Достапни линкови

Полициски час во Киев, аларм за воздушни напади ширум Украина


Последици од гранатирањето во Ирпин, во близина на Киев, март 2022
Последици од гранатирањето во Ирпин, во близина на Киев, март 2022

Украина предупредува на воздушни напади ширум целата земја, откако беше објавено дека од вечерва во Киев се воведува полициски час. Ова следува по континуираното гранатирање на станбени објекти во Киев и други градови од страна на руските сили

Полициски час ќе биде воведен во Киев од вечерва до четврток наутро, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. До оваа одлука доаѓа откако градот беше изложен на гранатирање на неговите надворешни области во текот на ноќта, а две станбени згради беа погодени со проектили.

Руските сили ги засилија нападите во текот на ноќта врз предградијата на Киев и ги обновија нивните напори да го заземат важниот пристанишен град Мариупол на југ, додека украинските и руските преговарачи се подготвуваа за разговори со цел постигнување прекин на огнот.

Две лица загинаа во воздушен напад кој погоди станбена зграда во Киев, соопшти украинската државна служба за вонредни состојби. Спасени се уште 35 лица.

Градската државна управа на Киев состави список на згради во главниот град на Украина кои беа оштетени од гранатирање во текот на ноќта: погодени се две станбени згради од девет и 16 ката во областа Свијатошинск, 10-катна станбена зграда во областа Подилски, куќа во областа Дарнитски и дел од метро станицата Лукјанивска. Линијата на метрото се уште работи.

Руските сили во текот на ноќта пукале и врз главниот цивилен регионален аеродром во Днепар, изјави гувернерот на регионот. Во нападот е уништена пистата. Комерцијалните авиокомпании го избегнуваат украинскиот воздушен простор поради страв за безбедноста по руската инвазија.

Украинската војска соопшти дека артилериски оган ја погодил станбената област во непосредна близина на предградието Ирпин, во која биле забележани некои од најлошите битки во војната. Воздушни напади во текот на ноќта и рано наутро ги погодија и Хостомел и Буча, изјави на украинската телевизија шефот на киевскиот регион Олексеј Кулеба. Руските сили, исто така, извршија нови артилериски напади врз источниот град Харкив, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина на Фејсбук. Во Мариупол, украинските власти известија за силни воздушни напади врз градот.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков изјави дека руските сили презеле целосна контрола врз јужниот украински регион Херсон. Новинската агенција Интерфакс-АВН ја цитираше неговата изјава дека руските сили презеле целосна контрола врз целата територија.

Во меѓувреме стотици цивили кои вчера го напуштија опколениот јужен пристанишен град Мариупол, пристигнаа во Запорожје, соопштија украинските власти. Ова е прва успешна евакуација на жителите од околниот град, кој се соочи со силно бомбардирање од почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Во градот загинаа најмалку 2.500 луѓе, додека стотици илјади со денови останаа без струја и вода. Сцените во Мариупол, десеттиот по големина град во Украина, се опишани како „апокалиптични“, а Црвениот крст вчера предупреди дека „времето за да се спасат заробените внатре истекува“.

„Како што беше најавено, вчера од Мариупол тргнаа околу 160 автомобили. Од 10 часот има информации дека околу 300 жители на Мариупол стигнале до Запорожје“, соопштија градските власти на Мариупол.

Најмалку 200.000 луѓе се уште треба веднаш да бидат евакуирани од градот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на ноќта објави видео порака во која изрази „внимателен оптимизам“ за тековните мировни преговори со Русија. Тој тврди дека Русија почнува да сфаќа дека победата нема да се случи на бојното поле.

„Тие веќе почнаа да сфаќаат дека со војната нема да се постигне ништо“, рече Зеленски.

Претседателот, исто така, директно им се обрати на руските војници, велејќи:

„Ако им се предадете на нашите сили, ние ќе се однесуваме со вас онака како што треба да се однесуваат со луѓето“.

Украина планира да отвори девет хуманитарни коридори

Рано утрово беше соопштено дека денеска ќе се направат повеќе обиди за евакуација на цивилите од бомбардираните градови. Украинската вицепремиерка објави дека Украина има за цел да отвори девет хуманитарни коридори, иако претходните обиди за евакуација на луѓето повремено беа цел на руските сили.

Според Дмитро Живицки пак, шеф на регионалната администрација на Суми, рутите за евакуација од Суми, Конотоп, Тростианец и Лебедин ќе бидат воспоставени меѓу 09:00 и 21:00 часот по локално време.

Градот Суми во близина на руската граница е под силно гранатирање со извештаи за прекини на струја и вода по инвазијата на Русија.

„Руските сили во текот на ноќта ги засилија и воздушните напади врз северозападните предградија Ирпин, Хостомел и Буча“, изјави шефот на Киевската област.

Речиси 100 деца загинале од почетокот на руската инвазија врз Украина

Околу 97 деца загинаа, а повеќе од 100 се повредени за време на руската инвазија на Украина, соопшти канцеларијата на главниот украински обвинител.

„Како резултат на вооружената агресија на Руската Федерација, според податоците од утрото на 15 март, загинале околу 97 деца, а повеќе од 100 се повредени. Најголем дел од жртвите се од регионите на Киев, Харков, Доњецк. Чернихив, Суми, Х

ерсон, Миколаив и Житомир. Најмалку пет деца умираат под гранати дневно“, се вели во соопштението на Канцеларијата, објавено на официјалниот канал Телеграм.

Се наведува дека во бомбардирањето и гранатирањето биле оштетени повеќе од 400 образовни институции, а 59 се целосно уништени. Според соопштението, најголема штета е нанесена во регионот на Доњецк, каде се погодени 119 згради, а 50 се погодени во Харков.

„Околу 11 здравствени установи, три центри за рехабилитација, вклучително и оние за деца со посебни потреби, беа погодени со гранати“, соопшти Канцеларијата на обвинителот.

Се додава дека овие бројки не се конечни, со оглед на неможноста да се истражи местото каде се случи гранатирањето и каде „земјата агресор врши непријателски активности на привремено окупираните територии“.

Според АП, илјадници војници и цивили загинале од почетокот на војната во Украина. Повеќе од 2,8 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG