства. Тие ќе бидат искористени и во овие избори", рече министерот за правда.

Владата пристапи кон изменување и дополнување на Законот за избор на претседател на Република Македонија, бидејќи постојната регулативата е несоодветна на член 81 од Уставот.

Со овој член се предвидува изборот на нов преседател да се направи во рок од 40 дена по престанокот на мандатот на претходниот, но во законското решение за избор на претседател се предвидени условите за избор само во нормална процедура.

Правната празнина беше утврдена поради потребата од предвремени претседателски избори во земјава, по трагичното загинување на претседателот Борис Трајковски во авионската несреќа на 26 февруари во близина на Мостар.