Достапни линкови

Меѓу реалноста и очекувањата: Колку може да порасне одбранбениот буџет?


Подготовки за воената вежба „Одлучен удар“ на која учествуваат АРМ и НАТО-партнерите.
Подготовки за воената вежба „Одлучен удар“ на која учествуваат АРМ и НАТО-партнерите.

ЕУ размислува за зголемување на трошоците за одбраната додека американскиот претседател Трамп најавува дека ќе бара од земјите членки на НАТО зголемување на одбранбените буџети до 5 отсто од БДП. Колку земји како Северна Македонија ќе можат да го следат овој тренд во одбраната?

Северна Македонија тешко ќе може да го достигне амбициозното барање на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на одбранбениот буџет на 5 отсто од бруто домашниот производ БДП, но е подготвена за постепено зголемување на воените трошоци, како што сметаат актуелни и поранешни функционери и експерти за одбрана.

Дебатата за трошоците за одбрана меѓу земјите членки на НАТО повторно се актуелизираше откако Трамп почна да најавува значително да се зголемат трошоците до 5 отсто од БДП, што ќе биде сериозне предизвик со оглед дека оваа цел не е исполнета од ниту една од 32-те членки на Алијансата, вклучително САД.

Според Методи Хаџи Јанев - вонреден професор од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски вакво зголемување на одбранбениот буџет ќе претставува сериозен финансиски товар за Северна Македонија, која, како што вели, и сега има потешкотии да го одржи прагот од 2 отсто.

„Мислам дека тешко ќе можеме да се вклопиме во таа линија. Ако тоа се случи ќе треба да се алоцираат средства од другите сектори за да може да се одговори на тоа побарување“, вели Хаџи Јанев за Радио Слободна Европа.

Зголемување на одбранбените буџети Трамп бараше од земјите на НАТО уште за време на неговиот прв претседателски мандат од 2017 до 2021.

Oсвен барањето на Трамп, земјите започнаа со зголемување на своите буџети за одбрана и по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, а дополнителен притисок донесе и војната меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток, која ја засили загриженоста за глобалната безбедност и ја актуелизираше потребата од поголемо воено финансирање.

Меѓу реалноста и очекувањата

Северна Македонија од неодамна постави цел како членка на НАТО да одвојува 2 проценти од БДП за одбрана, со најмалку 20 проценти за модернизација на Армијата и опремување, како што е наведено во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 (ДПРОС).

Но, за министерот за одбрана Владо Мисајловски барањето на новоизбраниот американски претседател Трамп земјите членки на НАТО да издвојуваат 5 отсто од БДП за одбрана е практично невозможно.

Тој посочи дека сумата од 5 отсто би претставувала сериозен финансиски товар за многу влади, но дека на последните состаноци на НАТО, вклучително и на самитот во Вашингтон, бил поставен пореален фокус – надминување на 3 проценти.

„Во овие нестабилни времиња, постојано се бараат дополнителни инвестиции во опрема и раст на одбранбениот буџет. Ќе видиме дали некоја земја ќе го достигне овој процент, но ова ќе биде една од главните теми на првиот НАТО самит со Трамп во јуни или јули“, рече Мисајловски.

Северна Македонија на крајот на 2023 година го зголеми буџетот за одбрана на 2 проценти од БДП, што во 2024 година значеше зголемување за околу 50 милиони евра од вкупната сума за одбрана која достигна околу 327 милиони евра.

Во тоа време кога беше зголемен буџетот на 2 отсто министерка за одбрана беше Славјанка Петровска.

Петровска за Радио Слободна Европа вели дека одбранбениот буџет на Северна Македонија мора да биде доволно голем за да одговори на современите безбедносни предизвици, како на национално ниво, така и како дел од НАТО.

Таа потсетува дека од 2018 година започнал трендот на зголемување на буџетот за одбрана со цел интензивирање на модернизацијата на Армијата, како и за подобрување на животниот стандард на воениот персонал и вработените во Министерството за одбрана. Иако вели дека буџетот продолжува да расте, Петровска нагласува дека тој е сè уште недоволен, бидејќи не ги земал предвид растечките трошоци во одбранбената индустрија.

„За очекување е буџетот на одбраната на Северна Македонија да порасне до 3 проценти во наредната година, но не подоцна од наредните две години“, вели Петровска.

Паралелно, таа нагласува дека е неопходно да продолжат проектите од стратегијата за "Паметна одбрана", која вклучува: Заеднички набавки со НАТО-сојузниците; Производство на електрична енергија за сопствени потреби; Рационализација на трошоците преку елиминирање на несуштински активности.

„Ова ќе придонесе кон рационализација на буџетот и секако повеќе средства за инвестиции и гарантирање на животниот стандард на вработените“, вели Петровска.

Милијарда евра за модернизација во следните десет години

Клучни аспекти на модернизација на Армијата според Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 (ДПРОС) е да се подобри интероперабилноста со НАТО и да се зголеми мобилноста и заштитата на армискиот персонал.

Според документот, Буџет за модернизација во периодот 2023-2032 е предвиден на 955 милиони евра, што е 28 проценти од целокупниот одбранбен буџет за опремување и модернизација​.

Професор Хаџи Јанев вели доколку дојде до генерално зголемување на буџетот за одбрана, фокусот треба да биде на подобрување на капацитетите – како во однос на персоналот, така и на техниката и опремата.

Тој посочува дека паметен пристап за модернизација би бил инвестиција во dual-use технологии, каде што иновациските решенија ќе можат да се применат и во други сектори како медицината, земјоделието, транспортот и енергетиката.

Дополнително, Хаџи Јанев истакнува дека мора да се вложи во образованието за да се создаде квалификуван кадар кој ќе може да го води процесот на модернизација. Наместо површно гледање на ова прашање, професорот повикува на сериозна експертска дебата, која ќе помогне да се најдат одржливи решенија.

„Внимавајте, ние 30 години го девастиравме и пустошевме овој сектор пред се од лакомоста на политичките елити и плиткоста и наивноста кај безбедносните и одбранбените лидери“, вели Хаџи Јанев.

Според Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 (ДПРОС), модернизацијата на Армијата предвидува набавки на воена опрема вклучително:

Лесни оклопни возила (ЛОВ) со зголемена заштита, огнена моќ и противоклопни способности​, како и противоклопни системи – MANPAT (Man portable Anti Tank) за противоклопна борба на блиски и средни далечини;

Исто така, набавка на Артилериски системи – хаубици со калибар 105 мм за индиректна огнена поддршка со дострел до 20 км​.

Потоа системи за противвоздушна одбрана (ПВО) – компатибилни со НАТО системите, како и воздухопловни капацитети – набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери​.

Системи за сајбер-одбрана – заштита од кибернетски закани и зајакнување на комуникациските мрежи и Балистичка заштита – нови панцири, шлемови и лична заштитна опрема за сите единици и друго.

За зголемување на буџетите за одбрана размислуваат и 23-те членки на ЕУ кои се дел од НАТО.

НАТО сојузниците ќе ги зголемуваат буџетите

Европската одбранбена агенција (EDA) во своите годишни извешта за одбранбени трошоци наведува дека Буџетот за одбрана на земјите на ЕУ е зголемен од 279 милијарди евра во 2023 година на 326 милијарди евра во 2024 година.

Ова покажува дека продолжува трендот на раст што трае неколку години, со значително забрзување од 2022 година со руската инвазија врз Украина.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека 23-те членки на ЕУ кои се дел од НАТО најверојатно ќе се согласат на зголемување на целта за одбранбени трошоци над сегашните 2 проценти од БДП на претстојниот самит на Алијансата во јуни, објави Ројтерс.

На вчерашниот неформален состанок на лидерите на ЕУ , а на кој им се придружи и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте беа разгледани различни аспекти од иднината на одбраната во ЕУ, како што се колективните способности, средствата за финансирање и односите со стратешките партнери. Договорено е Европската комисија во март да ја претстави својата Бела книга за иднината на европската одбрана , за која формално ќе се дебатира меѓу лидерите на ЕУ за време на редовниот состанок на Европскиот совет во јуни.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG