Градилиштето каде што пред десет дена загина младиот охриѓанец Кристијан Љушев е запечатено, откако охридски обвинител завршил со увидот по несреќата. 28 годишниот Љушев бил ангажиран од приватна компанија да монтира мебел во стан во зграда која нема употребна дозвола, при што паднал од петтиот кат во окно за лифт, брифираат од Обвинителството. Оттаму велат дека го чекаат извештајот од трудовиот инспекторат од терен, по што ќе сослушуват сведоци.
„После тоа ќе биде донесена јавно-обвинителска одлука за натамошна постапка“, велат од Обвинителството.
За тоа какви биле условите за безбедност при работа, овозможени од фирмата за мебел-работодавец и од инвеститорот на зградата, од трудовиот и градежниот инспекторат до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
Ова е втор случај на смрт на работно место за неполн месец. Претходно, на 8 јануари во Дебар загина 40 годишен маж. Тој, како што соопшти секторот за внатрешни работи во Дебар, паднал од зграда во изградба.
Кој внимава, а кој не?
Состојбата со безбедност при работа се разликува од тоа колку е „голем“ инвеститорот, вели скопјанецот Спасе Т. кој со години работи како хонорарен градежен работник. Тој објаснува дека кога го ангажираат за големи објекти со „звучни имиња“ забележал дека повеќе се внимава на стандардите за безбедност на работниците од носење на шлемови и специјални чизми, до обезбедени услови за работа.
„Но, кога се станува збор за изградба на помали згради, разликата е голема. Се случува да нема заштитна ограда на повисоки катови, особено во делот на окното, каде што е отворот за лифт, потоа да нема заштитна ограда околу зградата која се гради, па да паѓаат материјал или цигла,'' објаснува тој.
Нема единствена статистика за загинати работници
Секоја година во земјава гинат по десетици работници на терен, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Но, во земјава нема единствена статистика за несреќите на работното место. Податоците се расцепкани помеѓу Трудовиот инспекторат, Министерството за внатрешни работи и Институтот за јавно здравје, што создава нереална и неконзистентна слика за вистинскиот број на загинати работници.
Според проценките на Милан Петковски, експерт во полето на заштита при работа, изминативе години во просек се покажало дека гине по најмалку еден работник неделно. Но, како што вели, институциите често бележат само половина од тие случаи бидејќи во официјалната статистика не влегуваат работниците на црно, војската, полицијата или сообраќајните несреќи на професионалните возачи, како работници.
„За да ме разберете подобро, ако јас зборувам за некои 40-тина погинати во просек годишно, Државниот трудов инспекторат би зборувал да речеме за некои 20-тина. Зошто? Бидејќи на 20-тина излегол и направил увид“, вели тој.
Стотици повредени и 82 загинати работници за четири години
Според последните податоци од Македонското здружение за заштита при работа, од 2021 до 2024 година, неколку стотици работници биле повредени на работно место, а најмалку 82 загинале.
Само во 2024 година, биле евидентирани 133 несреќи на работното место, при што 15 од нив завршиле со смртни последици. Претходно во 2023 година биле евидентирани 108 несреќи при работа во кои 15 работници загинале, а 93 завршиле со телесни повреди.
Но, во нивниот извештај се потенцира дека овие бројки се конзервативни и во голема мера не го отсликуваат вистинскиот број на потешки несреќи на работното место.
„Целта не е само усогласување на бројките, туку овие бројки поткрепени со низа други статистички податоци да бидат анализирани за да добиеме одредени заклучоци, да видиме каде се слабостите и да предлагаме соодветни мерки за надминување на проблемите“, се вели во извештајот на Македонското здружение за заштита при работа.
Од друга страна пак, извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрира 728 повреди на работа во 2023 година, но во него не се забележуваат податоци за смртни случаи настанати поради тешки телесни повреди на работно место.
Според нивната евиденција, најчесто со повреда на работа се здобиваат работници од индистријата и рударството. Но, според податоците на здруженијата за заштита при работа, најбројни се земјоделците со повреди при работа, а веднаш по нив следуваат градежниците.
„Многупати досега се покажало дека работникот е на некој начин потрошна роба. Голем дел од мојот професионален работен век го посветив на тоа да им објаснам на работодавачите дека секој вложен денар се враќа двојно, но таа црна статистика се повторува од година во година и некако не успеваме да ја научиме лекцијата“, вели Петковски.
Од Сојузот на синдикати на Македонија предупредуваат дека официјалната статистика е само делче од целиот мозаик.
„Најголемиот проблем е што има огромен број непријавени повреди. Работодавачите вршат притисок врз работниците да не пријавуваат, за да не сносат одговорност. Луѓето молчат од страв – да не го изгубат работното место или да не им биде продолжен договорот“, велат од ССМ.
Недостасува одговорност за небезбедните услови за работа
Дополнителен проблем е што по тешки несреќи ретко се покренуваат кривични постапки, а уште поретко има судска разрешница. Одговорноста речиси никогаш не стигнува до работодавачот.
„Податоците покажуваат дека недостасува личната одговорност. Недостасува делот каде што повредата на работното место, загинатиот работник, професионално заболениот работник допира до генерално до работодавачите“, вели Петкоски.
Причината за тоа е системски недостаток на контролен механизам.
„ Погледнете го само пристапот, да кажеме, за безбеден град, кога имате надзори, кога директно сте одговорни, за едно деноноќие можеме да се превоспитаме, не?“, забележува тој.
Како најчесто споменувани причини што доведуваат до несреќи на работа се невниманието на работниците, неносењето заштитна опрема при работа, како и спроведување на прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа, неизвршената процена на ризик, необученоста на работниците за безбедна работа, неизвршените здравствени прегледи на вработените, небезбеден работен простор.