Достапни линкови

Српското обвинителство отвори предмет за „фантомските гласачи“ во Белград


Протести на опозицијата со кои бараат поништување на изборите поради сомнежи за изборни измами и кражби
Протести на опозицијата со кои бараат поништување на изборите поради сомнежи за изборни измами и кражби

Српското обвинителствo отвори предмети за изборна кражба со „фантомски гласачи“ од Република Српска. Опозицијата на протести пред Изборната комисија бара поништување на изборите во Белград. Расте и бројот на опозиционери што штрајкуваат со глад.

Вишото јавно обвинителство во Белград во саботата на 23 декември соопшти дека формирало неколку предмети врз основа на пријави поврзани со можни нерегуларности за време на републичките избори во Белград одржани на 17 декември.

Обвинителството во соопштението наведува дека од изборите до денес има примено пријави од сите шест основни јавни обвинителства во Белград кои укажуваат на можни неправилности во изборниот процес. Пријавите меѓу другото се однесуваат на купување гласови, фалсификување ливчиња и потписи.

Меѓу нив е и случајот поврзан со настаните во „Арена“ (Штарк Арена) на денот на изборите. Тој случај се однесува на пријавата на член на Републичката изборна комисија (РИК) дека, како што соопшти Обвинителството, паралелно се гласало во белградската Арена и дека на членовите на Изборната комисија не им било дозволено да влезат во Арената.

„Пријавено е дека по наредба на дежурните обвинители полицијата разговарала со пријавените, по што им било укажано сите неправилности да ги пријават во Републичката изборна комисија“, се вели во соопштението.

Во соопштението се додава дека полицијата добила наредба, откако Изборната комисија соопшти дека нема изборно место во „Арена“ да поднесе пријава, како и да ја зголеми патролната активност пред белградската Арена.

На 17 декември претставници на неколку опозициски партии од изборната комисија беа физички спречени да влезат во „Арената“, пред која во текот на тој ден пристигнале голем број автобуси со гласачи од Република Српска.

Според објавените видеа на социјалните мрежи по кратка дискусија, членовите на изборната комисија биле истуркани од мажи кои им рекле дека се приватно обезбедување.

Како што беше објавено на видеата на социјалните мрежи, припадниците на изборната комисија се расправале со обезбедувањето барајќи да влезат во салата, на што им било кажано дека не можат бидејќи внатре „се снима филм“.

На прашање на еден од претставниците на изборната комисија зошто гласачите во Арената доаѓаат со автобуси по цел ден, одговорот бил „тоа се статисти“.

Во изминативе неколку денови по изборите, домашни и меѓународни набљудувачи, како и претставници на најголемата опозициска листа „Србија против насилство“, обвинија за организираниот транспорт на граѓани од Босна и Херцеговина до Белградската арена со цел да гласаат на изборите во Белград.

На прес-конференцијата на 22 декември, невладината набљудувачка мисија Црта посочи дека организираното носење на гласачите на гласање, односно „организирана миграција влијаела на исходот на изборите во Белград“.

Истиот ден реагираше и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која на вонредна прес-конференција ја обвини оваа организација за „обид за уривање на уставниот поредок“. Отфрлајќи ги тврдењата, Брнабиќ изјави дека невладината организација демонстрира „однесување на навивачите“.

Жителите на градот Рудо во Босна и Херцеговина за Радио Слободна Европа сведочат за организираното пристигнување во белградската арена на денот на изборите и транспортот до избирачките места. Меѓу нив на изборите за Белград гласаа мештаните кои не само што не живеат во Белград, туку со години не ни доаѓаат во Србија.

Српската опозиција на протести и штрајк со глад

Српската опозиција на 23 декември, пред Републичката изборна комисија (РИК) во Белград го одржа шести протест против изброните резултати, обвинувајќи за изборна кражба. Дополнително уште двајца претставници на опозициска коалиција „Србија против насилството“ започнаа штрајк со глад барајќи поништување на изборите.

Партијата за слобода и правда (ССП) соопшти дека претседателот на Движењето за револуција, Јанко Веселиновиќ и претседателот на синдикатот Слога, Жељко Веселиновиќ штрајкувале со глад.

„Сакам да покажам дека ние политичарите сме подготвени на таков чин, како што е штрајк со глад“, им изјави Веселиновиќ на новинарите.

Претходно, Мариника Тепиќ започна штрајк со глад на 18 декември, а три дена подоцна и се придружија Јелена Милошевиќ и Данијела Грујиќ.

„Храбрите жени покажуваат дека имаат волја и желба да ја истуркаат оваа приказна до крај и испраќаат порака до цела Србија“, изјави за телевизијата Н1, Мирослав Алексиќ, еден од носителите на изборната листа „Србија против насилството“.


Граѓани излегоа на протести на повикот на коалицијата „Србија против насилството“, која не ги признава резултатите од изборите и тврди дека владејачката Српска напредна партија победила со изборна кражба. Насобраните на протестот скандираа „крадци“.

Републичката изборна комисија во моментот на протестот го разгледа барањето на коалицијата „Србија против насилство“ за распишување и спроведување на нови избори за градското собрание на Белград.

Претседателот на Изборната комисија Владимир Димитријевиќ повтори дека оваа институција не е надлежна да носи одлука за повторно закажување на избори во Белград. Предлогот на претседателот на Комисијата да побара од Министерството за внатрешни работи и Министерството за државна управа и локална самоуправа да ја верификуваат поканата за гласање поднесена до РИК од коалицијата „Србија против насилството“ беше усвоен со мнозинство гласовите на членовите на РИК, со тврдење дека се работи за „фантомски гласачи“.

Членовите на РИК, кои беа избрани на предлог на партиите собрани околу коалицијата „Србија против насилство“, изјавија дека предлогот на претседателот ја поткопува суштината на проблемот.

Владејачката Српска напредна партија (СНС) ги отфрли обвинувањата за изборна кражба и поништување на волјата на граѓаните. Српскиот претседател Александар Вучиќ на 21 декември изјави дека изборите одржани на 17 декември „биле најчистите и најфер досега“.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на 18 декември објави дека изборите ги одбележале сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавните средства, медиумска доминација на претседателот Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.

Соединетите Држави и Европската Унија ги повикаа властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи за изборни нерегуларности.

Граѓаните на Србија на 17 декември гласаа на парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, вклучувајќи го и Белград. Владејачката партија СНС прогласи победа на сите нивоа.

XS
SM
MD
LG