Достапни линкови

Хаос наместо ред со новиот закон за плати во јавниот сектор


Илустративна фотографија

За синдикалците е противуставен, за министерката Тренчевска е во ред, а според професорот Давитковски се работи за избрзано решение. Бројни забелешки за новиот Закон за плати во јавниот сектор.

Наместо да стави ред, новиот закон за плати во јавниот сектор ќе отвори нови проблеми. Според експертите, не може под иста капа да се ставаат сите делови од јавниот сектор. За синдикалците пак, законот ги поништува колективните договори и социјалниот дијалог, што може да доведе до пониски плати.

Законот, според неговиот предлагач, Министерството за информатичко општество, се однесува на примањата на над 132 илјади вработени во 1.346 јавни институции. Тој пред помалку од еден месец беше ставен на ЕНЕР (Единствениот национален регистар за прописи), за да се соберат коментари и забелешки за него, пред да влезе во процедура за донесување.

„Како резултат на отсуството на унифициран систем за плати, владее вистински хаос во однос на платите во јавниот сектор, за кој следи регулирање преку голем број закони и колективни договори“, заклучија предлагачите на Законот.

Со него, највисока плата ќе ја има претседателот на државата, а сите останати се подредуваат хиерархиски, од највисоко до најниско ниво. Вредноста на бодот за нивото на работно место ќе биде иста за сите вработени во јавниот сектор, а ја утврдува Собранието, на предлог на Владата. Притоа ќе се креираат и платни потсистеми, врз основа на анализа на сите работни места.

Колективните договори - главна болка за синдикалците

Стравот дека новиот закон ќе доведе до укинување на колективните договори стана прв камен на сопнување. Синдикалците во ова гледаат и можност за намалување на платите. Дополнително сметаат дека е противуставно, бидејќи во Уставот е наведено дека „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“.

Од Сојузот на синдикати на Македонија -ССМ се децидни дека законот е противуставен и поради тоа што отвора можност за намалување на платите за време на годишен одмор. Од Синдикатот за образование наука и култура -СОНК велат дека е дискриминирачки и остава простор Владата сама да носи проценки и одлуки за платите. Бројни забелешки имаат и од Конфедерацијата на слободни синдикати -КСС, од каде за деновиве најавуваат детална анализа на законот.

Според Здравко Савески, доктор на политички науки, синдикалец и долгогодишен активист, и самото тоа што законот се носи во ек на економска криза, кога завршува ерата на евтините кредити, отвора сомнеж дека крајната цел е намалување на платите на работниците.

„Многу веројатно е ова да е удар врз животниот стандард на вработените во јавниот сектор, и во таа насока мора и синдикатите и работниците да внимаваат што се случува и да реагираат, бидејќи ако не реагираат ќе видат дека ударот ќе биде многу силен врз животниот стандард“, смета тој.

Мешање на лончиња

Како што појаснува професорот Борче Давитковски, не може ист закон да регулира плата на избран функционер, и на вработен во некое претпријатие. Според професорот, обид со еден закон да се регулира обемна материја, за која сега постојат специфични закони, ќе направи поголем проблем.

„Кај нас ги мешаат работите и кажуваат дека директор не може да има поголема плата од претседател на држава. Претседателот на држава, пратеници, министри земаат плата на коефициент, а оние од јавни претпријатија земаат плата согласно учинок. Е сега, што им се даваат такви плати на партиски војници кои не ни заслужуваат, а јавното претпријатие е во загуби, тоа е проблем на владата и тие што ги поставиле“, смета професорот.

Дециден е дека еден закон не може да регулира и плати на вработени во јавни претпријатија, и во акционерски друштва во државна сопственост и на пример на вработени во сектори како здравство или образование.

„Тоа е еден галијаматис од различни структури, така што со еден закон по мене тешко може да се уреди“, смета тој.

Тренчевска: Законот не е противуставен

Според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, законот не е противуставен, и со него ќе биде постигната целта - да нема различни плати за иста работа во различни институции.

„Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може од таа плата да се оди погоре, а согласно највисоката плата надолу за останатите работни места согласно сложеноста на работа да им се пресмета платата. Да ставиме еднаш засекогаш ред во јавниот сектор, не може директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од претседателот на држава или, пак, директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од министерот кој му е надлежен во таа област“, изјави вчера министерката Тренчевска.

Законот за плати дојде во период кога во јавноста имаше силни критики за платите на директори на јавни претпријатија, кои многу повеќе пари за својата работа од премиерот, претседателот и министерите во Влада.

Нето платата на претседателот Стево Пендаровски изнесува 92.941 денари, на премиерот Димитар Ковачевски 88.260 денари, а најниска министерска плата има министерот за животна средина Насер Нуредини, од скоро 66.000 денари, бидејќи има мал работен стаж.

Од друга страна поголема плата од премиерската и од претседателската добиваат директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор, на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), на регулаторните тела, на ЕСМ, на МЕПСО... Интересен е фактот што најголемите плати се во фирмите кои се во државна сопственост, но не се буџетски, односно се финансираат од својата дејност.

Новото законско решение исто така доаѓа во време кога синдикатите повеќепати излегуваа на протест, барајќи усогласување на платите во јавниот сектор со минималната, која лани во февруари се покачи на 18.000 денари. Од Владата тогаш најавија креирање ново законско решение за платите, низ социјален дијалог. Синдикатите сега велат дека законот го убива овој дијалог.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG