Достапни линкови

Спироски: Конго-кримската хеморагична треска не се пренесува преку воздух


Доктор Мирко Спироски - Пренесувањето на болеста од човек на човек е можна само преку телесните течности
Доктор Мирко Спироски - Пренесувањето на болеста од човек на човек е можна само преку телесните течности

Д-р Мирко Спироски е имунолог, основач и прв директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика. Тој за Радио Слободна Европа зборува за ризикот и клучните мерки за заштита од ширење на конго-кримска хеморагична треска, откако почина жена по каснување од крлеж. Лекот е набавен деновиве.

Д-р Спироски, прво 27 годишна жена почина од конго-кримска хеморагична треска по каснување од крлеж. Сега е заразена болничарка на Инфективна која ја лекувала починатата жена, а под здравствен надзор се околу 40 луѓе од превентивни причини, како што објави државниот санитарен и здравствен инспекторат. Колкав е ризикот да се прошири заразната треска?

Прво, морам да кажам дека ова заболување кај нас е многу ретко, тоа е повремено и поединечно, поради што во Македонија не постојат кумулативни и објективни показатели каков е ризикот да се прошири заразната треска. Значи кај нас тоа е поединечно случување, кај нас немало некое поголемо проширување. Но, има земји во коишто оваа треска редовно се случува, тоа се дел од африканските земји, во Далечниот Исток, како Пакистан и т.н, каде што имаат податоци и направени анализи. Оние анализи коишто се објавени, проширувањето не е поголемо од 8 отсто. Значи ризикот којшто би можел да максимално да се очекува, би бил некаде околу 8 проценти. Кај нас тој ризик веројатно е десетици пати помал и не е ниту 0,8 проценти. Значи ризикот кај нас да се случи проширување, од она што досега се случуваше, а во иднина ќе видиме, изнесува десет пати помалку од она што е објавено во земји каде што тоа се случува.

Дали само каснување од крлеж е опасност од зараза со ваква треска или постојат и други начини на пренесување?

Има неколку начини на пренесување на оваа болест (трансмисија). Прво, болеста или одржувањето на вирусот во најголема мерка се остварува во крлежите и во нив тој живее во природата. Природно живеалиште на овие вируси е во крлежите. Меѓутоа, крлежите во својот живот се размножуваат класично како и другите инсекти – значи со јајца и со претходно оплодување од машко и женско, така што вирусот во природата се пренесува таканаречено вертикално. Од еден крлеж којшто е заразен, потоа се пренесува во јајцата кои се размножуваат и во нив се наоѓа вирусот, кој може да биде размножен илјадници пати повеќе. Тоа е таканаречен природен вертикален циклус на пренесување внатре во размножувањето на крлежот. Најголемиот број на размножување на вируси од оваа треска, е всушност од крлежи. Но, имаме и хоризонтално пренесување. Тоа е кога крлежите ќе излезат од своите скривалишта, значи во летните месеци од јуни до октомври, тогаш тие кога ќе каснат некое мало животно на земја (глувци, птици, зајаци), ги пренесуваат вирусите во нив и тие стануваат заразни. Овие мали животни во природата не умираат, бидејќи оваа болест кај нив не се изразува во тешка форма и не влијае значително на нивната здравствена состојба. Тоа постојано се остварува во ендемските подрачја каде што ова го има. Кога тие ќе пренесат од едно животно, на поголемо животно, во тој случај имаме хоризонтална трансмисија. Постои исто така и не вирусна трансмисија, а тоа е кога два или повеќе крлежи се хранат во исто време од некое мало животно, на пример глушец, кој има во крвта вируси и во тој случај тие заеднички ги пренесуваат од еден на друг крлеж. Интересно е исто така пренесувањето преку птици и тука се вршени многу истражувања. Но, се покажа дека најголемиот дел од птиците се отпорни на пренесување на овој вирус, а само мал дел од нив се подложни на заразување. Но, на птиците може да се прикачат крлежите кои содржат вируси и со нивното патување да ги разнесат на други ендемски подрачја. Значи, ако птиците не се директни преносители на вирусот, тие се преносители на крлежите и на тој начин се шири вирусот. И последното е трансмисијата или пренесување на луѓе, кога еден човек ќе се зарази и тоа може да биде пренесено на други луѓе. Тоа вообичаено се случува во болница, или пак при некои домашни контакти.

Дали клучно во оваа ситуација е како луѓето да знаат да се заштитат од каснување од крлеж или потребни се и други насоки во однос на тоа што го спомнавте со глувците и птиците...?

Ако сакаме да направиме комплетна заштита од оваа треска треба да влијаеме на сите овие системи, односно максимално уништување на изворот на заразата. Значи во ендемските подрачја каде што се појавил овој случај, како кај нас во околината на селото каде тоа се случило, да се направи уништување на што е можно поголем број на крлежи. Тоа е прво, бидејќи примарниот носител каде живеат вирусите се крлежите. Потоа евентуално на тоа подрачје треба да се заштитат или да се уништат малите животни, а дури потоа да се преземат и другите мерки. Во овој циклус на одржување на вирусот, пренесувањето од човек на човек би рекол дека е најмалиот процент или ризик. Бидејќи, човекот може да биде излекуван или не дај боже да почине, како во овој случај што го имавме, меѓутоа ние во медицината викаме дека тука е крајот на природниот циклус. Човекот е затворениот простор и од тоа понатаму не може. Значи може евентуално пренесување од човек на човек во мал број. Практично се се случува во природата во овие вертикални и хоризонтални и не вирусни трансмисии во најголема мерка.

Беше спомнато дека оваа зараза не се пренесува преку воздух како што беше случај со ковидот. Како се пренесува треската од човек на човек и колкав е тука ризикот од пренесување?

Веќе е информирана јавноста дека основниот начин на пренесување на вирусот е преку каснување на крлежот на човекот и внесување на вирусите од крлежот во човековиот организам и таму се разнесува низ целото тело. Меѓутоа, пренесувањето од човек на човек се врши само ако се дојде во допир со телесните течности во коишто го има вирусот. Во над 99 проценти од случаите на Земјината топка тоа се здравствените работници, оние коишто доаѓаат во допир со лекувањето. Накусо, било кој дел од телесните течности, а тоа е крв, плазма, плукна, солзи или некои други ткива, може да бидат преносители од човек на човек и ништо друго. Во однос на тоа колку е тоа опасно или во кој процент може да се пренесе, тоа зависи од бројот на вирусите коишто ги има во човекот. Ако тоа е многу тешка форма, во којашто има милиони и милиони вируси во еден дел од крвта, плазмата, плунката или било кој дел, во тој случај заразувањето е во многу поголем процент. Процентот на заразување со телесните течности на човек заболен од оваа треска, зависи од бројот на вирусите во единица количина од течноста.

Ако заразата не се пренесува преку воздух како што беше ковидот, зошто оние кои имале контакт со заразено лице се ставаат 14 дена под здравствен надзор?

Под здравствен надзор вообичаено се ставаат да се заштитат луѓето коишто се евентуално заболени, како и да се заштитат тие што евентуално можат да ја пренесат болеста. Кога стануваше збор за ковидот, бидејќи се пренесува преку воздух и други патишта, беше многу значајно луѓето тие 14 дена да бидат, не само под здравствен надзор, туку и изолирани, значи да не бидат во контакт. Бидејќи во овој случај немаме пренесување на вирусите преку воздух, туку само преку овие телесни течности, 14-те дена за здравствен надзор се користат човекот којшто бил потенцијално во контакт, да не може да ја развие болеста. Најдено е дека овие вируси од контактот до развојот на болеста поминуваат од 7 до 10 дена, и 3 до 4 дена има резерва. Во овој случај здравствениот надзор се користи за да се дознае дали изложениот потенцијално на овој вирус, е или не е заболен. Значи овде е различно и само чекаме да видиме дали е заболен или не. Тоа здравствените работници го прават мошне ефикасно.

Дали има други начини како може да се превенира ширење на вакви заразни болести како конго-кримска хеморагична треска, кои имаат висока смртност, според извештаите и до 40 проценти?

Секако дека има, тоа се вообичаените превентивни мерки за заштита од инсекти. Еден од најефикасните начини е прскање на видливите делови од телото со хемиски средства кои ги одбиваат сите инсекти, па и крлежите, тоа се таканаречени репеленти. Ако човек оди во природа или работи во вакви ризични подрачја, во тој случај е да ги заштити своите видливи делови со репеленти. Вториот дел е да ги заштити деловите кои би можеле да бидат изложени, на пример да ги покрие рацете ако работи на поле, особено земјоделците, да стави ракавици, долги ракави, исто и заштита на нозете со затворени обувки, и ставање на облеката во чорапите. Исто така има и препораки да се носи светла облека за да може да се вида дали некаде го има крлежот, бидејќи тој е темен и може да се забележи. Исто така во ризични земјоделски подрачја, може да се направи соблекување и визуелен преглед, бидејќи може човек да има крлеж, а да не го осети. Ако има крлеж, тој треба да се отстрани многу внимателно и најдобро е да се извади под здравствен надзор. Главно тоа се превентивните препораки за да не дојде до поголемо ширење на ова заболување.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG