Решавачка битка за Багдад

Американските трупи и ирачката републиканска гарда се подготвуваат за битка надвор од Багдад, која според америкаснкиот државен секретар Доналд Рамсфелд ќе биде најжестока во војната. Меѓутоа преземањето на контролата на градот може да доведе до крвава урбана борба.
Се укажува дека на крајот од ирачката војна ќе следи борба по улиците на Багдад, јавува од Вашингтон дописникот на Радио Слободна Европа Џефри Донован. Урбаната борба од секогаш била ноќен кошмар за американските воени планери кои се надеваат дека таквото сценарио ќе биде одбегнато со принудување на ирачките сили да се предадат. Меѓутоа ирачкиот министер за одбрана Султан Хашим Ахмед вели дека уличната борба е токму тоа што Багдад го планира. Ахмед не се сомнева дека за 5 до 10 дена сојузниците ке го обиколат главниот град на Ирак, но вели дека Багдад е подготвен за борби на секој чекор. Токму затоа прашањето со кое се соочуваат воените планери и аналитичарите е како да се освои Багдад а да се одбегне битка од типот на Сталинград или Грозни во која страдаат градовите со многубројни цивилни жртви. Според Стивен Бенк професор по национална безбедност од воениот колеџ во Пенсилванија, постои можност да се победи во урбана борба без да се уништува градот.

„Aко погледнеме во историјата на урбаното војување во последниве 60 години ке видиме дека има повеќе модели и тактики што се користеле. И не се сите апокалиптични како борби блок по блок во Грозни. Тоа што израелците го направија минатата година во Џенин е одлично – без жртви.“

Бенк додава дека американците се способни со иновативен тактички план да го завземат Багдад. Во градот тие ќе се соочат со борците на републиканската гарда кои можеби сите ке бидат добро прикриени меѓу пет милионското население. Аналитичарите шпекулираат дека американците можат да употребат тешко оружје , многу сила или да се решат на селективен пристап како што вели Роберт Хачинсон основач на британската публикација Џејнс Дефенс Викли.

„Тие сакаат да ги минимизираат цивилните жртви. Тие сакаат да ги минимизираат жрвите и на сопствената страна а секако урбаната борба ја деградира технолошката предност. Тие можат да користат тенкови, артилерија и прецизно оружје со краток дострел. Тие сакаат да одбегнат борба од куќа во куќа колку што е тоа можно.“

Според Едвард Аткинсон пензиониран американски генерал аналитичар на Центарот за стратегиски студии во Вашингтон, американците користат пристап според кој најпрвин со воздушни напади удираат врз владини и воени цели. Кога ќе ја совладаат републиканската гарда стационирана надвор од градот тогаш, вели Аткинсон, ќе започнат селективно отворање на градот, без големи жртви, бидејки Багдад има многу широки булевари и многу малку високи згради. Мобилни воздушни трупи можат да бидат испратени во стратегиски отворени делови на Багдад каде што ќе можат да стационираат големи количества автоматско и друго оружје. Претходно, според Аткинсон, со летоци населението ке биде предупредено да се повлече од тие делови затоа што ќе бидат уништени. Според државниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд главен проблем преставуваат ирачките милитанти во цивилна облека кои ги вовлекуваат и граѓаните во стапица меѓу двете страни.

„Тие преставуваат смртоносни бригади и веројатно во земјата ги има меѓу 5 и 20 илјади. Тие влегуваат во градовите, ги убиваат цивилите заканувајки им се да не се предадат.“

Хатчинсон од Џејнс Дефенс Викли на крајот вели дека досега многу претпоставки се покажаа како погрешни па затоа е хазардерски да се предвиди моделирањето на финалната битка за Багдад.