Луѓе облечени во бело на познатите Седум рилски езера на надморска височина од 2.100 метри изведоа специјален медитативен танц познат како „панеуритмија“ кој траеше повеќе од еден час.
Тие се следбеници на таканареченото Универзално бело братство - езотерично друштво кое ги комбинира христијанството и индискиот мистицизам.
Тоа беше основано од бугарскиот теолог Петар Деунов уште во далечната 1897 година, но забрането за време на комунизмот и сè уште се смета за секта од страна на Бугарската православна црква.
Братството ја нагласува љубовта, здравите навики, позитивното размислување и живеењето во склад со природата.
Движењето нема точни податоци за неговите следбеници, но се верува дека има десетици илјади, можеби и повеќе ширум светот, главново Франција, Белгија и Швајцарија, но исто така и во САД, Канада, Мексико, Исланд и Конго.
Неговите следбеници веруваат дека позитивната космичка енергија е најсилна во регионот на Седумте рилски езера кон крајот на август и оти панеуритмијата ќе им помогне да ја канализираат таа енергија и да ја шират низ целиот свет.
Венцислав Кунински, 59-годишен машински инженер е следбеник на Универзалното бело братство повеќе од 30 години:
„Панеуритмијата е танц што комбинира музика и движење кое се развива во трите света - физичкиот, духовниот и божествениот. Со овие вежби, стапуваме во контакт со овие три света не само во нас самите како индивидуи, туку и заедно во рамките на кругот и заедно во универзумот “.
Цанко Вардаџиев, градежен работник пак вели:
„Секое движење хармонизира и развива нешто во вас што ве тера да се чувствувате добро, позитивно и исполнето во она што го правите во вашиот живот надвор од братството“.
Други пак, велат дека во вежбите што изгледаат лесно, но во реалноста се доста напорни за изведување, откриле чисто индивидуално задоволство и здравствени придобивки.
40 годишната Ралица Ковачева, професор по театар и уметност пред пет години стана следбеник на Братството:
„Ова е патот до здравјето за мене. За секој еден од другите луѓе, тоа би можело да биде нешто поразлично. Но, за мене ова е начин на полнење, повторно приклучување со природата, пат кон добро здравје и враќање кон моето срце затоа што во денешно време станавме многу рационални, мислиме многу“.
Медицинските истражувања објавени во 2013 година сугерираат дека редовната пракса на панеуритмија ја подобрува рамнотежата и физичката издржливост додека ја намалува агресијата, го зголемува оптимизмот и добро се носи со депресијата.