Достапни линкови

Пожарите ги покажаа слабите македонски капацитети за справување со кризи


Пожари околу Кочани. Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири.
Пожари околу Кочани. Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири.

Србија ни испрати 4 хеликоптери да помогнат во гаснењето на пожарите, претходно земјата помогна и со вакцини за време на ковид кризата. Се очекува помош и од други соседи со што се отвора прашањето за капацитетите на државата за справување со вакви непогоди.

Во државава денеска се активни девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак, според информациите на Центарот за управување кризи. Пожари има околу Пехчево, во Валандово, поточно во месноста Погана, како и во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, потоа во Прилеп, поточно на Плетвар и во Делчево. Пожарот во Кочани гори веќе трет ден, но, е ставен под контрола. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов изјави дека во моментов кај селото Дренак дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден наш Армиски хеликоптер.

„Ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови пожари во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари“, изјави Ангелов.

Тој посочи дека е побарана и помош и Словенија и Грција, но дополнително ќе информира кога би требало да пристигне. По ковид кризата Владата уште еднаш се ослони на помош од соседството откако во последниве денови целата територија на земјата е зафатена со огнена стихија. Србија откако ги донираше првите вакцини за Ковид-19 со што и официјално почна вакцинацијата во земјата, сега помага и во гаснењето на пожари со четири хеликоптери.

Овие проблеми ние треба сами да ги дефинираме и после распаѓањето на Југославија ние бевме на второ место после Словенија, а сега сме на последно место во регионот по капацитетите на функционирање на државата, вели политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

„Јас мислам дека додека не профункционира мерит системот тука кај нас, бидејќи се уште функционираме по партиската логика и со електоралните потреби на партиите кои бираат и унапредуваат кадри, ние ќе имаме уште полоша ситуација. Додека не се воведе тој клуч кој ги движи напред сите држави на светов нема шанси ние да се движиме напред и ќе просиме, како што просиме од соседните држави и ќе делуваме како земја која бара милост“, вели Биљали.

И самиот Ангелов изјави дека како држава имаме ограничени ресурси и дека капацитетите се исти со години и децении наназад. Во меѓувреме, во јавноста се упатија критики за набавката на моторни возила од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата во вредност од околу 1 милион и 700 илјади евра во услови кога во земјата пожарникарните возила се дотраени, а трите против пожарни авиони не се сервисирани.

„Да се постави забрана за сите непродуктивни трошења (вклучително и лесни возила за институциите) додека не се задоволат основните приоритети во здравството, образование, еве противпожарна заштита. И на централно и на локално ниво. За приоритизација алармираме годинин наназад“, е еден од коментарите на Твитер.

„Во зима снегот, во лето пожарите ги фатија неспремни. И така со години. Што ли беше тоа јавен интерес и општо добро?“, се наведува во друга објава на Твитер.

Лани 102 пожари

Во 2020, според годишниот извештај на Македонски шуми во земјата имало имало 102 пожари. Најмногу имало во април 24, потоа во август 21 пожар. Вкупно била опожарена површина од 1.233 хектари. Oпожарената дрвна маса изнесувала 8.138 м3. Додека пак била причинета штета од околу 1 милион и 300 илајди евра.

Во гасењето на сите 102 пожари учествувале 1.101 гасначи. Од кои поголем број или 719 се вработени во Македонски шуми, а а останатите се од други субјекти. Вкупно трошоците за гаснење на пожарите изнесувале околу 21 илјада евра.

Прелани 402 пожари

Во 2019, според годишниот извештај на Македонски шуми во земјата имало имало 402 пожари или четири пати повеќе од лани. Најмногу пожари 223 имало во март. Загубите се далеку поголеми, односно биле опожарени 15.675 хектари. Oпожарената дрвна маса изнесувала 95.938 м3. Штетата која ја нанеле пожарите била околу 13 милиони евра, а трошоците за гаснење на пожар изнесувале речиси 164 илјади евра.

Систем за пожари

Од 2014 година целосно во функција е ставен Македонски информативен систем за шумски пожари која се темели на современа информатичка технологија и е во функција на следење, проценка на ризикот и оперативна координација во случаи на справување со ризикот од шумски пожари.

Системот како што изјавил тогашниот Директор на Центарот за управување со кризи Зулфи Адили е важен за државата и за граѓаните од аспект на превенција и рано предупредување.

Системот е реализиран со поддршка на Јапонската агенција за меѓународна соработка и во соработка со повеќе државни институции- министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство, за животна средина и просторно планирање, Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Македонски шуми и други.

ВМРО-ДПМНЕ најави кривични пријави до власта поради непостапување и навремено спречување на пожарот во Кочани и на одговорност и оставки.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG