Достапни линкови

Македонските транспортери се повлекоа од блокадите, штетите допрва ќе се пресметуваат

Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин Богородица на македонско-грчката граница , 26 јануари 2026
Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин Богородица на македонско-грчката граница , 26 јануари 2026

Веста за усвоената Стратегијата за визи која ќе ги опфати возачите на камиони ги прекина блокадите на границите во земјите од Западниот Балкан. Домашните комапнии допрва ќе ги утврдуваат последиците од блокадите.

Одлуката на Европската комисија за донесувањето нова Стратегија за визи која ќе ги опфати и професионалните возачи ги прекина блокадите на транспортните компании од десетте гранични премини во Северна Македонија, иако засега тоа е се уште во форма на документ, а не конкретно решение кое би започнало со примена.

Како европската стратегија ќе профункционира во пракса допрва ќе се разговара и преговара на министерско ниво во Брисел, каде на заеднички состанок со министрите од Западен Балкан следната недела ќе треба да се прецизираат конкретните решенија.

„Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени, ве информираме дека протестот организиран од „Макам транс“ на граничните премини ќе биде прекинат“, соопшти асоцијацијата на транспортни фирми.

По веста од Брисел, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопштија дека министерот Тимчо Муцунски телефонски разговарал со еврокомесарката за проширување Марта Кос, во кој „размениле мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение со кои се соочуваат професионалните превозници“.

Превозниците од Србија и Босна и Херцеговина(БиХ) на 30 јануари објавија дека ја прекинуваат блокадата на граничните премини со Шенген - зоната за товарни возила, што ја почнаа во знак на протест против построгите процедури за влез во зоната.

Превозниците од Србија објавија дека во 15 часот ја прекинуваат блокадата на товарните терминали на граничните премини со Шенген - зоната.

Конзорциумот „Логистика“, кој ги обединува камионските превозници од БиХ, за Радио Слободна Европа потврди дека превозниците од Босна и Херцеговина исто така ја прекинале блокадата на граничните премини за товарен сообраќај со земјите од Европската Унија(ЕУ).

Црногорското здружение на правозници ги прекина граничните блокади на товарниот сообраќај откако постигна договор со Владата - ДДВ-то да се врати во законскиот рок и времето на транзит за увоз на стоки од Црна Гора да биде 72 часа. Црногорските транспортери успеаја да го продолжат работното време на фитосанитарните и ветеринарните инспектори на поголемите гранични премини.

Европската комисија (ЕК) разгледува можност за наоѓање решенија за одредени категории професионалци од трети земји, вклучително и возачи на камиони, со цел да се овозможи подолг престој во Шенген зоната.

Решението допрва ќе се дефинира

Европската комисија признава дека со Усвоената стратегија одредени категории работници треба да останат подолго од 90 дена во рамките на 180-дневниот период дозволен со Шенгенските правила.

Ова се категории кои во голема мера се потпираат на мобилноста, како што се уметници на турнеја, спортисти или возачи на камиони, кои треба да останат подолго во Шенген зоната без потреба од престој или дозвола за престој.

„Ова создава сложен систем, дополнително усложнет од постоењето на билатерални договори склучени од некои земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенското acquis. Овие договори им дозволуваат на државјаните на одредени трети земји да останат подолго од 90 дена, но само на територијата на одредена земја-членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенската правна рамка“, се наведува во документот на Европската комисија.

Потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен предупреди дека воведувањето на систем за влез-излез не подразбира промена на правилата или воведување дополнителни барања.

„Свесни сме за тешкотиите во оваа област. Исто така, го решаваме ова прашање во визната стратегија. Затоа, предлагаме да се разгледа поголема флексибилност, без да се загрози безбедноста“, рече Виркунен.

Таа објасни дека ситуацијата со возачите на камиони е различна од онаа на прекуграничните работници, кои редовно ја преминуваат границата на истите гранични премини и за кои веќе постои одреден степен на флексибилност.

„Ова е различно на пример за возачите на камиони. Постојат и други професии каде што идентификувавме предизвици, како што се спортистите и уметниците на турнеја. Ги решаваме овие прашања во оваа визна стратегија“, додаде Виркунен.

Штети без прецизни бројки

Транспортерите од државата, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата во понеделникот со барање да бидат изземени од Системот за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети, а камионџиите со притвори и депортации.

Економските штети од неколкудневните протести на камионските превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора се мерат во стотини милиони евра.

Финансиските штети од блокадите на граничните премини допрва ќе се пресметуваат, велат за РСЕ од Стопанската комора на Северна Македонија во однос на последиците од четиридневните затворања на товарниот сообраќај на 10 гранични точки во државата.

Ниту транспортните компании немаат чиста математика од неколкудневните блокади и последиците од неработењето. Во разговор за РСЕ, претставници на неколку компании рекоа дека пресметките за изгубената добивка, трошоците и загубите ќе ги удрат откако завршија блокадите.

На регионално ниво, проценките на Српската стопанска комора се дека економиите на Западен Балкан трпат директна штета од околу 100 милиони евра дневно само врз основа на извоз на стоки поради Системот за влез и излез кој електронски го регулира престојот на возачите на камиони во Шенген зоната.

Овој систем воспоставен на надворешните граници на Шенген-зоната започна да се применува постепено од 12 октомври 2025, а треба целосно да се имплементира до 10 април 2026 година. Правилото „90/180 дена“ значи дека транспортерите од Северна Македонија можат да бидат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во вкупно 180 дена.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG