Достапни линкови

Меѓународните конвенции ја притискаат власта да ги заштити своите природни богатства


Национален парк Галичица во Северна Македонија.
Национален парк Галичица во Северна Македонија.

Македонија е потписник на неколку меѓународни конвенции кои ја обврзуваат да ги заштити своите природни богатства. Освен УНЕСКО, сега и Бернската конвенција реагира за состојбата со урбанизацијата во Охрид и НП Галичица. Повеќегодишен случај веќе е отворен за НП Маврово во врска со хидро-проектите.

Постојниот комитет на Бернската конвенција овој месец усвои нови препораки кои се однесуваат на Националниот парк Маврово, но отвори и нов случај за државата што се однесува на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица. Со тоа, покрај УНЕСКО, ова е уште една меѓународна конвенција која реагира за ризиците од несоодветната урбанизација во зоната на Светското природно и културно наследство.

Случајот за Маврово беше отворен уште во 2013 година, кога граѓанската организација „Еко-свест“ поднесе жалба против изградбата на хидроцентрали во заштитеното подрачје, но сега Комитетот на Бернската конвенција отвора нов случај за Македонија што се однесува на заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, по прифатената жалба на граѓанската организација „Фронт 21/42“ поднесена во 2016 година.

„Фронт 21/42 во однос на поднесената жалба секоја година испраќа извештаи до Бернската конвенција. Во последните извештаи се осврнавме на проблемите кои од 2017 година сѐ уште постојат и до денес не e направенo ништо: проблемот со цврст отпад, загадување на езерото од отпадни води и од реките кои се влеваат во езерото, проблемот со пловниот сообраќај. Посебен акцент во извештаите и презентацијата ставивме на проблемот со огромниот број на дивоградби, вели за Радио Слободна Европа Искра Стојковска од „Фронт 21/42“.

Како што велат од „Фронт 21/42“, наводите во нивната жалба за Охридското Езеро и Националниот парк Галичица ги потврдиле и телата на УНЕСКО, но и на Рамсарската Конвенција на чија Листа од оваа година се ставени Охридското Езеро и Студенчишкото Блато.

Ова е уште една меѓународна конвенција која ги заштитува природните богатства на Охридскиот регион, откако пред 40 години Охрид беше прогласен за Светско природно и културно наследство и беше ставен под заштита на УНЕСКО. Бернската конвенција е трета на која државата е обврзана.

Реактивната мисија на УНЕСКО прво во 2017-та, а потоа и во 2019 година предупреди, меѓу другото, на неприфатлива урбана трансформација и на голем број нелегални градби во Охридскиот регион, по што даде 19 препораки до Владата за Охрид да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство.

Некои од проектите за урбанизација беа запрени, како ски-центарот и патот на Галичица, но УНЕСКО стави јасно до знаење дека Охрид и натаму е под закана да биде ставен на Листата светско природно и културно наследство во опасност доколку не бидат спроведени сите останати препораки. За тоа Властите во Македонија и Албанија оваа година добија нов рок.

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

Мисијата на Бернската конвенција напролет повторно ќе ги анализира состојбите на терен. Таа е обврзувачки меѓународен правен инструмент за зачувување на природата и природното наследство во европскиот континент, но и во некои африкански земји. Конвенцијата ја потпишаа 51 земја, а Македонија тоа го направи во 2002 година.

Според оваа Конвенција, земјите се обврзани да обезбедат заштита на дивата флора и фауна и нивните природни живеалишта во заштитените зони. Тие, меѓу другото, се обврзани да го земат предвид влијанието врз природата при планирањето и развојот.

Во однос на Националниот парк Маврово, минатата година мисијата на Комитетот ги испитуваше состојбите, како и во другите заштитени подрачја под оваа Конвенција, по што дефинираше серија препораки за различни аспекти од областа на заштитата на природата.

Ана Чоловиќ Лешоска е подносител на жалбата во 2013 година за хидро-проектите во Маврово. Таа објаснува дека освен препораката за откажување на сите одобрени и планирани хидроелектрани во државата, Бернската конвенција дава и низа други препораки: за правилна примена на европската директива за води, за државно финансирање на заштитените подрачја, усвојување на план за заштита на Балканскиот рис, забрзување на постапката за ре-прогласување на Маврово и зајакнување на стандардите во оценка на влијанијата на инфраструктурните проекти врз животната средина.

„Сите овие препораки се клучни и соодветни, всушност за овие проекти многупати сме реагирале и до институциите и до јавноста. Сега, откако се врамени во препораката на Бернската конвенција, сметаме дека Владата ќе мора да ги прифати како приоритети“, вели Чоловиќ Лешоска.

Радио Слободна Европа преку електронска пошта побара став од Владата во врска со сите овие нови препораки на Бернската конвенција, и за Маврово, и за Охрид и Галичица. До објавување на текстот одговор не добивме.

Од „Еко-свет“ наведуваат дека случајот за Маврово секоја година од 2014 наваму е на дневен ред на Комитетот на конвенцијата, кога Владата одлучила да ги суспендира „контроверзните проекти“ Бошков Мост и Луково Поле, но продолжила со одобрување на изградба на мали хидроцентрали.

„Новата препорака се однесува на оние проекти кои добиле концесии, но сѐ уште не се изградиле, што значи дека се очекува Владата да ги раскине договорите во тие случаи“, велат од „Еко-свест“.

Нема вода за луѓето, а не пак за хидроцентрали
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:35 0:00

Инаку, Бернската конвенција пред да одлучи дали ќе отвори случај по жалба поднесена од граѓанска организација или друго правно лице, истовремено го слуша и ставот на претставниците на Владата како тужена страна кои имаат простор да ги презентираат активностите кои ги преземале. Потоа Комитетот одлучува дали ќе биде отворен случај.

Како што објаснуваат од „Фронт 21/42“, пред да биде отворен случајот за Охрид и Галичица, Владата ја известила Бернската конвенција за спроведените активности, но и покрај тоа Комитетот изразил загриженост за состојбата на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.

Во извештајот на Бернската конвенција објавен на 3 декември се вели дека со Охридското Езеро и Националниот парк Галичица не се управува според меѓународните стандарди за светско наследство на УНЕСКО (Охрид) или според стандардите на заштитените подрачја на Меѓународниот сојуз за заштита на природата (Галичица).

„Во двете области, не само што се спроведуваат развојни проекти кои се штетни за целите кои треба да бидат заштитени, туку постојат и неколку плански документи за иден развој во овие подрачја“, се вели во извештајот на Бернската конвенција.

Стојковска вели дека доколку меѓународната заедница не интервенира веднаш, дополнително ќе се влоши веќе сериозно лошата состојба во Охридскиот регион.

„Фактот дека уште една конвенција изразува многу сериозна, длабока загриженост, тоа се вкупно три меѓународни конвенции коишто државата се обврзала дека ќе ги почитува“, вели Стојковска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG