Достапни линкови

Сомнежи во САД за брзиот успех на украинската контраофанзива


По бавниот напредок на украинските сили во првите два месеци од контраофанзивата што Киев ја започна за ослободување на териториите контролирани од Русија, во САД се зголемува сомнежот дека Украина ќе ги постигне целите на своите офанзивни операции оваа година.

Поради слабиот напредок на фронтот, но и немањето остварливи цели на конфликтните страни, војната во која, според американските податоци, речиси 500.000 украински и руски војници се убиени или ранети, би можела да трае со години, пишуваат медиумите во светот.

Ограничен напредок

Се чини дека на Киев му снемува опции во контраофанзивата за која официјални лица тврдат дека е клучната операција на Украина за ослободување на значителен дел од територијата окупирана од руските сили, посочува Вашингтон пост.

По повеќе од два месеци борби, контраофанзивата покажува знаци на попуштање, бидејќи напредокот на украинските сили е ограничен на неколку села додека руските трупи напредуваат на север, пишува весникот, укажувајќи дека неспособноста на Украина да постигне одлучувачки успех на бојното поле ги поттикнува стравувањата дека конфликтот влегува во ќор-сокак и дека меѓународната поддршка за Киев може да ослабне.

Новиот доверлив извештај на американското разузнавање предвидува дека украинските контраофанзивни сили нема да успеат да стигнат до клучниот град Мелитопол на југоистокот, оваа година. Од друга страна, истакнува Вашингтон пост, се очекува дека во САД ќе има се погласни повици за намалување на помошта за Украина како што се приближуваат претседателските избори во ноември 2024 година.


Аналитичарите велат дека Украина веројатно нема да направи пробив во офанзивата без напредно оружје или целосно распоредување на силите кои се уште се во резерва. Дотогаш, украинските и западните власти повикуваат на трпение, велејќи дека напредокот е побавен од очекуваното, но инсистирајќи на тоа дека Украина остварува постојани придобивки.

Исто така, според Вашингтон, временската рамка за украинските офанзивни операции е ограничена. Минатата година, украинските сили постигнаа мал напредок по повторното заземање на јужниот град Херсон на почетокот на ноември, поради доаѓањето на неповолните зимски временски услови.

Руските сили, пак, како што пишува „Вашингтон пост“, не попуштиле, туку пружаат жесток отпор и дури напредуваат во североисточна Украина, каде што властите во Купјанск - град кој Украина го ослободи минатата есен - наредиле евакуација на цивили.

Евакуација на украински цивили од Купјанск поради борбите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00


Од почетокот на контраофанзивата во јуни, украинските сили повторно зазедоа околу 200 квадратни километри окупирана територија, со најголеми придобивки кај Бахмут на исток и во регионот Запорожје јужно од Орихив.

Критика и песимизам

Американските власти се сè покритични кон стратегијата на украинската контраофанзива, но и се попесимисти во врска со нејзините шанси за успех, што, според Фајненшл тајмс, ги продлабочува тензиите меѓу Киев и Вашингтон во најкритичната точка од војната, од почетокот на руската инвазија.

Минатата недела Украинците продолжија да бележат помали успеси, вклучувајќи го и ослободувањето на селото Урожајна. Но, американските официјални лица неофицијално велат дека се подготвуваат за, како што изгледа, војна на трошење што ќе се протега до следната година, додека јавно ја повторија континуираната поддршка за Киев.

Се е минирано: Опасни пречки ја забавуваат украинската контраофанзива
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00


Една од точките на тензија меѓу американските и украинските официјални лица се однесува на прашањето како Киев ја распоредил својата војска. Американските власти ја охрабруваат Украина да биде помалку склона кон ризик и целосно да ги насочи своите сили на главната оска на контраофанзивата на југот на земјата за да има шанса да ги пробие руските линии и да стигне до Азовското Море, што ќе ја пресече руската контролирана територија, копнениот мост што ја поврзува јужна Украина со Крим.


Вашингтон, исто така, побара од Киев да испрати поголема борбена моќ на југ и да престане да се концентрира на исток, каде што има распоредено речиси половина од своите сили. Сепак, според Фајненшл тајмс, Украина, наместо тоа, распоредила некои од своите најдобри борбени единици во напорите за ослободување на Бахмут.

Официјални лица во Киев, вклучително и претседателот Володимир Зеленски и некои критичари на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, го повикуваат Западот да испрати тешко оружје во Украина и велат дека напредокот во контраофанзивата ќе продолжи да биде бавен доколку Вашингтон не испрати оружје со долг дострел. Некои аналитичари велат дека фокусот на Киев на оружјето со долг дострел е погрешен, со оглед на неговото скромно влијание во војната што се повеќе се води со артилерија, вклучувајќи ја и касетната муниција што САД неодамна ја испратија во Украина.

Неостварливи и нејасни цели

Војната во Украина е во опасност да се одолговлекува неколку години, пишува весникот Вол стрит журнал, наведувајќи дека причината за тоа не е само бавниот развој на фронтот, туку и фактот што ниту еден од главните актери нема јасни и остварливи политички цели.

Главната цел на Украина да ја врати целата своја територија е најјасна, но и тешко остварлива со оглед на ограничувањата на западната поддршка. САД и клучните европски сојузници, како што е Германија, сакаат да ја спречат Русија да победи, но се плашат од трошоците и ризиците од помошта што ќе ја доведат Украина до таква победа.

Што откри платеник на Вагнер на апликација за запознавање?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:14 0:00


Затоа западните власти размислуваат за големи зделки за ставање крај на војната, но тие не се совпаѓаат ниту со целите на Киев ниту на Москва. Декларираните цели на рускиот претседател Владимир Путин се најфлексибилни - од амбициозни империјални планови до поограничено заземање на украинска земја - и, како што истакнува американскиот весник, тие се менуваат со ситуацијата на теренот.

Бајден рече дека целта на американската помош е да и се обезбеди на Украина најдобра позиција за можни мировни преговори, без да прецизира под кои услови таа треба да преговара. Претходно оваа година, Вашингтон, Берлин и други се надеваа дека ќе се отвори шанса за разговори оваа есен доколку контраофанзивата на Киев постигне значителен напредок во јужна и источна Украина.

Сепак, во текот на војната, давањето решителна огнена моќ на Украина беше во конфликт со друг западен приоритет - избегнување на неконтролирана ескалација што ќе доведе до целосна војна со Русија или ќе го поттикне Путин да користи нуклеарно оружје.


Ограничената брзина со која може да се испрати помош во Украина беше очигледна во неколкумесечната дебата на Западот за тоа дали на Киев да му се обезбедат тенкови, авиони и ракети со долг дострел. Ограниченото вооружување на украинските војници придонесе за нивните тешки жртви за време на војната и нивниот болно бавен напредок ова лето против зацврстените руски линии во регионите Запорожје и Доњецк, а сега американските разузнавачи се песимисти околу тоа дали украинските сили можат да ја пробијат руската одбрана и да стигнат до Азовско Море.

Неверојатен број на загинати војници

Американските власти велат дека вкупниот број на убиени или ранети украински и руски војници од почетокот на војната во Украина пред 18 месеци се приближува до неверојатни 500.000, истакнува Њујорк тајмс.

Официјални лица предупредија дека бројот на загинати останува тешко да се процени бидејќи се верува дека Москва рутински го потценува бројот на загинати и повредени во војната, додека Киев не објавува официјални податоци. Тие, сепак, велат дека крвопролевањето се интензивирало оваа година во источна Украина и продолжува да расте за време на украинската контраофанзива.

Руските воени загуби, рекоа официјални лица, се приближуваат до 300.000, вклучувајќи 120.000 мртви и 170.000 до 180.000 ранети. Украина имаше помалку жртви - близу 70.000 убиени и 100.000 до 120.000 ранети војници.


Од друга страна, руските сили ги надминуваат украинските сили речиси три спрема еден, а Русија има и поголемо население од кое може да ги пополни своите редови. Украина, според аналитичарите, има околу 500.000 војници, вклучувајќи активни, резервни и паравоени трупи. За разлика од нив, Русија има 1.330.000 активни, резервни и паравоени војници.

Покрај тоа, руските аналитичари велат дека загубата на животи веројатно нема да го одврати Путин од понатамошна војна. Тој нема политичка опозиција и ја претстави војната како еден вид конфликт во кој Русија се бореше за време на Втората светска војна, кога загинаа повеќе од осум милиони советски војници, пишува Њујорк Тајмс. Се додава дека американските власти веруваат оти Путин може да ја поднесе загубата на стотици илјади животи во Украина, иако поголем број жртви би можеле да ја загрозат политичката поддршка што ја ужива во Русија.

XS
SM
MD
LG