Достапни линкови

Парализа во планот на ЕУ за проширување со земјите од Балканот


Дали ЕУ ќе го повтори ветувањето дадено пред 18 години за својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан?
Дали ЕУ ќе го повтори ветувањето дадено пред 18 години за својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан?

ЕУ, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, веќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, пишува новинската агенција Ројтерс. Во ЕУ и барање за суспендирање на безвизниот режим.

Станува збор за застој во усогласувањето на декларацијата за самитот меѓу лидерите на ЕУ и на Балканот закажан за 6 октомври. Според Ројтерс која се повикува на изјави на четворица дипломати и на интерен документ на Унијата, тоа е ниска точка во стратегијата на ЕУ за вклучување на Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија во Унијата. Ова се совпаѓа и со разгорувањето на тензиите на границата меѓу Косово и Србија.

Заев-Меркел: Европската интеграција на Македонија не смее да се одложува

Според нацрт-декларацијата, во која имаше увид Ројтерс, на самитот ЕУ планираше да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за „својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“. Но, таа помина најмалку две рунди преговори без да биде постигнат договор, рекоа дипломатите.

Државите на ЕУ, како што наведува Ројтерс, нема да ги откријат своите позиции, но богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија стравуваат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и од лошо управуваната миграција на работниците од Источна Европа во Британија што доведе повеќето Британци да бидат против Европската унија. Сега Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спор околу јазикот.

„Мора да се однесуваат лошо“

Дури и ако конечно се договори некој јазик, наведува Ројтерс, лошата состојба ја одразува парализата во планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, трговија и помош. Наместо тоа, Кина и Русија посегнуваат со инвестиции и влијание. Во јануари, Србија беше првата европска земја што прими кинески вакцини против ковид-19 за масовна вакцинација.

ЕУ исто така, индиректно ги заострува тензиите во регионот од 20 милиони луѓе, велат дипломатите, наведувајќи дека балканските државјани сонуваа да влезат во ЕУ по етничките војни во 90-тите години од минатиот век, кога Југославија се распадна.

Косово го вклучува алармот во регионот

Војниците на НАТО во понеделникот ги зголемија патролите на Косово во близина на граничните премини, кои беа блокирани од локалните Срби, разгневени од забраната за влез на автомобили со српски регистарски таблички во земјата. Србија не го признава прогласувањето независност на Косово во 2008 година и започна воени маневри во близина на границата.

„Мора да се однесуваат лошо за да бидат забележани“, изави за Ројтерс висок дипломат на ЕУ во Брисел кој е вклучен во балканската политика, додавајќи: „Има влошување на Балканот што произлегува од изгубениот интерес во главните градови на ЕУ“.

ЕУ и САД апелираа за смиреност и претседателката на Европската комисија, а Урсула фон дер Лaјен во вторникот го започна тридневното патување во шесте балкански земји за да ја покаже посветеноста на извршната власт на ЕУ кон регионот.

„Одиме никаде“

На првата станица во Албанија, фон дер Лaјен рече дека стои на ветувањето оти „иднината на Албанија е во ЕУ“. Но, кредибилитетот на ЕУ е оштетен, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а сега тоа го прави и Бугарија.

Косово и Србија се чувствуваат разочарани од Соединетите држави, откако пред една година беа поканети во Белата куќа од тогашниот претседател Доналд Трамп да потпишат договор за нормализирање на економските односи, за потоа тој договор да пропаднае. ЕУ не го одржа ветувањето дека ќе дозволи патување на Косовските граѓани без визи.

Ројтерс наведува и дека државите кои се залагаат за проширување, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги осудуваат Германија и Франција затоа што не ја притиснале Бугарија да го укине ветото спрема Северна Македонија. Напредокот на Албанија исто така е запрен затоа што е поврзан со Северна Македонија во процесот на проширување.

„Сѐ додека имате толку многу земји-членки, од една или друга причина, кои веруваат дека не е правилно да се прошири ЕУ понатаму, тогаш навистина не одиме никаде“, оценува Џон О'Бренан, експерт за интеграција во ЕУ на Универзитетот Мејнут во Ирска.

Дали е можно и суспендирање на безвизниот режим?

Незаконскиот престој и неоснованите барања за азил од некои држави од Западен Балкан, плус Молдавија, Грузија и Украина, предизвикуваат дискусии за суспендирање на патувањето без визи во ЕУ, пишува ЕУобсервер повикувајќи се на документ на ЕУ, датиран од 27 септември.

Фрустрацијата, како што се додава, се чини дека се зголемува меѓу Франција, Германија и Италија, во услови на поширока дискусија за запирање на наводната злоупотреба.

На граѓаните на Црна Гора, Србија и Северна Македонија им беше дозволено да патуваат во ЕУ без виза до 90 дена од декември 2009 година. Ова беше проследено во 2010 година со Албанија и Босна и Херцеговина, Молдавија во 2014 година, и Грузија и Украина во 2017 година.

Европската комисија смета дека патувањето без визи е „значајно достигнување“ во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и поранешните советски држави под капата на политиката „Источно партнерство“, наведува Еуобсервер, додавајќи: „Но, не се сите среќни, бидејќи сега активно се дискутира за заканата од таканаречениот „механизам за суспензија на визите“. Потребно е повеќе од 50 проценти зголемување на нерегуларниот престој, или баратели за азил со ниски стапки на признавање, за повторно да се воведат визите.

ЕУ - Западниот Балкан и Источното партнерство да преземат мерки против нелегалната миграција

Според познавачите, ова може да се гледа како „тактика на плашење“ од страна на неколку земји-членки на ЕУ, кои треба да играат цврсто пред својата национална публика. Но, тоа е и порака до владите на различни трети земји да направат нешто во врска со ова прашање. Сега внимателно ќе се следат реакциите на Кишињев, Киев и Тбилиси.

Според нив, во време кога Русија постојано бара начини да го зголеми влијанието и во двата региона и да ја укине ЕУ во тој процес, визната суспензија ќе биде совршен подарок.


Аналитичарот за европски прашања на Радио Слободна Европа Рикард Џозвиак јавува дека официјалните претставници на ЕУ ќе разговараат за ова прашање во работната група за визи на 13 октомври. Според него, има многу негодување, но на крајот нема да има акција. Барем засега.

„Не го потценувајте вечниот европски изборен циклус, особено француските претседателски избори претстојната пролет. Целата политика, дури и визната политика, сепак е локална “, наведува Јозвиак.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG