Достапни линкови

Заробен стационар, заглавен закон - Скопје „врие“ од бездомни кучиња


Бездомни кучиња во Скопје
Бездомни кучиња во Скопје

Проценките се дека во Скопје има над 4.000 бездомни кучиња. Јавната свест за вдомување е ниска, јавното претпријатие кое треба да ги стерилизира е заглавено во долгови, а законот со кој треба да се „стегнат“ несовесните граѓани што фрлаат миленици три години е во процедура за донесување

Во Скопје „врие“ од бездомни кучиња. Ги има насекаде, по плоштадите, тревниците, на улиците. Дел од нив се стерилизирани односно им е одземена можноста да се размножуваат, за што сведочи ушната маркица. Поголемиот дел, ваква маркица немаат.

Граѓаните реагираат дека глутници кучиња се собираат во градот, па бараат од надлежните да преземат решенија. Душка, која е пензионерка од Аеродром неодамна имала лошо искуство со бездомните кучиња кои живеат близу трговскиот центар Капитол.

Едно од нив, инаку големо по раст, се пуштило по мало куче- домашен миленик, и ја турнало нејзината сосетка додека заедно чекале зелено светло на семафор.

„Кучињата треба да се отстранат“, децидна е пензионерката за која ова е еден од најголемите проблеми во општината.

И за нејзината сограѓанка, Јадранка Божиновска, бездомните кучиња се голем проблем во градот.

„Не може да се помине наутро кога се оди на работа, огромни кучиња има. Јас не велам сега да се уништат, туку да се приберат некаде. Тоа е најбитно“, вели Божиновска.

Кога во септември 2007 година, во Скопје беше отворен стационарот „Вардариште“ и воведена програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати“, најавите беа дека за една деценија ќе се реши проблемот со бездомните кучиња во главниот град. Но 15 години подоцна, кучињата се уште се на улиците, голем дел од нив остануваат нестерилизирани, а тука се и тужбите од граѓаните за кои се плаќаат милионски отштети.

Бездомно куче во Аеродром
Бездомно куче во Аеродром

Единствено што е променето е тоа што од пред две години, наместо „Вардариште“, Градот го формираше јавно претпријатие „Лајка“, кое ќе ја спроведува истата програма, во истиот стационар, но ќе се обврзе на похуман третман на животните, нешто за што многупати беше критикувано „Вардариште“.

Во април 2019 година стационарот „Вардариште“ беше затворен од Агенцијата за храна и ветеринарство поради појава на заразни болести и пропусти во работењето. Оттогаш скоро две година тој речиси и да не функционираше додека да се реновира и започне со работа како „Лајка“. Овој меѓупериод само дополнително ја влоши состојбата на теренот.

Има ли решение?

„Лајка“ од пред неодамна има нова директорка, која доаѓа од редот на активистите за заштита на животните. Радмила Пешева наследи долгови, блокирана сметка, или како што самата ќе каже - заробен стационар. Има визија што треба да се прави, ама и куп проблеми.

„Наша визија е да стерилизираме најмалку 75% од кучињата во многу краток рок, за да ја можеме под контрола да ја имаме ситуацијата, на улица да имаме кучиња кои понатаму нема да се размножуваат“, вели новата директорка.

Идејата е да се продолжи програмата таму кадешто се застана. Да се заловат кучињата, со хируршка интервенција да се оневозможи нивно размножување, да се вакцинираат и вдомат, или ако нема каде, да се вратат оттаму од кадешто се земени. Животниот век на кучињата на улица е околу три години, а кога се стерилизирани и нивното однесување е помирно.

Ама за тоа да се случи, проценката на „Лајка“ е дека во една година ќе треба да се стерилизираат околу 3000 животни само во Скопје. Тоа во моментов е невозможно поради финансиите. Од почетокот на годинава биле заловени 466 кучиња, што е шестпати помалку од планот кој би можел да помогне за помалку кучиња по скопските улици.

Па така, сега сите надежи се свртени кон градскиот совет. Пешевска појаснува дека во моментов на сметка имаат 0 денари, а за „Лајка“ има резерирано средства од 10 милиони денари кои мора да се изгласаат на Советот.

„Неопгходно е советниците да ја увидат важноста што Лајка ја има“, алармира таа.

Покрај градот, пари за „Лајка“ треба да дадат и општините кои е потребно да исплатат по два милиони денари на годишно ниво. Од вкупно 10 општини во 2022 година, редовно исплаќале само општините Аеродром, Центар и Гази Баба. Одредени исплати има и од Бутел и Ѓорче Петров, додека другите општини не платиле ништо.

Место за ефикасно работење, парите одат за отштети

Според статистиката која ја води „Лајка“, Градот во 2021 година им исплатил 23 милиони денари, а за годинава уште 20 милиони. Истовремено, на 30,5 милиони денари се проценети потенцијалните обврски кои можат да произлезат од постапките за штети на граѓани кои пријавиле каснување од куче. Пресметката која се однесува на крајот на минатата година ја констатирал независен ревизор во финансиски извештај за „Лајка“ за 2021 година.

Во принцип, секој граѓанин кој ќе биде каснат од улично куче има право на отштета од Градот и претпријатието кои ги делат трошоците. Поради високите суми, од оваа година Градот одлучи место на суд, ваквите спорови да се решаваат со директна спогодба.

Само „Лајка“ во 2021 и 2022 година, за вакви отштети исплатила 8,5 милиони денари, или една петтина од парите добиени од Градот.

Со законски измени до поодговорни сопственици

Честа е праксата на оставање штотуку родени кучиња во приградските населби или на Водно, за што честопати сведочат и граѓаните и активистите. Гизела Бошковска од Анима Мунди, живее во Аеродром и вели дека иако секојдневно е со бездомните кучиња, досега не наишла на штотуку породена женка. Сите мали кучиња кои ги сретнала биле оставени од поранешни сопственици.

„Значи ние и практично сите животни денес да ги тргнем од улица, еве Лајка да направи некоја магија и да ги собере сите и смести на едно место, утре некој пак ке фрли куче, задутре исто. Тие две ќе се спарат и ќе се родат шест, и тоа е најпростата логика. И тој циклус ке продолжи се дури тој еден не се санционира. И тука затајуваат институциите. Значи казни за неодговорно сопствеништво има многу малку , а и самата казна е премногу мала“, децидна е активистката.

Чипирањето на милениците на пример е задолжително и казната е 100 евра, додека напуштање миленик пак се санкционира со 500 евра. Ама АХВ работи со 4 инспектори за цело Скопје, а бездомните кучиња се само мал сегмент од нивната работа.

Бездомно куче пред трговскиот центар Капитол
Бездомно куче пред трговскиот центар Капитол

Лани, според одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животни АХВ во земјава направиле 26 контроли, донесени биле 6 решенија, а изречени исто толку мерки едукација и 2 глоби ( парични казни). Од почетокот на годинава според истиот Закон биле спроведени 14 контроли, донесени се 5 решенија и изречени 3 мерки едукација.

Законот за благосостојба на животните на пример предвидува казна за одгледувачниците на домашни миленици кои нема да се регистрираат, ама до овој момент во Агенцијата за храна и ветеринарство нема регистрирано ниту една одгледувачници на кучиња бидејќи Законот за измени и дополнувања на Законот за благосостојба е во процедура на донесување. Со измените кои се најавуваат повеќе од две години се предвидува казна од 100 евра ако сопственикот не го стерилизира домашниот миленик, не го однесе еднаш годишно на ветеринар, или ако не пријави леглото со мали кучиња во ветеринарна амбуланта.

И додека граѓаните чекаат да се реши проблемот со кучињата, активистите се обидуваат да ги залечат последиците, преку помагање на кучињата и обиди за нивно вдомување. Па така, околу 2000 кучиња веќе успеале да вдомат во странство изминатите години, бидејќи како што вели Бошковска, кај нас свеста за вдомување е ниска.

„Какво и да е јавното мислење за активистите, ние практично со граганите ја делиме истата желба, да нема кучиња на улица. Да нема мачки на улица. Ние не сакаме да имаме животни на улица“, децидна е активистката.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG