Достапни линкови

Собранието ги разреши министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу


Собрание на Северна Македонија
Собрание на Северна Македонија

Расправата за разрешувањето на министрите за здравство и информатичко општество Фатмир Меџити и Азир Алиу започна од попладневните часови и траеше до доцна во ноќта. Седницата за избор на нови министри ќе продолжи в понеделник.

Доцна вечерва на неколку минути пред полноќ, со 62 гласа “за“ и ниту еден глас „против“, Собранието ги разреши двајцата министри за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу. За време на гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.

Маратонската седница на која главна точка на дневниот ред за дискусија беше разрешувањето на министрите започна пред 15 часот. За збор се пријавија 36 пратеници, а во текот на собраниската дебата имаше и две паузи. Третата и последна пауза од 20-тина минути беше за да се соберат пратениците во салата и да гласаат за разрешувањето на министрите.

Во рамки на 143 седница која ќе продолжи во понеделник, Собранието треба да одлучува за новите министри во ресорите информатичко општество и администрација и здравство – Наим Бајрами и Илир Демири. Седницата е закажана за 12 февруари во 11 часот.

Пред почетокот на денешната седница, координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците Аднан Незири ги претстави новите кандидати за министри, велејќи дека Управниот совет на партијата донел едногласна одлука Меџити и Алиу да бидат разрешени од функциите поради нивното однесување „спротивно на прозападната ориентација на партијата.“

„Управниот совет на Алијанса за Албанците едногласно одлучи за министер за здравство да биде предложен Илир Демири – актуелен директор на Клиниката во Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами – магистер по политички науки“, рече Незири кој истакна дека има мнозинство во Собранието кое денеска ќе ја заврши работата за разрешување на Меџити и Алиу.

На само десет дена од изборот на техничката влада со мандат да ги организира изборите, во тек е процес за нејзино прекројување.

Меџити: СДСМ се неми набљудувачи на тоа што го прави ДУИ

Техничкиот премиер Талат Џафери, образложувајќи го пред пратениците поднесеното барање за разрешување на двајцата министри од Алијанса за Албанците, посочи дека не ги спори нивната стручност и професионалност.

„Според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на министрите“, изјави Џафри.

Од собраниската говорница се обрати и министерот за здравство Фатмир Меџити, кој говореше за неговата работа во изминатите 11 месеци и проектите кои ги реализирал.

Меџити се осврна на како што рече реформата во примарна здравствена заштита, за набавката на лекот трикафта за 68 пациенти, двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема, 13 здравствени установи подобрени услови. Но, и опструкциите кои ги добивал во неговата работа.

„Жалам што се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во оваа влада. Се покажа дека ДУИ и нивните министри до крај решија да политизираат и да блокираат. Да оди до крај против интересот на граѓаните за да го штити својот партиски интерес. Граѓаните се тие кои за неколку месеци на избори ќе го казнат. ДУИ сметаат дека политиката е средство за реализација на нивните интереси. Сакам да им се обратам на сите функционери на СДСМ. Размислете колку е понижувачки за вас и вашите поддржувачи да бидете неми набљудувачи за она што го прави ДУИ за граѓаните. Мојата чест е чиста, јас знам за што се залагам и за што се борам“, рече Меџити.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го нарече хипокризија денешниот предлог за разрешување на двајцата министри, велејќи дека европскиот фронт на владејачкото мнозинство се претворил во политичка карикатура. Како што рече Милошоски, пред 10 дена европскиот фронт ги фалел двајцата министри како најдобри, а денеска ги разрешува како најлоши.

„Без разлика колку го сакате или не министерот за здравство, ние уште пред една година сме ви кажале дека ова ќе се случи. Дека нема капацитет ниту оваа влада, ниту овој министер да биде на таа позиција. Но, вие колеги од СДСМ не убедувавте дека тоа е најдобар избор. За денеска да имаме 10 директори на клиники во Клиничкиот центар кои неколку дена ќе бидат на лажно боледување затоа што се плашат од политичката пресметка во Алијанса и ДУИ да не им се одрази во нивните директорски позиции“, рече Милошоски од говорница.

За пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски, поделбите во Алијанса за Албанците се внатрешно прашање на самата партија за кои очекува разврски преку одлуки на нивните тела и органи.

„Факт е дека до оваа ситуација доаѓаме откако дел од министрите на Алијанса за Албанците сакаат да одат во опозиција, сметаме дека е крајно несоодветно, политички некоректно кон граѓаните ако некој смета дека не треба да дада поддршка на владата, да излезе од неа. Нашиот став е јасен – влегувањето на Алијанса за Албанците во влада беше врз база на политички договор и приницпи и заемна согласност. Со одвојување на дел од оваа партија, нормално е дека ќе продолжиме да функционираме со оние кои сакаат да останат во владата, Не сакаме да се мешаме во недоразбирањата во Алијанса, тоа е интерна работа на партијата“, изјави Костовски.

Од конфронтација до разрешување

Седницата за разрешување на Меџити и Алиу по жестокото конфронтирање меѓу актуелниот партиски лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и неговиот претходник, Зијадин Села за тоа како партијата да се позиционира за претстојните парламентарни избори на 8 мај.

Алијанса за Албанците е актуелен партнер во Владата, но актуелниот лидер Таравари сега се залага за партијата да се приклучи кон опозицискиот блок. Ставот на Села е дека партијата треба да се настапи на изборите самостојно. Меѓу двата табори изминативе денови имаше физички пресметки, а Таравари доби порака со неиспукан куршум пред неговата куќа.

Таравари е против таборот на Села за кој вели дека „ тие мислат дека промени се прават со ДУИ, а ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии“, изјави тој на 8 февруари од Куманово од каде соопшти дека бил на состанок со членови на Централното собрание на партијата.

По средбата во Куманово, Таравари рече дека добил поддршка од мнозинството членови да се приклучи на опозицискиот Европски сојуз за промени.

„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам од сè срце за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата. 8 мај е поблиску од кога било. Промената започна“ напиша Таравари на Фејсбук.

Незири денеска рече дека собирот во Куманово не бил легитимен според Статутот на партијата, и според него, легалното Собрание на партијата ќе биде в сабота.

По сабота на 10 февруари ќе биде појасно кој пат ќе го фати партијата, за кога е закажана седница на Централното собрание која ја свика Села и најави дека на неа ќе се одлучува за одговорноста на Таравари како претседател на партијата.

Алијанса за Албанците има тројца министри во Пржинската влада. Пред денешната седница беа Алиу и Меџити, како и Кренар Лога - министер за правда. Тие се поделени во поддршката за Таравари и Села.

Лога оцени дека собирот на поддржувачите на Таравари во Куманово е нелегитимен. Тој додаде дека Зијадин Села ќе го чека Таравари и членовите на Централното собрание во сабота во 13 часот за изборниот настап на Алијанса за Албанците.

Повикот на Таравари за приклучување кон опозицскиот Европски сојуз за промени претходеше средба што тој ја имаше на 30 јануари во Приштина со водачите на оваа коалиција и со косовскиот премиер и лидер на тамошната партија Самоопределување, Албин Курти.

Пет дена пред оваа средба, пак, во медиумите беше пренесена изјава од претседателот на Алијанса на Албанците дека тој е за самостоен настап на парламентарните избори.

Дел од Европскиот сојуз за промени се Билал Касами (Беса), Африм Гаши (Алтернатива) и Изет Меџити (Демократско движење) кој до пред неполна година беше функционер во ДУИ. Со некои од нив, Алијанса за Албанците во своето речиси еднодецениско постоење веќе има искуство со пред и постизборна соработка.

Алијанса за Албанците беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи.

Зијадин Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на Алијанса за Албанците на чие чело застана тој.

На првиот самостоен настап на парламентарните избори во декември 2016 година, АА освои 35.118 гласови, со кои доби три пратенички места. По овие избори, партијата во 2017 година влезе во владина коалиција со СДСМ и ДУИ и доби две министерски места – Арбен Таравари стана министер за здравство, а Сухејл Фазлиу министер за локална самоуправа.

Но, за помалку од една година, партијата тогаш ја напушти власта и премина во опозиција. Таравари, во меѓувреме, стана градоначалник на Гостивар по локалните избори во октомври 2017.

На следните парламентарни во 2020, Алијанса настапи во коалиција со Алтернатива и освои 81.620 гласа, што коалицијата донесоа 12 места во парламентот од кои осум ги пополнија пратеници од Алијанса. Партијата предводена од Села остана опозиција, а со коалицискиот партнер од пред изборите се разделија крајот на 2021 кога Алтернатива предводена од Гаши реши да влезе во владата на СДСМ и ДУИ, на местото на тогаш третиот владин партнер Беса.

Во февруари 2023, двајцата партнери си ги заменија местата – Алтернатива отиде во опозиција, а Алијанса влезе во власта.

XS
SM
MD
LG