Наџаф: Две лица загинаа на контролен пункт

Две лица загинаа и две се тешко повредени кога телохранителите на еден радикален шиитски лидер отвориле оган на контролен пункт во Наџаф, соопштија болнички извори. Еден маж и неговата жена ја возеле ќерка им и нејзиниот сопруг во клиниката која се наоѓа во близина на резиденцијата на шиитскиот лидер Моктада Садр. Тие наишле на контролниот пункт што го држат телохранителите на Садр, кои отвориле оган во моментот кога возилото го забрзало движењето. "Луѓето на Садр поставиле блокада на патот. Возачот меѓутоа помислил дека се крадци и забрзал, по што телохранителите почнале да пукаат", изјавија претставници на педијатриската болница во Наџаф. Телохранителите на Садр поставиле контролен пункт околу неговата резиденција, по завчерашниот напад во Наџаф во кој меѓу 83-цата загинати беше и лидерот на ирачките шиити ајатолахот Мохамед Бакир ал Хаким.