Достапни линкови

Пендаровски и владата се дистанцираат од ставовите на Малески


Учебник по историја
Учебник по историја

Последните изјави на Денко Малески, советник на претседателот Пендаровски не кореспондираат со ставовите на претседателот, реагираа од неговиот кабинет. Со него не се согласува и претседателот на Комисијата со Бугарија, Георгиев. Малески пак цврсто стои зад изјавите за Делчев и Мисирков

„Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи“, реагираат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, откако во последните два дена јавноста бурно реагираше на изјавите на професорот Малески дадени во интервју за една бугарска телевизија, а во кое тој вели дека треба да се прифати историската вистина оти Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев се Бугари и дека некогаш сме биле еден ист народ.

„Меѓутоа, тој факт не значи дека претседателот Пендаровски не треба да соработува со професорот Малески. Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени“, се вели во одговорот од претседателскиот кабинет на нашето прашање за тоа дали претседателот на државата се согласува со ставовите на професорот Малески.Но, потсетуваме дека и претседателот Стево Пендаровски лани јавноста ја збуни со слична изјава за еден од домашните медиуми, во која посочи дека „неспорна историска вистина е дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин и се борел за самостојна независна Македонија“. Во интервју за нашето радио подоцна појасни дека со оваа изјава не ја подрил преговарачката позиција на македонскиот тим во рамките на мешовитата комисија со Бугарија, туку напротив ја засилил и помогнал во деблокирање на ќор-сокакот во кој тогаш западнала комисијата.

И од Владата велат дека ставовите на Малески се лични и не ги претставуваат позициите на Владата на РСМ.

„Денес постоењето на македонскиот идентитет и македонски јазик се општоприфатена и меѓународно призната реалност.
Историските прашања и дискусии со Бугарија ќе продолжат во рамките на заедничката комисија, со доследно почитување и спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија, што впрочем е и обврска за двете страни. Силно сме посветени на идната соработка со Бугарија, како сојузници во НАТО и партнери во ЕУ и не смееме да дозволиме да не дели и спречува историјата и личностите кои се важни за двете држави и народи и кои заедно ги почитуваме и славиме“, се вели во реакцијата од Владата.

Професорот Малески во разговор за нашето радио вели дека целосно стои позади изјавите кои ги кажал. Свесен е дека ваквите изјави предизвикале лавина реакции кај домашната јавност.

„Се разбира дека останувам на тоа што го реков бидејќи тоа се историски факти, она што јас го нарекувам објективна историја и од тие факти ние не може да бегаме бидејќи едноставно ќе ја искомплицираме ситуацијата да постои опасност да ни се повтори грчкото сценарио. Никој не треба да биде шокиран од фактот дека Мисирков бил Бугарин кога на првата страница од „Македонцките работи“ самиот пишува: Ние досега сме се делеле Бугари, од сега ќе направиме сопствена една македонска нација“, вели Малески во разговорот што во целост може да го слушнете подолу во текстот.

Она што е објективна вистина за Малески, не е за Драган Георгиев, претседателот на Комисијата за македонско-бугарски образовни и историски прашања. Тој вели дека не се согласува со личниот став на Малески.

„Јас не се согласувам со неговиот став. Затоа што на теренот, во тоа време, самата атмосфера и контекст не дозволува да се тврди такво нешто дека постоело некое апсолутно единство на територијата на Македонија во поглед на етничката припадност на целото население. Тоа секако нема да влијае врз работата на Комисијата доколку продолжиме со работа по кризата со короната. Реакцијата на јавноста покажува дека изјавите предизвикуваат тензија, но не поделба туку поголема хомогенизација на Македонците, но од друга страна пак предизвикуваат и кревање на гардот на Македонците во однос на создавање недоверба кон Бугарија и влошување на соседските односи со Бугарија кои во овој момент се на „тенок лед“, вели Георгиев.

Дали овие изјави се сигнал за некакво попуштање на македонската страна во однос на Бугарија со цел да не се блокира македонскиот евроинтегративен пат, останува отворено прашање. Во својата неодамнешна објава на фејсбук, министерот Никола Димитров се осврнува на Изјавата на Бугарија во врска со заклучоците за проширување на ЕУ, велејќи дека изјавата е унилатерална и нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.

„Договорот за пријателство со Бугарија е договор што поставува правна рамка каде македонскиот јазик и бугарскиот јазик се во целосно еднаква позиција. Договор што во членот 14 не дава простор за менување на правата и обврските на двете страни кои произлегуваат од други договори, вклучувајќи ги и меѓународните инструменти за човекови и малцински права“, пишува меѓу другото Димитров во својата објава.

Сепак, во бугарскиот документ стои дека Македонија ќе мора да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, ќе мора да заборави на „македoнски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да ја заврши работата со експертската комисија за историските прашања, ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ.

Малески пак вели дека Бугарија би можела да очекува да се согласиме околу фактите во историските книги, но не и да очекува дека во име на минатото ќе се смени нашата сегашност.

„Тоа значи дека не може да очекува ние да се откажеме од нашиот јазик, од нашата нација и тоа ќе не обедини во еден отпор. Но нема потреба од отпор сега каде што после Преспанскиот договор меѓународно е признат нашиот јазик и затоа треба да настапуваме со повеќе самодоверба и дипломатија и преговори за да ги најдеме решенијата. Доколку почнеме со непријателство веднаш и повикување на меѓународното право и судови, можно е да заглавиме поради начинот на кој се одлучува во Европската Унија, во која секоја земја членка која има право на вето“, изјави Малески.

Малески вели дека неговите изјави и колумни се еден вид укажување на она што не чека на патот кон ЕУи се еден вид помош за да се избегнат нови непријатности. Свесен е дека неговите последни изјави не се добро примени во јавноста но вели дека е тоа нормално секогаш кога треба да се промени начинот на мислење.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG