Достапни линкови

Национална галерија со јубилејна изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“


Плакатот за јубилејната изложба на Иван Велков
Плакатот за јубилејната изложба на Иван Велков

„Иван Велков, 90 години од раѓањето“ е насловена јубилејната изложба посветена на еден од најавангардните и најбунтовните македонски сликари, што од 4 до 30 март ќе се одвива во Чифте амам, во Националната галерија. Ќе бидат претставени 90-на дела од сите творечки фази на уметникот.

Повеќе од деведесет дела од сите творечки фази на Иван Велков, ќе бидат претставени на јубилејната изложба посветена на еден од најавангардните и најбунтовните македонски сликари насловена како „Иван Велков, 90 години од раѓањето“, што од 4 до 30 март ќе се одвива во Чифте амам, во Националната галерија. На поставката, на едно место ќе се најдат сликите кои се дел од колекциите на организаторот - Националната галерија, Музејот на современата уметност - Скопје, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Штип, НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, семејството на уметникот како и на повеќемина приватни сопственици.

Роден на 22 април 1930 година во Врање, Иван Велков спаѓа во рангот на еминетните македонски сликари, воедно и универзитетски професор, припадник на повоената генерација уметници, кој одигра особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 1960-тите години. Тој, како што ќе биде забележано во каталогот за актуелната јубилејна поставка, без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски автори заради фактот дека со своето творештво внесе сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас. Во таа смисла треба да се респектира неговиот придонес во следењето на ликовната патека која помина низ повеќе препознатливи стилски сликарски насоки од кои го одбра оној сензибилитет што најадекватно можеше да го транскрибира со сопствениот визуелен дискурс.

Иван Велков - Композиција ( Магични кругови) 1962, комбинирана техника на платно

За него стручњаците пишуваат дека и припаѓа на повоената генерација уметници активни од шестата деценија која најчесто историчарите на уметноста ја дефинираат како „период на обнова“. По згаснувањето на соцреализмот и постарата, веќе формирана генерација, се појавува новата генерација млади уметници подготвени за експериментирање со сликата и пренесување на новите појави и иновации од опкружувањето и светот кои се залагаат за нови креативни изрази.

Од таму, како што забележуваат, невозможно е да се дефинира неговото комплексно творештво преку неколку стилски одредници пренесени во куси црти во една-две реченици. Па, така, тие подвлекуваат дека „во историјата на македонската ликовна сцена Велков се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција, кој одигра особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 60-тите години на ХХ век“.

Иван Велков - Дијагонала на изгревот, 1971 , масло на платно

Инаку, од обемниот материјал за него дознаваме дека „по завршувањето на Ликовната академија во Белград, и по првичните експресионистички ликовни изрази, во периодот 1953-1955 година, Велков од 1956 година ги истражува новите простори на сликата со геометриски израз, односно кон сферите на (пост)кубизмот, апстракцијата, надреализмот. Неговата творечка активност и значење за македонската ликовна уметност секако дека веднаш е препознаена и валоризирана од страна на македонската критика и критиката од поранешните југословенски републики уште од почетоците на овој значаен период кој историски се карактеризира како преломно време во современата југословенска уметност.

Впрочем, Иван Велков, заедно со својот колега и пријател Петар Мазев, во 1960 година, биле иницијатори за формирање на познатата ликовна група „Мугри“ во која членувале и Богољуб Ивковиќ, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Спасе Куновски, Ристо Лозаноски и повремено Томо Шијак. Иако со сложен состав, настапите на групата „Мугри“ не поминуваат незабележани од тогашната југословенска критика.

Отвореноста на македонските уметници кон новите сензибилитети на сликата во шестата деценија на ХХ век, кај Велков се манифестира преку дела кои расчистуваат со фигурацијата и преминува кон геометриска апстракција, а понатаму кон лирската апстракција во духот на енформелот до кој доаѓа постапно, преку експресионизмот, посткубизмот и магичниот (над)реализам.

Иван Велков - Полиптих 1975, масло на платно

Хронолошки гледано, седмата деценија на минатиот век кај Велков, како што истакнуваат историчарите на уметност, се карактеризира „преку дела работени во манирот на геометриската и лирска апстракција во сложени ликовни системи кои преку предметно-асоцијативно-апстрактното преминуваат кон непредметното со специфики на енформелот (сликарството со материја) и ташизмот“. Во осмата деценија „повторно провејува надреалистичкото чувствување на просторот и атмосферата, космичките пространства со различни тоанлитети, од дела со загасени бои со загадочни до апокалиптични мотиви, до интензивно колоритни космички соништа. Овие дела, како што пишуваат тие, се карактеризираат со специфично чувство за градење на просторот во пошироки плохи за позадината со претстави во преден план кои постепено стануваат расчленети до најмали минуциозно, пастуозно и колоритно разработени детали налик на комплексна орнаментална мозаична структура. Карактеристичните остварувања резултураат во бесконечни игри во кои доминира динамика и ритам на движење во имагинарни фантастични простори низ кои се распрснати форми кои се разлеваат во колористички визуелизации на сложени „организми“ со дури механизирана и материјализирана фактура на површината кои се продолжуваат да се развиваат по сопствена развојна креативна логика и во подоцнежните слики и цртежи.

- Сумирано, значењето на Иван Велков за македонската историја на уметност го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа и желба за внесување на новитети во сликарството и подигањето на ликовната уметност на ново, современо рамниште во клучната шеста деценија во развојот на современата македонска уметност. Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во истражувањата на ликовните (па и техничките) можности на сликата, начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво нови елементи, новитети за дотогашната уметност кај нас, но и внесување на стилизирани традиционални етнолошки елементи преку своевидно „ткаење“ на површината на сликата, пишуваат Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, виши кустоси во Национална галерија и авторки на изложбата и текстот во каталогот.

Инаку, пред ова јубилејно претставување, делата на Иван Велков македонската публика имаше можност да ги види пред не цела деценија. На изложбата „Меѓу имагинарното и реалното“, што од 22 април до 18 мај 2013 година, на петгодишнината од неговата смрт ( 2008), се одржа во Галеријата на Младински културен центар – Скопје и каде беа изложени 25 дела, масло на платно на еден од најбунтовните и најавангардни македонски сликари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG