Достапни линкови

Предизборни престројувања поради политички клиентелизам?


Деновиве јавноста сведочи на прегрупирање и дефинирање на коалициите во пресрет на парламентарните избори закажани за 8 мај (архивска фотографија)
Деновиве јавноста сведочи на прегрупирање и дефинирање на коалициите во пресрет на парламентарните избори закажани за 8 мај (архивска фотографија)

Дел од аналитичарите сметаат дека ќарот на големите партии од коалицирање со малите е повеќе создавање впечаток во јавноста дека се создава голем фронт, а според некои и малкуте гласови што би ги донели малите партии може да пресудат за бројот на пратеници. Но, согласни се дека во целата ситуација со менувањето страни, помалите партии повеќе покажуваат клиентелизам отколку идеологија.

Трансформации од жестоки критичари до политички ортаци, предизборни престројувања, потпишување меморандуми и договори за коалицирање, прелетувања од една на друга страна, ја окупираат политичката сцена додека се одбројуваат деновите кога политичките партии треба да ги финализираат кандидатските листи за пратеници.

Рокот за нивно поднесување до Државната изборна комисија (ДИК) истекува на 2 април по што и официјално ќе треба да бидат потврдени сите имиња на кандидатите од шесте изборни единици. Целосните листи ќе покажат и колку места големите партии отстапиле за помалите партнери.

Прегрупирањата, за дел од аналитичарите, го покажуваат политичкиот клиентелизам, а кај дел од помалите партии и придржувањето до принципот „секогаш со победникот“.

Менувањето страна во пресрет на изборите закажани за 8 мај, предизвикаа и искри на релација меѓу премиерот Талат Џафери и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. По синоќешната седница (26 март), од Владата најавија дека на следната ќе „донесат одлука за кадровското решение во ЦУК“, што следува откако Ангелов соопшти дека ја напушта коалицијата со СДСМ и преминува во таборот на ВМРО-ДПМНЕ. Како причина тој го наведе неисполнување на барањето за обесштетување на семејствата на загинатите бранители.

Идеологија или клиентелизам

Партија Достоинство на Ангелов, е една од седумте со која од опозицијата се пофалија дека преминуваат на нивна страна. Од нив, пет се партии кои беа дел од коалицијата на СДСМ, како што се Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Останатите, пак, како ТМРО и Македонски концепт, дејствувале самостојно или во соработка со други помали партии.

Ваквите прелевања од една во друга коалиција, според аналитичарот Петар Арсовски, ниту ќе му одзеде значително гласови на СДСМ ниту ќе ѝ донесе на ВМРО-ДПМНЕ.

„Главната причина не е тоа. Кај помалите партии главната причина за престројување е прагматизам, а тоа е тие се приклонуваат кон победникот и чист политички клиентелизам. Кај поголемите партии повеќе е симболично, да создадат впечаток на голем фронт и цунами – дека сите се приклучуваат кон нив одошто калкулацијата колку гласови ќе добијат од малите партии“, вели Арсовски.

Според него, во ваквите случаи нема идеологија кај партиите, туку само клиентелизам.

За разлика од Арсовски, политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети смета дека помалите партии може да придонесат за бројот на пратеници кај големите играчи, но согласен е дека кај повеќето од нив нема идеологија туку клиентелизам.

„Тешко да се каже дека имаат некоја идеологија некои од помалите партии, тие што се со еден или ниеден пратеник. Повеќе мислам дека се работи за клиентелизам затоа што очигледно дека Донтовиот метод им оди во прилог на таквите комбинаторики каде мал број на гласови може да направи голема разлика во изборот на пратеници. Сто гласа, повеќе или помалку, некогаш може да направат разлика и тоа мислам дека ги принудува поголемите партии да ги вклучат во нивните коалиции. Се разбира тоа не мора да е единствената причина“, вели Мехмети.

Во државата, додава тој, има „доволно партии за сечиј вкус“, но смета оти целата ситуација може да биде и контрапродуктивно бидејќи на граѓаните може да им биде потешко да „распознаат кој за што се залага“.

Вестите за новите коалициски договори изминативе деновиве пристигнуваа и од останатите партии. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера (26 март) потпиша соработка со Движењето за Нова Република на Ивон Величковски. Соработката со социјалдемократите ја продолжуваат и досегашните партнери, како што се ЛДП, ДОМ, НСДП, Партијата за движење на Турците, ПОЕН…

ДУИ, пак, денеска (27 март) ќе потпише соработка со Турската демократска партија. На 25 март во својот „Европски фронт“ им посака добредојде на Сојузот на Ромите на Курто Дудуш, ДПА на Мендух Тачи и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа. Претходно, партискиот лидер Али Ахмети ја официјализираше соработката и со Народното движење на пратеникот Скендер Реџепи. До крајот на неделава треба да се знае и дали на нив ќе им се приклучи и крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

Наспроти нив, пак, е коалицијата ВРЕДИ на албанските опозициски партии во која се Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гаши, Демократското движење на Изет Меџити и крилото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.

Колку пратенички места ќе добијат помалите партии?

Партиите веќе ги промовираа носители за шесте изборни единици, а во јавноста веќе излегоа и информации за тоа кои имиња ќе ги заземат подолните места на листите.

ВМРО-ДПМНЕ своите листи се очекува официјално да ги претстави претстојниот викенд. Но, на нив нема да има место за новите коалициски партнери. Партијата, како што брифираат оттаму, ќе отстапи само три места за кандидати од помалите партии кои традиционално се во коалиција со неа – две за Социјалистичката партија на Македонија предводена од Љупчо Димовски и едно за Демократската партија на Србите во Македонија на Иван Стоилковиќ.

Политичкиот амбиент и тоа што анкетите ја ставаат во предност пред ривалите, велат соговорници од партијата, ја ставаат во покомотна позиција при преговорите со помалите партнери да понуди места во вториот и третиот ешалон од извршната власт по евентуалното формирање Влада.

Стојанче Ангелов како еден од новите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека не ни барал пратеничко место.

„Во разговорите со ВМРО ДПМНЕ пратеничко место ниту баравме ниту ни беше понудено. Нашиот фокус како репрезент на македонските бранители од 2001 година не е освојување на пратеничко место туку барање на решенија за проблемите на припадниците на безбедносните сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001 година како и борба за нивните права“, посочи Ангелов при објавата за коалицијата.

Достоинство како партија се формираше во 2011 и настапи самостојно на тогашните избори. Следната година направи во коалиција со ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и ЛДП, со која настапи на изборите во 2016 година. Но, во меѓувреме односно кон крајот на 2012 влезе во коалиција со СДСМ, за во 2013 да излезе. Во 2017 повторно влезе во коалицијата на СДСМ. Ова ќе му биде прво коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од Ангелов, Трајанов веќе има искуство со оваа партија. Пред да влезе во коалицијата со СДСМ која дојде на власт по изборите во 2016 година, беше во тимот на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција која ја напушти во 2015. Од актуелната коалиција на социјалдемократите, пак, излезе пред една година.

Љубе Бошковски, пак, беше министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, а откако не можеше да најде заеднички јазик со поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, во 2009 ја формираше партијата Обединети за Македонија.

Кога се во прашање кандидати за пратеници од СДСМ, пак, се очекува да има повеќе добитни места за коалициските партнери, слично како и во актуелниот пратенички состав. Социјалдемократите, кои листите ги промовираат со коносители, го отстапија високото второ место за претседателката на ЛДП, Моника Зајкова. Таа ќе биде веднаш зад лидерот на СДСМ во првата изборна единица. Слично беше и на минатите избори кога како коносителка на тогашниот лидер Зоран Заев во четвртата изборна единица беше пратеничката Соња Мираковска од НСДП.

ЛДП, покрај Зајкова, за кандидати за пратеници ги утврди и Боби Мојсоски и Илија Нешковски од кои се очекува барем двајца да има добитна позиција на листите.

И Мираковска од НСДП е можно да добие нов пратенички мандат . Таа треба да се најде на првите пет места во „четворката“. И лидерот на оваа партија, Горан Мисовски, се очекува да влезе како пратеник од трета изборна единица. НСДП на листите ќе има уште еден кандидат, Мики Милковски, но тој треба да биде на подолните позиции во „двојката“. Мираковска и Мисовски се дел и од актуелниот собраниски состав.

Во „тројката“ се очекува добитно места да има и ВМРО – Народна партија, која и сега има еден пратеник, Љупчо Балкоски.

Лидерката на ДОМ Маја Морачанин, пак, ќе биде на шестото место во „единицата“, а претседателот на Партијата за движење на Турците Енес Ибрахим на петтата позиција во „петката“. И во досегашниот мандат, двајцата беа единствени пратеници од своите партии.

Од коалициите, ДУИ сè уште официјално не ги објавила ниту носители за каде во калкулациите на интегративците е отстапување на првата позиција во „петката“ за Зијадин Села, доколку одлучи да настапи со оваа коалиција.

Покрај споменатите коалиции, на претстојните избори со свои кандидати за пратеници ќе настапат и Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, Левица, како и некои други помали партии. Денеска (27 март) коалициски договор за заеднички настап ќе потпишат Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), ИНТЕГРА и Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), а пратенички листи се очекува да предложи и Нова Алтернатива чија претседателка од неодамна е градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Кампањата за парламентарните избори закажани треба да започне на 18 април. На 8 мај, покрај за пратеници, граѓаните ќе гласаат и на втор круг претседателски избори. Првиот круг од претседателските ќе се одржи на 24 април, а кампањата за нив ќе започне на 4 април.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG