Достапни линкови

„Вандализмот“ во М-НАВ последен во низата скандали поврзани со ДУИ


Air traffic control, M-NAV, Skopje
Air traffic control, M-NAV, Skopje

Случајот со упадот во М-НАВ е уште еден доказ за „вандализмот„ од редовите на ДУИ, вели за РСЕ аналитичарот Атанасоски. Коалициониот партнер СДСМ молчи, опозицијата не е изненадена. Додека „македонското небо“ е во неизвесност, Владата ќе чека да поминат празниците па да менува директори како единствена мерка.

„Поздрав за премиерот Артан Груби“, рече Беким Незири на 13 ноември 2023 година, кога беше избран за претседател на огранокот во Чаир на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Тој во моментов е вработен како советник во државното претпријатие за воздухопловна навигација М-НАВ, бил поранешен министер за економија од редовите на ДУИ во Владата на Никола Груевски, претходно директор на Фондот за пензиско осигурување, а претходно директор и член на управен одбор во М-НАВ.

Патот повторно го донесе во навигацијата каде од вчера освен за советник, се сомничи за „отворач“ на вратите на уште седуммина насилници кои заедно со него нападнаа свои тројца колеги, контролори на летање.

Од изутрината е на службен разговор во полициска станица, бидејќи вчера попладне наводно упаднал во просториите на Меѓународниот аеродром – Скопје. Според соопштението на МВР, токму Незири бил посочен од неговите колеги како човекот кој заедно со уште неколкумина нападнале контролори на летање.

Неофицијално причината за ова е зошто не биле лојални на партијата, туку дале поддршка на синдикатот кој претходно во текот на вчерашниот ден одржа прес конференција на која најави оставки на раководните контролори поради партиски и несоодветни вработувања во институцијата. Во станица се уште четворица осомничени напаѓачи, а полицијата трага по уште тројца, но според неофицијални информации сите се поврзани со ДУИ, партијата која е дел од владејачката коалиција.

После ваквото однесување, аналитичари коментираат дека ДУИ е „метастазиран институционализиран канцер“ во сите административни пори. Политикологот Благојче Атанасоски вината ја гледа во сите политички елити и од левицата и од десницата, кои изминативе две децении само за да дојдат или останат на власт, постојано коалицираат со оваа политичка партија како т.н „победник во албанскиот политички блок“.

„Тоа постојано перпетуирање на ДУИ во секоја извршна власт , ја направи нејзе како политички субјект и нејзиниот лидер во буквална смисла на зборот да се чувствуваат како „господари на животот и смртта“ во Македонија. Затоа имавме смртни исходи и во случаите со БЕСА транс и ДУРМО Турс, а ако државата со своите механизми не го спречи ова варварско и дивјачко однесување на активисти и функционери на ДУИ, ќе имаме и фатални последици и со срушени авиони од нашите воздухопловни пристаништа“, вели Атанасоски.

Последно и најспорно е што сегашниот коалициски партнер на ДУИ, Социјал демократскиот сојуз до таа мера му удоволуваше на ДУИ, што му се струполи рејтингот до непрепознатливост и сега единствена шанса за опстанок на власта ја гледа токму во предизборна коалиција со ДУИ, вели Атанасоски.

„Доколку институциите на системот не реагираат независно и во овој случај, односно невидливата „долга рака на власта“ и овој пат се вмеша во заташкување и на овој невиден скандалозен случај, тогаш СДСМ, нејзиниот лидер и останатите високи партиски функционери од оваа партија, нема што да бараат на следните претседателски и парламентарни избори. Може и да се појават, ама ќе бидат прегазени како „шлепер што прегазува жаба“, што би рекол своевремено една нивна поранешна лидерска „икона“, вели Атанасоски.

И покрај обидите на Радио Слободна Европа, за сега нема никаков коментар од ДУИ, за она што се случува во М-НАВ. Нема став ниту од владејачката СДСМ. Само од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека не се изненадени од однесувањето на премиерот Димитар Ковачевски а кој велат дека не не смее збор да им каже на ДУИ, бидејќи целосно е зависен од нив.

Кои се директорите, членовите на управен одбор кои ќе ги разрешува Ковачевски?

Вторник, после празниците Владата одлучи да одлучува за М-НАВ. Доцна синоќа со соопштение објави дека премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ќе предложени и донес неколку одлуки.

Раководството и управниот одбор да бидат разрешени и итно да се изберат нови членови и директори. И покрај обидите на РСЕ да добие одговори од Владата, зошто итно не свика седница за инцидентот во контролата на воздухопловството кое е битен сегмент од авио сообраќајот, сепак одговор од таму нема.

Според неофицијалните информации од вработени во М-НАВ токму во времето кога се случувал инцидентот два авиони го прелетувале македонското небо. Денеска пак раководството на М-НАВ излезе со став дека граѓаните не треба да стравуваат, работат по сите европски стандарди и е безбедно да се патува со авион.

А, ако се провери на сајтот на М- НАВ ќе се види дека токму Владата препорача, а надзорниот одбор на М – НАВ во октомври 2020 година го постави Ферхудин Хамиди за Претседател на управниот одбор и Извршен директор на акционерското друштво за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај.

За него не може да се најде многу на интернет освен на сајтот на М-НАВ каде е претставен како истакнат експерт во воздухопловната индустрија со акцент во полето на системот за безбедност.

Уште двајца членови на управниот се Љубе Стаменковски и Асим Деари. За Стаменковски медиумите веќе објавија дека ги поддржал своите колеги во намерата за оставка поради „наместени вработувања“, додека за Асим Деари се знае дека е од Гостивар и професор по економија на Универзитетот во Тетово.

Но, Деари беше и кандидат за пратеник на Листата на ДУИ за шестата изборна зона на последните парламентарни избори. Неофицијално, според медиумите на албански јазик кои тогаш пишувале, Деари во М-НАВ доаѓа откако Миѓен Селмани, дотогашниот директор бил разрешен бидејќи важел за човек на Изет Меџити, како дел од „Огнената група“, која се отцепи од ДУИ.

За сега владата не го спомнува менувањето на Надзорниот одбор. Таму пак од пред неполн месец претседател е Кристијан Михајлоски а членови се Хавзи Емини кој беше разрешен од претседател и Димитар Џеков.

За членовите на надзорниот одбор и нема многу информации освен за Димитар Џеков кој во минатото се јавува како член на управен одбор на „Скопски пазар“, директор бил и во неколку приватни компании, а опозициската ВМРО ДПМНЕ го сместила и во нивната афера „Тајни имоти“ бидејќи во тоа време не ја пријавил својата имотна состојба во ДКСК.

Последна информација која доаѓа од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) е дека од утрово се извршува вонреден инспекциски надзор во М-НАВ, по допрен глас, односно после вестите за упадот во институцијата.

Зошто М-НАВ го сакаат сите?

Сомнителната набавка нарадарскиот систем „Леонардо“ вреден 7 милиони евра со кој се поврзуваше името на поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски и неколку случаи на судир на интереси беа дел од предметите кои ги работеше Државната комисија за спречување на корупција во изминативе години, а беа поврзани со работата на М-НАВ.

Правен епилог за „Леонардо“ немаше бидејќи обвинителството не пронајде докази за криминал. Од таму за РСЕ велат дека за „сомнителни“ вработувања за сега пријава нема, и покрај тоа што Владата во синоќешното соопштение ги повика да направат целосна ревизија на работењето на М-НАВ.

Меѓу споменатите институции беа и Државната ревизија, Финансиската полиција, Јавното обвинителство и меѓународни тела за контрола на авио-сообраќајот. Во меѓувреме од обвинителството кусо известуваат дека ја чекаат полицијата да поднесе пријави против учесниците во инцидентот, додека од МВР пак велат дека се уште работат со насилниците.

Од таму известија и дека тие ја преземале надлежноста за безбедноста на објектот на М-НАВ откако приватната фирма за обезбедување и вработените на овие позиции во М-НАВ овозможиле насилниците слободно да влезат внатре. Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак, пред една година објави дека на раководни позиции во институцијата се вработуваат блиски роднини на функционери, а дека нивната плата изнесува и до 5 500 евра што е многукратно повисока од просечната плата во земјава.

Од друга страна и покрај тоа што М-НАВ е акционерско друштво во сопственост на државата, тоа се финансира од сопствени средства кои ги добива од Еуроконтрол (Eurocontrol) за давање на услуги во воздухопловната навигација и нивната намена е јасно дефинирана со ЕУ Регулативата 1794/2006. Според она што е објавено на нивниот сајт парите треба да се користат за да се обезбеди безбедност и сигурност во воздухопловството преку инвестирање во надградба на системите , нивно редовно одржување и вложување во кадарот кој работи таму а што ги опфаќа нивните плати и нивно континуирано стручно оспособување.

Вчера од синдикатот споменаа дека се сомневаат во манипулации со тендери, но сепак на прво место ги ставија барањата за непартиски туку стручни вработувања. Во спротивно се заканија дека од 10 јануари ќе го затворат македонското небо за сообраќај и побараа разбирање од граѓаните.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG