Достапни линкови

Бугарското МНР за РСЕ кажа што точно бара Софија


Софија- средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, 09.10.2020
Софија- средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, 09.10.2020

Бугарското МНР излезе со тврдења за низа прекршувања на Договорот за добрососедство, меѓу кои и различно толкување на терминот заедничка историја во документи. Од македонското МНР засега нема одговор. Во меѓувреме, и записниците на заедничката комисија не се потпишани поради терминот македонски.

Официјална Софија тврди дека Скопје го прекршило Договорот за доброседство потпишан меѓу двете држави во 2017 година во неколку области- формулациите за историјата и јазикот, застој во работата на историската и меѓувладината комисија, поддршка на претензиите за признавање на македонското малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Северна Македонија. Радио Слободна Европа испрати прашања до македонското Министерство за надворешни работи за тврдењата на нивните бугарски колеги, но одговор не добивме.

Тврдења за различни толкувања- општа или споделена историја?

Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа го праша Министерството за надворешни работи на Бугарија кои точно делови од Договорот за пријателство ги нарушува Северна Македонија. Детално, Бугарија го смета за нарушување на договорот отстапувањето од, како што го нарекува бугарското МНР, поимот општа историја во преамбулата и користењето, па место него македонските политичари и членовите на заедничката комисија го користеле терминот споделена историја.

Како пример го посочува користење на терминот shared history во преводот на англиски јазик на договорот објавен на интернет страницата на македонското Mинистерство за надворешни работи наместо терминот „common history“ употребен во англиската верзија на договорот што е депониран во Обединетите нации. РСЕ на македонски јазик ги провери овие тврдења и разликата во терминот постои, па на страницата на македонското МНР во англиската верзија на документот е наведено shared, а во верзијата објавена на интернет страницата на Обединетите нации- common. Инаку во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка кој е објавен на интернет страницата на македонската влада и македонското МНР на македонски јазик се користи терминот „заедничка историја“.

Која е разликата меѓу двата термина? Драги Ѓоргиев копретседавач и шеф на македонскиот тим историчари во заедничката мултидисплинарна комисија објаснува дека во светската наука постојат повеќе термини и поими кои ги објаснуваат историските процеси.

„Покрај овие два поима во англискиот се користат и други. На пример: entangled history – испреплетена историја. Поимот заедничка историја спомнат во Договорот не е дефиниран, што подразбира дека членовите на Комисијата треба да дискутираат за ова прашање, следејќи ги достигнувањата на современите општествени и хуманистички дисциплини, а не на политиката. Оттука, поимите кои ги спомнувате во прашањето треба да бидат толкувани согласно таа дебата, а не еднострано разбрани како историја на само еден народ“, вели Ѓоргиев за Радио Слободна Европа.

Прекршена јазична клаузула

Во однос на јазикот, Бугарија смета дека се нарушува договорот со отстапки од таканаречената јазична клаузула во меѓународни формати и документи. Од бугарското МНР наведуваат дека во договорот јазикот е посочен како македонски јазик согласно Уставот на Република Македонија и поради тоа сметаат дека треба да се употребува формулацијата или изразот официјален јазик на Република Северна Македонија но не и кратката и често користена варијанта македонски јазик.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров досега неколкупати кажа дека македонскиот јазик и идентитет не може да бидат пречка за интеграција во Унија, чија културната и јазичната различност е вредност којашто треба да се почитува согласно Лисабонскиот договор.

Заедничката комисија за историски и образовни прашања

Во однос на работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања од бугарското МНР велат дека прекинување на работата поради изборите во Македонија кое го побараа тогаш историчарите од македонскиот тим е всушност недозволиво мешање во работата на комисијата на внатрешно политичка коњуктура во земјата.

Според бугарското МНР, прекршен е членот осум од договорот кој предвидува создавање на комисијата со цел да придонесе за објективно, основано на автентични и основани на докази историски извори за научно толкување на историските случувања. Бугарија има забелешки и за составот на комисијата од македонска страна.

„Во составот на комисијата од страна на Република Северна Македонија се вклучуваат членови кои не се хабилитирани (кои ја докажале својата способност во рамки на универзитет н.з.) лица, но дури и не се историчари“, велат од бугарското МНР.

Ѓоргиев вели дека оваа забелешка е апсурдна.

„ Составот на Комисијата од македонска страна е внатрешна работа и никаде во Договорот не дава право на другата страна да го коментира или уште повеќе да го одредува составот на Комисијата. Освен тоа, во називот на Комисијата стои дека таа е мултидисциплинарна и експертска. Оттука се очекува Комисијата да биде составена не само од историчари и да има мултидисциплинарен пристап “, вели Ѓоргиев.

Нова средба во декември

Инаку, тој потврдува дека новата средба на комисијата ќе се одржи на трети и четврти декември онлајн поради пандемијата со коронавирусот. Неговиот колега, копретседавачот од бугарската страна Ангел Димитров пак деновиве во интервју за бугарското Радио Дарик откри дека терминот македонски бил проблематичен и во работата на комисијата, па поради тоа не е потпишан и записникот од средбата која се одржа лани во ноември.

„Не сме ја завршиле ниту започната дискускија како да го преставиме на двете влади Гоце Делчев, така што тоа се двете теми кои што треба да бидат задолжително завршени, но има уште и други работи, повеќе од технички карактер кои ,исто така, останаа незавршени, на пример, потпишувањето на записниците за претходните средби, затоа што записникот од деветатта средба, која се одржа кон крајот на ноември минатата година, еве веќе пред скоро цела година, остана непотпишан, не поради некое несогласување за текстот, тоа со големи напори успеавме некако да најдеме решение, но тие категорично одбиваат да ги користат формулациите со кои го потпишавме записникот за претходните две средби и одново сакаат да се вратат кон еднозначната употреба на македонски јазик или македонски учебници, нешто што е во спротивност со меѓународната пракса меѓу нашите две држави при користење на јазикот “, рече Димитров.

Ѓорѓиев потврдува дека не се потпишани записниците. Тој вели дека откако во октомври 2019 година во бугарскиот парламент се усовои рамковната позиција во однос на С. Македонија, колегите од Бугарија одбиваат да потпишат записник во кој се користи придавката македонски, толкувајќи го еднострано Преспанскиот договор.

„Не знам што точно значи искажувањето еднозначна употреба во овој контекст, но до октомври 2019 година, заклучно со шестата средба, двете страни без проблем ги потпишуваа Записниците во кои се употребуваше придавката македонски. Праксата беше прекината со записникот за седмата средба, кој се разгледуваше на осмата средба во Охрид во октомври 2019 година. Притоа, од наша страна, по консултации со нашето МНР беше прифатено да се користи привремена формула со цел да не пропадне средбата. Сметаме дека овој став на колегите од Бугарија е резултат на едностраното и погрешно толкување на Преспанскиот договор во однос на употребата на придавката македонски. Во моментов, ова прашање е во рацете на двете министерства за надворешни работи. На крајот, останува впечаток дека ова е еден од многуте пристапи со кој се политизира работата на Комисијата“, вели Ѓоргиев.

Меѓувладината комисија во застој

Инаку, од бугарското МНР тврдат и дека има застој и во работата на Меѓувладината комисија која е формирана согласно членот 12 од Договорот. Првиот состанок на таа комисијата беше лани летото, а потоа според бугарското МНР Северна Македонија еднострано ги повлекла своите експерти од работата на комисијата и ја отклонила поканата од бугарска страна за политички консултации за двостраните прашања. Официјална Софија го обвинува и Скопје дека не испратило покана за второ заседание на таа комисија, која според договорот треба да се состанува еднаш годишно.

Проблем и со македонското малцинство во Бугарија

За македонското малцинство во Бугарија од тамошното МНР наведуваат дека е нарушен членот 11 од Договорот и дека бугарската страна гледа „продолжување на поддршката за лица и организиации кои имаат претензии за постоење на македонско малцинство во Бугарија.

„Има податоци за поддршка од страна на државни институции на дејноста на такви организации“, тврдат од бугарското МНР и додаваат дека „Скопје одбивало да даде експлицитни гаранции дека нема историски и етнички основи да бара малцински статус за која и да е група граѓани на територијата на Република Бугарија и дека нема претензии и нема да спроведува политика на поддршка за претензии за принзнваање на македонско малцинство во Бугарија.

Премиерот Зоран Заев неколкупати повтори дека државава е спремна да потврди дека „немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон било кој во светот и да се потврди она што е веќе заведено и во македонскиот Устав за немешањето на државата во внатрешните работи на други држави“.

Територијални претензии

Софија смета дека е нарушена и точка три од членот 11 од договорот која предвидува двете држави да немаат територијални претензии една кон друга. Тоа бугарската страна го гледа во „откажувањето на Северна Македонија да декларира пред државите членки на ОН и други меѓународни организации дека употребата на краткото име Северна Македонија не се однесува на истоимената област чиј дел се наоѓа и во суверена територија на Бугарија.

Како што е познато, источниот сосед гледа говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис. Подетално во одговорот до бугарскиот сервис на РСЕ, од министерството наведуваат дека гледаат една „целонасочена и тендиозна политичка дипломатска и медиумска кампања против Бугарија“ и широко распростраен и толериран говор на омраза кон земјата. Софија смета дека со тоа е нарушена точката шест од членот 11 од договорот кој предвидува двете држави да спроведат ефикасни мерки против недобронамерната пропагадна. Тие забележуваат дека недостига и промена во „исклучително негативниот начин“ на кој Бугарија и Бугарите се преставени во учебниците во Северна Македонија.

Дијалог или дискредитирање на Софија?

„Наместо дијалог со Софија Скопје во последните месеци влезе во дипломатска кампања во институциите на Европската унија во Брисел и во главните градови на државите членки на унијата за дискредитирање на Бугарија“, тврди бугарското МНР во одговор до РСЕ.

Инаку, источниот сосед одлучи да ја блокира преговарачката рамка, а со тоа и првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ со тврдењата дека Скопје го прекршува договорот. Во меѓувреме течат разговорите за наоѓање решение на нивоа на министерства за надворешни работи, а за тоа постои и шанса во декември, кога ќе се одржи уште еден состанок на Советот за општи работи на Европската унија.

Еден од најгласните политичари во Бугарија кога е во прашања односите со Македонија, министерот за одбрана Красимир Каракачанов неодамна изјави дека постои теоретска можност до крајот на годината прашањето за почеток на преговори со С. Македонија да биде вратено на агендата, но во реалноста тоа не може да се случи. Македонскиот претседател Стево Пендаровски навести сличен исход.

„Реални шанси не постојат. Шанси некакви минимални постојат, но реални изгледи, високи, мнозински, за жал, не постојат“, рече претседателот Пендаровски минатата недела.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG