Столтенберг изјави дека на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел било решено Алијансата да остане дефанзивна во своите акции и оти нема намера да распореди нови копнени нуклеарни проектили во Европа.
„Не сакаме нова трка во вооружување, но истовремено мораме да продолжиме да одржуваме кредибилна одбрана. Ова е мисијата на НАТО“.
Пред состанокот Столтенберг оцени дека распоредувањето на новите руски проектили претставува јасно кршење на договорот за нуклеарните сили на среден дострел.
Овој договор забранува производство, тестирање и распоредување на копнени и балистички проектили со опсег од 500 до 5.500 километри.
Говорејќи за какви ракети станува збор Столтенберг рече:
„Тешко е да се детектираат, мобилни се и затоа го намалуваат времето на предупредување“.
Во февруари Соединетите држави започнаа шестмесечен процес на повлекување од договорот постигнат со тогашниот Советски Сојуз, инсистирајќи на тоа дека руските ракети од типот SSC-8 го нарушуваат овој договор.
Процесот на американското повлекување завршува на 2 август, освен ако Русија не го промени ставот.
На дводневниот состанок во Брисел учествува и вршителот на должноста американски секретар за одбрана Марк Еспер кој уште еднаш ја потврди американската приврзаност кон НАТО.
Најпрвин да ви пренесам дека моето присуство тука, моето назначување, е едноставно промена во лидерството. Тоа не е промена во мисијата. Тоа не е промена на приоритетите и тоа не е промена во посветеноста на САД кон НАТО“.
НАТО се обидува да ја охрабри Русија да учествува на состанокот на амбасадори во наредната недела, за да разговара околу ова прашање, со оглед на тоа што времето истекува за да се спаси договорот кој се смета за камен-темелник на европската одбрана.