20 илјади млади корисници на дрога во Македонија

Според статистиките од 15 до 20 илјади лица во моментот во Македонија имаат проблеми со употреба или злоупотреба на дрогите. Она што загрижува, вели познатиот психијатар Иван Тулевски е тоа што границата постојано се поместува на помала возраст:

„Она што сега загрижува: употребата на хероин стагнира, не оди брзо, а расте употребата на марихуана и на тнр. клубски дроги – екстази. Во Македонија има од 3000 до 5000 луѓе кои имаат сериозни здравствени проблеми со хероин“.

Една од причините за растечкиот тренд во користењето на дрога Тулевски ја лоцира во достапноста на дрогите, но и во самото општество во кое вели тој младите немаат можност од вработување и перспектива:

„Образованието и воспитанието не ги задоволува потребите на младиот човек, семејството се потешко и потешко ги остварува своите воспитни функции и на крајот, и политичката напнатост влијае врз определени млади луѓе да земаат дрога“

Дрогата не е табу тема меѓу младие, и самите признаваат дека во државава е лесно да се дојде до неа:

„Многу лесно се наоѓа. Многу е распространета, тука низ училиште мешаат најразлични таблети со алкохол и така. По ходници наоѓаме ампули, диазепами... Многу е распространето“
„Младите земаат дроги да бегаат од реалноста и за задоволство“
„Многу лесно се доаѓа до дрога. Ако некој сака да дојде до марихуана, доволно е само да пушти глас и многу лесно ќе дојде до неа“
„Една кесичка марихуана чини 300 денари, а таблетите – зависи, но и тие се наоѓаат лесно“


Во моментов околу 500 лица се лекуваат од засвисности од дрога. Проблем е тоа, вели Тулевски што на оваа појава кај нас не и се приоѓа како на болест, туку лицата се третираат како криминалци и престапници:

„Македонија се уште нема достоинствена здравствена установа за пациентите кои се лекуваат од зависност. А да не зборуваме дека такви центри за лекување во кои ќе доминираат психолози, социјални работници, лекари од општа практика нема во Битола, нема во Штип... Потребно е развивање на една служба која ќе биде достапна, која ќе биде свртена кон лицата зависни од дроги, кон нивните семејства“