Во Македонија постои одредена идеализација на ОН

Во Македонија постои одредена идеализација на Обединетите Нации што за жал во настапите на нашите политичари се подгрева, вели поранешниот шеф на дипломатијата, но и амбасадор на Македонија во светската организација во периодот од 93 до 97-мата година професорот по меѓународно право Денко Малески.

„Она што кај нас е карактеристично е што многу често реалноста на Обединетите нации ја изедначуваме со прокламираните принципи. Принципите се нешто кон што се стремиме, а реалноста е нешто друго“

Обединетите Нации не се светска влада туку збир на држави кои се раководат согласно сопствените интереси:

„Тоа е политичка оргаљнизација во којашто се прекршуваат бројни интереси,к така што сите проблеми што ги среќаваме во светот ги среќаваме и во Обединетите нации“

Во таа смисла ниту Обединетите Нации не се имуни на судирите меѓу големите сили .во моментов вистинскиот спор на кој сме сведоци, а кој се рефлектира во рамките на Светската Организација е оној меѓу Вашингтон и Брисел. Во таква ситуација позицијата на малите држави како што е Македонија е доста тешка:

„Не е воопшто чудно што мали држави каква што е Македонија за да можат да опстанат во едно прилично сурово море на светската политика настојуваат да балансираат и да се приклонат кон едни или кон други во обидот да избегнат посериозни последици по сопствениот опстанок“

Вистинскиот одговор посочува Малески на Македонија во однос на светските глобални предизвици е добрата внатрешна политика:

„Затоа ние што побргу мораме да ги решиме своите внатрешни проблеми, да направиме една држава којашто сама може да се управува без посредство на странски тутори и странски дипломати и како такви да се појавиме на светската сцена. Тогаш, без оглед на тоа дали сме мали, ќе уживаме еден углед. Е, за тоа треба труд внатре во земјата а не толку во коридорите на Обединетите нации“