Достапни линкови

Кованцалиев со изложбата „Политичка лиричност“ во родната Гевгелија


Плакатот за изложбата „Политичка лиричност“ поставен на влезот на Уметничката галерија Амам во Гевгелија
Плакатот за изложбата „Политичка лиричност“ поставен на влезот на Уметничката галерија Амам во Гевгелија

„Политичка лиричност“ е насловена изложбата на апстрактни цртежи на ликовниот уметник Перо Кованцалиев што од 17 септември до 6 октомври се одржува во Уметничката галерија Амам во Гевгелија. Станува збор за критика насочена кон видливите проблеми со кои се соочуваме и неажурноста на институциите.

По само 10 месеци од „Капиталистичка авантура“ одржана во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, мултимедијалниот уметник Перо Кованцалиев еве го со нова самостојна изложба. Овој пат повторно во родната Гевгелија. Поставката е насловена „Политичка лиричност“ и во периодот од 17 септември до 6 октомври љубителите на уметноста можат да ја проследат во изложбениот простор на Уметничката галерија Амам, онаму каде пред без малку седум години се одржала и неговата прва самостојна средба со публиката.

А, согласно авторските стремежи и потраги, веќе презентираниот визуелен ракопис, таа донесува апстрактни цртежи каде чадот дефинира форми и создава длабочини. Или, како што ќе биде забележано во текстот публикуван по овој повод „чадот, како важен ликовен елемент, ја гради и дополнува композицијата во самото дело на истиот принцип како што чадот од согорените отпади го креира секојдневието во нашите животи. Критика е насочена за сегашната пасивност кон видливите проблеми со кои се соочуваме и неажурноста на институциите кон посочените проблеми и несовесноста на поединци, кои придонесуваат за апатичната состојба во која се наоѓаме. Делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелни пораки кон набљудувачот, будејќи храброст и доживување, давајќи поттик и мотивација...“.

Изложбата „Политичка лиричност“ е практично продолжение на минатогодишниот концепт кој беше даден во еден поширок општествен ракурс. Изложбата е составена од апстрактни цртежи изработени со чад и еден зачаден стаклен објект со отисоци од дланки. Денес живееме во една реторичка средина која е оптоварена со празни ветувања со лирски елементи, изразуваќи мисли и чувства на лицата кои се надлежни и управуваат со животната средина. Со овие дела се обидувам да ја вратам лиричноста во уметноста, каде што вистински припаѓа. Уметноста е областа каде лиричноста се развива, ги унапредува своите форми создавaјќи нови содржини, истакнува Кованацалиев.

Говорејќи за своите чести средби со гевгелиската публика, за градот и вниманието кое му го даруваат неговите сограѓани и тамошните почитувачи на уметноста, тој со дополнување:

Изложбата е отворена во Гевгелија, градот каде што сум роден и местото каде ги поминав моите безгрижни денови. Иако живеам во Скопје, јас никогаш не престанав да живеам во Гевгелија. Таму секогаш има повеќе топли прегратки за мене и моето семејство бидејќи моите најблиски сеуште се таму.

Инаку, Перо Кованацалиев е самостоен уметник. Скулптор, графички дизајнер, конзерватор и реставратор. И она што е особено важно за него како мултидисциплинарен творец е тоа дека негов главен интерес е следењето на општествените промени, како локалните така и глобалните, каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид на коментар кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога.

Роден во Гевгелија 1982 година, Кованцалиев најнапред завршил училиште за применета уметност во Скопје, потем дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на одделот за вајарство. На овој оддел и на оваа Установа ги завршил и постдипломските студии. Член е на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија и на ДЛУМ од 2012 година, зад себе има седум самостојни изложби и голем број на групни поставки и колонии во земјава и во странство.

Освен „Капиталистичка авантура“ што се одржа лани во Галерија „КО-РА“ во Скопје, тој е потписник и на „Ирационални бранови“, одржана 2019 во Пионерски дом во Гевгелија, „Човечност“ од 2018 – изложба на тројца автори во Колектив Галерија, Скопје, потоа „ Живот како балон“ една година порано во НУ Музеј / Ликовна галерија АМАМ , Гевгелија, „ 365 кг. Живот“ во Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп истото лето, „Затегнатост на Празнината“ во 2015 и првичното претставување насловено како „ Да или Не?“ во 2014 година во Национална установа Музеј / Ликовна галерија АМАМ.

Покрај високо признание „Боро Митриќевски“ што во 2020 година му го додели ДЛУМ на изложбата „Современа скулптура“, Перо Кованцалиев е добитник и на првата награда на конкурсот за идејно решение за спомен обележјето „Свети Климент и Наум Охридски“ на општина Центар во Скопје во 2009 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG