Турција: Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по децата во урнатото училиште

Турските спасувачки екипи ја продолжуваат потрагата по децата затрупани под урнатините на школскиот интернат во Бингол кој вчера беше погоден од силен земјотрес. Соопштено е дека тие досега успеале да спасат осумдесет деца и да ги извлечат телата на четириесет други кои не го преживеале паѓањето на зградата. Се претпоставува дека под урнатините има уште седумдесетина деца. Турскиот премиер Таип Ердоган потврди дека во земјотресот со сила од 6,5 степени според Рихтеровата скала загинале сто лица. Властите страхуваат дека бројот на жртвите би можело да биде сто и пеесет. Агенциите јавуваат дека денеска во Бингол имало демонстрации на жителите кои барале повеќе шатори и храна. Некои од нив ја обвинувале владата за слабите конструкции на зградите што придонесло многу од нив да бидат урнати од земјотерсот.