Достапни линкови

Ескобар - САД не избираат влади на членки на НАТО


Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар на прес-конференција во Скопје со македонскиот премиер Димитар Ковачевски

„Нема никого да го подложувам на тортура овде, САД не избира влади за земјите членки на НАТО“, одговори заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар на прес-конференција во Скопје. Тој одговараше на новинарското прашањето за најавената средба со опозицискиот лидер Христијан Мицксоки, кој претходно рече дека нема да трпи притисоци и тортура за уставните измени.

Ескобар по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски изјави дека пораката која што ја носи е дека САД ги гледа како природни партнери оние што се посветени на европската интеграција, на НАТО и на борбата против корупцијата.

„Сакам јасно да кажам дека нема никого да го подложувам на тортура овде, сакам јасно да посочам дека САД не избира влади за земјите членки на НАТО“, изјави Ескобар.

Ескобар: „На Европа и на САД им требате во ЕУ“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Премиерот Ковачевски на почетокот на заедничката прес конференција го коментираше ставот на лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Мицкоски дека Владата коленичи, за како што вели, да дојдат странски дипломати кои ќе вршат притисок со цел да се обезбеди гласање на уставните измени.

„Тоа не е точно, бидејќи во Северна Македонија е присутен висок претставник на најпријателската држава на Северна Македонија и тој е присутен тука како дел од неговите редовни посети во регионот. Тоа не е негова прва посета, ниту ќе биде негова последна посета“.

Тој додаде дека со Ескобар разговарале за успешниот скрининг процес и за процесот за отпочнувањето на уставните измени. Ковачевски повтори дека ЕУ е единствена алтернатива и дека секој друг исход ќе значи изолација, а уставните измени се услов кој треба да се исполни.

Попладне е предвидена средба на Ескобар со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската унија.

Дневниот ред на седницата беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.

Првата средба во Скопје на Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави беше синоќа со претседателот на државата Стево Пендаровски.

Пендаровски - потврдена подршката од САД

Од Кабинетот на претседателот Пендарoвски по средбата кусо соопштија дека била потврдена поддршката на САД за европските аспирации на Северна Македонија. Истовремено, изразено е очекување од официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.

„Претседателот Пендаровски ја истакна важноста на поддршката којашто САД ја даваат за остварување на стратешките цели на нашата држава. Во таа насока, на средбата се разговараше за следните чекори коишто треба да ги преземе Северна Македонија со цел да напредува во ЕУ интегративниот процес“, се вели во соопштението испратено до јавноста.

На средбата станало збор и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.

XS
SM
MD
LG