Достапни линкови

Зеленски во Минхен повика на создавање „вооружени сили на Европа“


Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржува говор на Минхенската безбедносна конференција, 15 февруари 2025 година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржува говор на Минхенската безбедносна конференција, 15 февруари 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на создавање на обединети европски воени сили, велејќи дека континентот мора да биде самостоен во услови на постојана закана од Русија и неизвесност за поддршката од САД, ситуација што тој ја опиша како „оваа нова реалност“.

„Мораме да ги изградиме вооружените сили на Европа така што иднината на Европа зависи само од Европејците, а одлуките за Европа се носат во Европа“, рече Зеленски во говорот на Минхенската безбедносна конференција на 15 февруари.

Во услови на загриженост во Киев и Брисел дека тие би можеле да бидат оставени настрана во напорите да се стави крај на руската инвазија на Украина, што ќе резултира со договор во корист на Москва, Зеленски повтори дека Украина и Европа мора да бидат вклучени во какви било преговори.

„Украина никогаш нема да прифати договори зад наш грб и без наше учество“, рече Зеленски.

„Истото правило треба да важи за цела Европа. Нема одлуки за Украина без Украина, нема одлуки за Европа без Европа“, додаде тој во својот говор.

Повикот на Зеленски дојде на годишната конференција на која, оваа година, доминираше прашањето за Украина и позицијата на новите американската администрација за завршување на војната, која однесе стотици илјади животи од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.

„Ако Американците решат да одат на тој начин, намалувајќи го своето присуство, тоа не е добро, се разбира, тоа е многу опасно“, рече тој, зборувајќи на англиски.

Делегатите во Минхен изразија загриженост поради изјавите на високите американски претставници, сугерирајќи дека Вашингтон е подготвен да направи големи отстапки на рускиот претседател Владимир Путин.

Според Зеленски американската администрација има нов пристап не само кон Украина, туку и кон Европа како целина.

„Старите времиња поминаа, на Вашингтон му е потребна Европа како пазар, но не нужно како сојузник“, додаде тој и посочи дека одговорот е колективна сила.

„Америка треба да види каде оди Европа и оваа насока на европската политика не треба само да ветува. Тоа треба да ја натера Америка да сака да застане со силна Европа“, изјави Зеленски.

Говорејќи речиси три години откако Русија ја започна целосната инвазија, тој рече дека „нема да го тргне од маса членството на Украина во НАТО“ и додаде дека Киев нема да се согласи на каков било прекин на огнот без вистински безбедносни гаранции.

„Ако не членство во НАТО, тогаш услови да се изгради уште едно НАТО во Украина“, рече тој.

Обраќањето на Зеленски дојде еден ден по средбата со американските официјални претставници, вклучително и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој во својот говор на конференцијата на 14 февруари ја истакна потребата одтраен, траен мир во Украина.

Зеленски му рече на Венс дека Украина сака „безбедносни гаранции“ од Вашингтон пред какви било преговори со Русија за завршување на речиси тригодишната војна.

Келог: Можно е Европа да не биде „на маса“ во мировните преговори за Украина

Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руската војна против Украина, изјави претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог.

Говорејќи на панелот за ручек на Конференцијата за безбедност во Минхен на 15 февруари, Келог посочи дека Вашингтон има за цел да постигне значителен напредок во рок од неколку недели.

„Претседателот Трамп ќе ве замоли да ја завршите оваа работа денес, а утре ќе сака да знае зошто тоа не е решено. Треба да ни дадете малку простор и време за дишење, но кога го велам тоа, не зборувам за шест месеци, туку за денови и недели“, рече Келог.

Сепак Келог рече дека Украина и Европа нема да бидат изоставени од мировните преговори.

„Треба да ги донесете сојузниците со вас. Дали тие ќе имаат улога? Се разбира дека да. Не можете да го направите тоа со исклучување на никого. Сакаме да се погрижиме да биде траен и одржлив мир“, додаде Келог.

На прашањето дали може да ја увери публиката дека „Украинците ќе бидат на маса и Европејците ќе бидат на маса“, Келог одговори:

„О, добро, штотуку ја променивте целата динамика. Одговорот на последното прашање...е не“, рече тој, очигледно мислејќи на Европа.

„Одговорот на претходниот дел од тоа прашање е да, се разбира дека Украинците ќе бидат таму“.

„Кога седите на масата...има двајца протагонисти“ и посредник“, рече Келог, додавајќи дека „факт е дека можете да ги имате Украинците и Русите и очигледно Американците на масата“.

Во интервју за РСЕ на маргините на конференцијата, Курт Волкер, претставник на Трамп за преговорите за Украина во 2017-19 година, рече дека забелешките на Келог укажуваат на „дека Украина ќе биде на маса и дека има мала неизвесност за тоа како претседателот Трамп ќе се справи со Европа“.

Волкер, поранешен амбасадор на САД во НАТО, исто така рече дека Соединетите Држави ќе откријат дека „мора да извршиме поголем притисок врз Путин за да има прекин на огнот“.

Соединетите Држави испратија мешани сигнали за својата стратегија, што предизвика загриженост во Киев дека Украина може да биде принудена на лош договор што ќе го остави Путин охрабрен.

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет по средбата со министрите за одбрана на НАТО, која се одржа неделава, рече дека е „нереално“ да се очекува украинските граници да се вратат на нивните позиции од пред 2014 година и рече дека Белата куќа, не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението на конфликтот.

Украина бара Русија да се повлече од заземената територија и вели дека мора да добие членство во НАТО или еквивалентни безбедносни гаранции за да ја спречи Москва повторно да нападне.

Говорејќи во Варшава на 14 февруари, тој повторно предупреди дека европските партнери на САД во НАТО ќе мора да направат многу повеќе за сопствената одбрана и за да обезбедат иден мир во Украина.

Хегсет, исто така, тврдеше дека „не мора да му верувате“ на претседателот Владимир Путин за преговарате со Русија.

Два дена претходно американскиот претседател Доналд Трамп рече дека имал „долг и високо продуктивен“ телефонски разговор со Путин и рече дека се согласиле нивните тимови веднаш да започнат преговори.
Зеленски одговори велејќи дека нема да прифати никакви договори без учество на Украина.

Запрашан во интервју за американската телевизија „Ен - би - си“ (NBC) на 14 февруари дали верува дека Украина ќе биде ранлива за уште неколку години доколку се постигне прекин на огнот,

„Да, мислам дека тоа може да биде така“, изјави Зеленски.

Според него, Владимир Путин сака да дојде на преговарачка маса не за да ја заврши војната, туку да постигне договор за прекин на огнот за да се укинат некои санкции кон Русија и да се дозволи на војската на Москва да се прегрупира.

„Ова е навистина она што тој го сака. Тој сака да паузира, да се подготви, да тренира, да повлече некои санкции, поради прекинот на огнот“, рече Зеленски.

Венс по средбата со Зеленски истакна дека имале „добри разговори“ со Украина, а ќе следат и уште „во деновите, неделите и месеците што доаѓаат“.

Според Зеленски, средбата поминала добро. Тој додаде дека Киев сака да работи на ставање крај на руската војна во Украина, но додаде дека за тоа им се потребни „вистински безбедносни гаранции“.

Русија ја почна целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

XS
SM
MD
LG