Инвеститорите не реагираат на оптимизмот на Буш

Американскиот претседател Џорџ Буш има слаб успех во враќањето на довербата во американската економија, разнишана од финансиските скандали на неколку големи корпорации. Повеќето аналитичари сметаат дека обраќањата на Буш не можат многу да помогнат, бидејки економијата не може да се стави под директна контрола.


Два пати во последните седум дена, американскиот претседател Џорџ Буш се обидува преку јавни обраќања до нацијата да ја намали загриженоста на американците околу финансиските скандали во големите корпорации. Тој ги повика раководителите на корпорациите да се придржуваат на етичките стандарди и најави заострување на кривичните санкции против оние што ги кршат законите. Истовремено Буш оцени дека американската економија е силна и покрај лошите перформанси на берзите. Индикативен е фактот дека за време на обраќањата на Буш, што ги пренесуваа неколку телевизии, континуирано паѓаа берзанските индекси. Минатата недела Њујоршката берза во тоа време загуби околу илјада поени или повеќе од 10 проценти. Питер Лок, професор по фининсии на Универзитетот Џорџ Вашингтон смета дека Буш настојува да се бори против корупцијата, но оти постојано се појавуваат лоши вести за економијата, а делумно и самиот е виновен за впечатокот дека таквите вести никогаш нема да запрат.

„Фактот што тој се фокусира врз ова прашање, кај луѓето влева загриженост дека следува наредно фијаско. Буш треба да биде поубедлив кога се обидува да ги убеди граѓаните во стабилноста на економијата.“

Професор Лок оценува дека претседателот Роналд Реган во 1980 година успеал да ги инспирира граѓаните во заздравувањето на американската економија. Економистот Вилијам Нискенен смета дека Буш, стручњаците и медиумите го занемаруваат клучниот проблем околу финансиските скандали на корпорациите.

„Тие корпорации не пропаднаа поради нарушувањето на книговодствените стандарди и нивното откривање. Тие компании всушност правеле сметководствени малверзации да ги покријат финансиските загуби.“

Нискенен смета дека главен проблем се даночните прописи, кои овозможуваат преголеми ризици и затоа претседателот Буш треба да се фокусира врз даночни реформи со кои ќе се оневозможат компаниите да влегуваат во големи дубиози. Некои експерти оценуваат дека е важно американските граѓани да имаат доверба во домашната економија, која секако треба да ја поттикне и претседателот Буш, што е еден од основните услови за нејзино заздравување.