Достапни линкови

Блинкен - Борел: Предлогот ги зема во предвид грижите на Бугарија и Северна Македонија


Aмериканскиот државен секретар Антони Блинкен и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен
Aмериканскиот државен секретар Антони Блинкен и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен

„Компромисниот предлог“ ги зема предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија, се вели во заедничка изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен.  

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен во заедничка денешна изјава даваат поддршка Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, наведувајќи дека го поздравуваат „компромисниот предлог“ кој ги земал предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија.

Борел и Блинкен велат дека во овој критичен момент од европската историја, обележан со неоправданата руска агресија против Украина, унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнувањето на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент.

„Го поздравуваме компромисниот предлог кој ги зема предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија заснован на меѓусебно почитување, доверба и разбирање. Суверената одлука на Собранието на Северна Македонија ќе биде важна за да се продолжи напред“, велат во изјавата.

Инаку, францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ се очекува пратениците во македонското Собрание да го разгледуваат откако ќе помине ребалансот на буџетот, според информации кои РСЕ го доби од собраниски извори.

Владата на 30 јуни го објави францускиот предлог за почнување на преговори на Северна Македонија со ЕУ составен од три документи, по што во земјатва започнаа протести на кои присуствуваат илјадници граѓани под мотото “Стоп за бугаризација на Македонија“. Повиците за протести ги упатија опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Шест дена се одржуваа протести против францускиот предлог за отстранување на бугарското вето, а некои од нив поминаа со инциденти и тензии. Демонстрантите бараат отфрлање на предлогот за кој сметаат дека е срамен за државата и оставки на функионерите во Владата.

Една седмица протести против францускиот предлог
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

Блинкен и Борел во денешната изјавата велат дека Северна Македонија и Албанија, водени од заедничките вредности, стандардите и одредниците на ЕУ, се подготвени да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ.

Исто така, тие наведуваат дека „овој дух на конструктивен компромис врз кој се гради европската интеграција“, треба да продолжи да ги инспирира сите кои се вклучени во овој историски процес, а дека Европската унија и САД се посветени на поблиска соработка на Западен Балкан.

„Обезбедувањето стабилност и просперитет и остварување на нивната европска и евроатлантска иднина останува наша заедничка цел“, наведуваат Блинкен и Борел.

Бугарија како членка на ЕУ во 2019 година започна да го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија во Унијата, иако двете земји го потпишаа Договорот за добрососедство во 2017 година. Претходно и Франција го блокираше почнувањето на процесот, бидејќи бараше промена на методологијата за преговорите.

Претседателот на Собранието Талад Џафери вчера изјави дека на редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарна седница за владината информација за предлог преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ.

Во меѓувреме, опозицијата ги повика граѓаните да излезат на нов протест против предлогот, откако вчера и денеска немаше протести, а наредниот е закажан за в недела во 19 часот пред Владата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG