Достапни линкови

Алтернатива доби три министерства - за ВМРО ДПМНЕ Заев плаќа за да остане на власт


Африм Гаши и Зоран Заев
Африм Гаши и Зоран Заев

За својот влез во Владата, Алернатива доби три министерски места, тројца заменици министри и менаџерски позиции на неколку институции на централно и локално ниво. Заев и Гаши соопштија дека парламентарното мнозинство во моментот го сочинуваат 64 пратеници, со можност во иднина тоа да расте

Премиерот и лидер на СДСМ во оставка Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска ја потпишаа програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство.

Три министерства за Алтернатива

Согласно договорот Алтернатива ќе раководи со министерствата за здравство, за информатичко општество и администрација и со Министерството без ресор задолжено за дијаспората. Алтернатива добива и тројца заменици министри: во образование, култура и најверојатно за земјоделство,(допрва треба да се прецизира), а ќе менаџира и во повеќе институции на централно и локално ниво како што се МЕПСО, Фонд за здравство, Железници, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции итн. Новите министри ќе седнат на новите позиции откако ќе се формира новата влада со нов мандатар.

Двајцата лидери ветија стабилно мнозинство кое ќе го задржи евроатланскиот курс на државата. Заев истакна дека главната цел е да се започнат преговори со ЕУ и да се изнајде решение на проблемот со Бугарија.

Порака до ЕУ и до Бугарија

„Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство, подготвени сме да го надминеме проблемот и да го зачуваме пријателството, ние сме братски народ. Преговорите треба да започнат веднаш, бидејќи заслуживме, европеизација веднаш“, рече Заев.

Тој повтори дека вонредни парламентарни избори не се потребни, зошто како што рече, тие би ја втурнале Македонија во нова политичка криза.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши изјави дека одлуката за да се приклучат на владината коалиција не била едноставна и дека во преговорите не настапиле со уцени, туку дека клучните фактори кои биле земени предвид воделе кон тоа партијата да се приклучи во парламентарното мнозинство и Владата.

„Алтернатива мина низ многу тежок период, беше исправена пред предизвиците дали да остане таму каде што е или да продолжи во нешто ново. Не беше лесно да ја донесеме ваква одлука, но поголемиот дел од аргументите беа кон тоа Алтернатива да се определи кон патот по кој од денеска тргнува. Во текот на преговорите се засновавме на два столба – првиот е програмскиот дел, а вториот е во однос на преземањето на одговорностите на Алтернатива во извршната власт“, рече Гаши.

Гаши не ги откри конкретните имиња за кадовските решенија, иако за иден министер за здравство, Заев го спомена името на докторот Беким Сали како прифатливо за владата.

Одлуката за влегување на Алтернатива во владината коалиција беше донесена синоќа во Тетово на седница на Цантралниот совет, највисокото тело на партијата.

Причина за влегување на Алтернатива во Владата, како што наведе Гаши е историскиот момент за отворање на преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата, но и на Албанците затоа што со тоа ќе се отвори патот за евроинтеграција на целиот регион.

Меѓу другото договорено е Владата да побара и меѓународна истрага за случаите каде, според Алтернатива, има сомнежи за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн. Договорени се и точки кои се однесуваат на рамномерниот регионален развој, економски развој на Липковско, заштита на семејството како јадро на општеството, но и заштита на цената на струјата.

Со влегувањето во Владата, посочи Гаши, Алтернатива докажа дека е клучот за решавање на кризата, а не само декор со четворица пратеници и вети дека таа ќе преземе важни одговорности.

Реакција на ВМРО ДПМНЕ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за коментар околу СДСМ и Алтернатива во Владата, посочи дека очигледно Алтернатива одлучила да стане коректор на искривените вредности поради одлуката да и се приклучи на Владата. Стоилковски ги повика и останатите политички партии да реагираат на новата коалиција помеѓу Алтернатива и СДСМ.

„Од друга страна Заев покажа дека е спремен да ја плати секоја цена само за да продолжи со крадењето, тендерите и разградувањето на државата. Но и денес СДСМ станува партија на многу проблеми и денес Заев е повеќе од порано заложник на Али Ахмети и на ДУИ“, изјави Стоилковски.

На одлуката Алтернатива да влезе во Владата ѝ претходеа три средби на партиските лидери Африм Гаши и Зоран Заев. Преговорите за влез на Алтернатива во Владата и за придружување на нејзините 4 пратеници на парламентарното мнозинство почнаа по напуштањето на Беса на Владата и по неуспешниот обид за изгласување на недоверба на Владата на Заев.

Разговорите за ново парламентарно мнозинство и за влез на Алтернатива во владината коалиција уследија по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет. И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишан за гласање недоверба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.

На седница на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата што ја даде лошите изборни резултати на локалните избори, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство. СДСМ ќе избира нов лидер на конгрес на 12-ти месецов, а за истиот ден конгрес претходно закажа и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG