Достапни линкови

Странски нелиценцирани водичи шетаат туристи низ Македонија


Аеродромот во Охрид.
Аеродромот во Охрид.

Додека се чека да се одврзат рацете на туристичката инспекција, странци без лиценца за туристички водич доаѓаат со групи и ги водат низ македонските туристички центри. Надлежните велат дека нивните презентации може да содржат многу погрешни информации за Македонија.

Туристичките водичи се репрезенти на државата и призма низ која странските гости го градат впечатокот за нашата земја, стои на почетната страна на Здружението на туристички водичи. Меѓутоа, „виси“ нерешен проблемот со нелиценцирани туристички водичи кои не се знае каков впечаток градат за државата. Овој проблем низ годините е решен за македонските лажни водичи, велат од Здружението, но се уште има странски државјани кои без лиценца водат туристички групи.

„Со лицата кои што од странство доаѓаат, а се нелиценцирани се уште имаме проблем, затоа што туристичката инспекција се уште нема овластување да постапува кон нив, да ги казни на лице место, односно може да ги легитимира, но треба да направи предмет и да го процесира до пазарна инспекција, која пак е премногу зафатена со други обврски и тоа останува некаде заглавено, што би се рекло, во фиока“, изјави директорот на Здружението за туристички водичи, Бранко Босилков.

Дополнително на почетната страна за Здружението, се вели дека водичите се професија од посебен интерес на државата, бидејќи странските гости заминуваат со „претстава за историјата, географијата, општественото уредување и културното наследство на нашата земја“. Затоа, овие нелегални туристички водичи се проблем за угледот на државата.

„Тоа е најголемиот проблем затоа што прикажуваат погрешна историја, прикажуваат погрешни информации за државата, за градот, за објектите кои што ги презентираат“, вели Беким Хаџиу, раководител на сектор за туризам и угостителство при Министерство за економија.

Казна за нелиценциран водич е 400 евра

Директорот на Здружението Босилков смета дека решението е во дополнително одврзување на рацете на туристичките инспектори. Тие, заедно со секторот за туризам при Министерството за економија имаат побарано и законски измени.

Туристичкиот инспекторат, да добие полни ингеренции, да може на лице место мандатна казна да изрече, да изврши санкции. Една недела да постапува туристичката инспекција во полна ингеренција веќе нема да се осудат да дојдат“, изјави Босилков, кој додаде дека поради ригорозни казни во Хрватска, Грција и Турција никој не се осудува нелегално да води туристички групи.

Според сознанијата, овие нелегални водичи влегуваат во државата заедно со туристичката група.

„Знаат каква е регулативата кај нас, тоа не е тајна за да не можат да откријат, си доаѓаат со групата, си водат слободно, знаат како да ја избегнат санкцијата“, рече Босилков.

Раководителот на секторот за туризам при Министерството за економија, Хаџиу истакнува дека во законските измени предвидуваат наместо легитимација водичите да имат лиценца со рок на траење од најмногу пет години и потоа да се релиценцираат. Дополнително, во комисиите за лиценцирање да се вклучат и други институции освен факултетите за туризам.

И контролите се многу битен елемент, бидејќи сега согласно законот, надзор вршат локалните инспектори а ние знаеме дека тие се во многу мал број. Сме во комуникација со инспекцискиот совет да се даде надлежност на државен пазарен инспекторат или пак локалните самоуправи да овластуваат инспектори други кои што не се од областа на туризмот барем за време на туристичките сезони да можат да вршат надзор и контроли врз особено странските туристички водичи имајќи предвид дека согласно законот секоја агенција која што носи туристи во Македонија е обврзана да има и локален туристички водич“, истакна Хаџиу.

Според законот, казната за нелиценциран водич е 400 евра, а за агенцијата 2.000 евра.

XS
SM
MD
LG