„Земјата ви е преубава, чувајте ја“. Со овие зборови, туристи од Шпанија, ја поздравиле на заминување од овде, Лиде Стојановска која била нивен туристички водич во Скопје.
Стојановска веќе 13 години им ги презентира македонските убавини, знаменитости и историски детали на странците кои ја одбираат земјава за туристичка дестинација. За да ја работи оваа работа, таа на инспекциите мора да им ја прикаже својата лиценца, но и договорите на дело кои ги склучува со туристичките агенции.
На овaa основa, Лиде ѝ плаќа персонален данок на државата. Но вели дека истата држава, со години наназад „не ја заштитува од нелојалната конкуренција ниту неа, ниту нејзините колеги“, кои според официјалниот Регистар, ги има над 1.200.
Тие во моментот немаат опција за плаќање придонеси со кои би имале здравствено и пензиско осигурување.
„За жал, тој дел ни е несреден и тоа треба да се промени. Дел од колегите не се ни одлучуваат да работат само како водичи, се вработуваат на друго место за да им тече стаж“, вели Лиде Стојановска за Радио Слободна Европа.
Според Законот за туристичка дејност, туристичкиот водич мора да е државјанин на Република Северна Македонија и да има живеалиште на нејзината територија, или пак, да е државјанин и да има живеалиште на територија на државите од Европски економски простор.
Но законот исто така предвидува дека „странска туристичка агенција која носи туристи во Република Северна Македонија, без посредство на домашна туристичка агенција со лиценца А, или без склучен договор со туристички водич во Република Северна Македонија, има обврска во рок од 24 часа од часот на влегувањето во земјата, да ангажира домашен туристички водич“.
И покрај ваквата одредби, дел од туристите ги водат водичи кои доаѓаат од нивните земји, но за разлика од домашните, нив ниту една државна институција не ги проверува.
Институциите си ја префрлаат топката, казни нема
Локалните водичи се жалат дека институциите си ја „префрлаат топката“, а оние водичи од странство, никој не ги казнува.
„Нас нѐ застануваат инспектори и ако ти фали нешто, веќе имаш проблем. А странските така се провлекуваат, бидејќи не се знае кој е надлежен за нив“, објаснува Стојановска од Здружението на туристички водичи.
Надзорот над странските туристички водичи, согласно Закон за туристичка дејност, го вршат туристички инспектори од локалните самоуправи. Меѓутоа, ингеренцијата за казнување ја има Пазарниот инспекторат, кој пак, не е овластен да легитимира. Инспекторите тоа треба да го направат во присуство на униформиран полициски службеник.
Во ваквото „расцепкување“ на надлежности, овластувања и ингеренции, странските туристички водичи им ја земаат работата на локалните, кои пак стравуваат и дека она што се презентира не соодветствува со вистинските факти.
„Кај нас најчесто доаѓаат водичи од соседството, но понекогаш доаѓаат дури и од Кина. Сепак, не може некаков таков водич да го научи Скопје и туку-така да води туристи. Можеби тој ден некој наш водич седи дома и не е платен, а можел тој да ја води таа тура“, додава Лиде Стојановска.
Таа вели дека и самата добро ги знае местата во земјите од регионот, но таму не ни помислува да работи како водич бидејќи казните се строги.
Со Лиде разговаравме додека е во Албанија, каде работи со посебна лиценца на туристички придружник. Вели дека секогаш кога е ангажирана од туристичка агенција надвор од земјава, истата ангажира и локален туристички водич – нешто што на хартија е предвидено и кај нас, но во пракса изостанува.
Барања на туристичките водичи и придружници
Зад барањата за подобра регулатива кои до Владата ги адресираше Здружението на туристички водичи, застана и Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници.
Претседателот на ова тело, Димитар Кавраков за Радио Слободна Европа вели дека „нелојалната конкуренција им го јаде лебот“. Парите кои ги заработуваат странските туристички водичи, според него, не само што се сива економија, туку воопшто не го допираат нашиот буџет – смета тој.
Вели дека тој и колегите „лавовски“ се борат за да почнат да им се изрекуваат глоби на оние кои нелегално ги водат туристичките групи.
„Туристички инспектори има, ама за нас. Нас нѐ прашуваат дали имаме лиценца, но странските не ги ни легитимираат. Потребни се повеќе инспекции и построги казни. Не треба многу да се казнува. Доволно е да се казнат петмина и кога ќе слушнат останатите, веќе ќе им биде страв“, посочува Кавраков.
Асоцијацијата сега бара, сите инспектори кои ќе имаат надлежност за ваков надзор да бидат на општинско ниво. Според Кавраков, тие треба да добијат дозвола за легитимирање, а доколку казнетиот странски туристички водич не си ја плати казната, да му биде наплатена на граница при излез од државата.
„Во странство мојата македонска лиценца не важи. Ако таму зборувам без придружба од локален водич, ќе платам огромна казна. Ние сме на штрек цело време, покрај другите проблеми. Туристичкиот водич нема можност да си плаќа придонеси, а има луѓе кои живеат од ова. И тоа е проблем, но сепак нам рак рана ни се странските водичи“, додава Кавраков за РСЕ.
За овие проблеми уште пред неколку години, Асоцијацијата реагирала и кај Министерството за економија. Но со реорганизацијата на институциите, туризмот сега е под надлежност на Министерството за култура и туризам, кое најавува реформи.
Асоцијацијата на чие чело е Кавраков, бара и добивањето на лиценците за македонските туристички водичи да биде построго.
„Ако некој си ја купи лиценцата, а не учи за неа, ќе ги меша Галичник и Галичица. Ќе нѐ срами и нас и државата пред туристите“, вели соговорникот на РСЕ.
Тој предлага годишно да има два или три семинари каде водичите ќе имаат унифицирана приказна која би им ја раскажувале на туристите.
Властите предлагаат стари решенија, кој ќе ги спроведе?
Барања за законски измени и предлозите за решенија, Асоцијацијата, но и Здружението на туристички водичи веќе ги предочиле на ресорното министерство кое ги презеде надлежностите на досегашната Агенција за поддршка на туризмот.
Од прес службата на ова министерство, не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа, во однос на тоа дали и како ќе се обезбеди заштита на домашните туристички водичи од нелојална конкуренција, но наведуваат дека таа го „нарушува квалитетот на туристичката понуда и ја намалува правната сигурност во секторот“.
- Дополнително, недостатокот на унифициран ценовник и недоволно јасно дефинираните стандарди за работа придонесуваат кон нерегулиран статус на професијата и ценовен хаос на пазарот – додаваат од Министерството за култура и туризам.
Министерството формираше и работна група за клучните предизвици во туризмот .
- Водичите се првиот контакт на туристите со Македонија – културни амбасадори кои имаат клучна улога во создавање на впечатокот за нашата земја. Затоа нивната работа мора да биде соодветно вреднувана, регулирана и поддржана – истакнаа од Министерството за култура и туризам во писмено соопштение до медиумите минатиот месец.
„Акцентиравме проблеми кои се резултат на одредени слабости во регулативата поради кои професијата туристички водич не е на нивото кое го заслужува, а со тоа квалитетот и конкурентноста на туристичкиот производ не достигнува задоволителен стандард“, истакнал министерот, Зоран Љутков на првиот состанок со новата работна група.
Тој предочил дека токму поради таквите слабости, „водичи од различни држави ги презентираат културните добра и традиционалните културни вредности гледани низ нивните очила“.
Две недели подоцна пак, тој на брифинг со новинарите информираше дека ќе се основа и туристичка инспекција со широки надлежности.
Од Министерството во писмениот одговор до РСЕ, наведуваат дека најавата за туристичка инспекција претставува чекор на „институционална иницијатива во функција на унапредување на системскиот надзор, без мешање во надлежностите на постојните инспекциски тела“.
-Министерството, иако нема оперативна инспекциска улога, согласно Законот за инспекциски надзор има можност да иницира конкретни постапки за контрола преку надлежните инспекторати. Целта е поефикасна заштита на легалните чинители на дејноста подигање на квалитетот на туристичката понуда и доследна примена на законските обврски на терен – велат од оваа институција за Радио Слободна Европа.
Туристичките водичи всушност, чекаат да се формира вакво тело веќе десет години. Формирањето на туристичката инспекција беше најавено уште во јуни 2015 година, кога тогашната Агенција за поддршка на туризмот соопшти дека таму ќе бидат преземени инспекторите од Државниот пазарен инспекторат.
И по цела деценија нереализирано ветување, туристичкиот промет во првите пет месеци од 2025 година, бележи пораст.
Расте бројот на туристи
Министерството за култура и туризам соопшти дека се зголемува интересот на странските туристи од западноевропските земји, пред сè, од Франција, Германија и Велика Британија.
„Во однос на истиот период во 2024 година, е забележан пораст од 23,6 % кај странските туристи и раст од 18,7 % кај остварените ноќевања“, велат од Министерството.
Туристичките водичи со кои разговараше Слободна Европа, сепак велат дека и покрај напливот, потребна е поголема промоција на македонските убавини и знаменитости.
„На нас ни се потребни туристи за да се развиваат градовите. Занемарена е источна Македонија, но исто така и Повардарието. Тоа треба да се промени и да дадеме една цела понуда за да се задржат туристите подолго“, вели туристичкиот водич Лиде Стојановска.
Иако сме мала држава, додава таа, имаме илјадници локалитети кои со мало досредување би можеле да бидат атрактивни за туристите – додава оваа кратовчанка, која за странските туристи, освен во Скопје и Охрид, организира тури и во родното место.